Свет
Зеленски им се заблагодари на САД по најавата за помош на Киев од речиси осум милијарди долари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му се заблагодари на американскиот претседател Џозеф Бајден откога беше најавено дека САД ќе му испратат воена помош на Киев во вредност од речиси осум милијарди долари и ќе воведат нови санкции против Русија.
„Во име на украинскиот народ и нашите храбри воини на фронтот, му благодарам на нашиот најблизок сојузник, Соединетите Американски Држави, што најде начин да ја отстапи преостанатата безбедносна помош за Украина и да обезбеди претседателските овластувања да траат до крајот на фискалната година во САД“, напиша Зеленски на својата сметка на мрежата Х.
Тој посочи дека Киев ќе ја искористи новата американска помош за на најефикасен начин да ги постигне главните цели, односно победата на Украина, праведен и траен мир, како и трансатлантска безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Путин е најголемиот воен злосторник на денешницата

Кремљ денеска соопшти дека ставовите на германскиот канцелар Фридрих Мерц за мировните преговори за Украина треба да се игнорираат откога Мерц рече дека Владимир Путин е „можеби најсериозниот воен злосторник на нашето време“.
Во интервју емитувано вчера Мерц нагласи дека нема простор за попустливост за таквите луѓе.
Putin ist ein Kriegsverbrecher. Er ist vielleicht der schwerste Kriegsverbrecher unserer Zeit, den wir im großen Maßstab sehen. Wir müssen uns darüber im Klaren sein, wie man mit Kriegsverbrechern umgeht: Da ist Nachgiebigkeit fehl am Platz.
— Bundeskanzler Friedrich Merz (@bundeskanzler) September 2, 2025
Русија ги отфрла сите обвинувања дека нејзините сили извршиле воени злосторства во Украина или дека Путин издал наредби што би можеле да се сметаат за воени злосторства.
На прашањето на новинарите за време на посетата на Кина за предлогот на Мерц за одржување мировни преговори во Женева, портпаролот Дмитриј Песков рече дека речиси е невозможно да се земат предвид ставовите на Мерц по неговите неодамнешни изјави.
Иако Мерц претходно ја обвини Русија како држава за сериозни воени злосторства и тероризам против цивилното население за време на неговиот мандат како канцелар, директното етикетирање на Путин како потенцијално најлош воен злосторник на нашето време означува невидена ескалација во неговата реторика.
Коментарите на Мерц доаѓаат во време кога продолжуваат меѓународните правни постапки против Путин. Во март 2023 година Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател под сомнение за нелегално депортирање деца од Украина.
Постоењето на налогот за апсење значително ги комплицира дипломатските напори. На пример, австриското Министерство за надворешни работи неодамна соопшти дека земјата е подготвена да биде домаќин на мировни преговори меѓу украинските и руските лидери. Виена посочи дека би можела да се консултира со Меѓународниот кривичен суд за да се избегне апсењето на Путин за време на евентуална посета.
Фото: ЕПА
Свет
Шји Џјинпинг: Кина стои непоколебливо на вистинската страна на историјата

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг во говорот на собирот по повод годишнината од Втората светска војна рече дека денес човештвото повторно е предизвикано помеѓу мир и војна, дијалог и конфронтација.
„Кинескиот народ стои непоколебливо на вистинската страна на историјата, на страната на цивилизацијата и напредокот на човештвото, решително чекори по патот на мирен развој и работи заедно со остатокот од светот за да изгради заедница со заедничка иднина за целото човештво“, рече тој, според Кинеската медиумска група (CMG).
„Историјата нè предупредува дека судбината на човештвото е испреплетена и дека сите држави и сите нации ќе може да ја зачуваат заедничката безбедност, да ги искоренат коренските причини за војната, како и да избегнат повторување на трагедијата, само ако се однесуваат едни кон други еднакво, мирно коегзистираат и си помагаат едни на други“, додаде тој.
Историските факти, изјави тој, носат товар од минатото, но исто така даваат инспирација за иднината.
„На патот кон новата ера членовите на сите етнички групи во земјата треба, под решително водство на Комунистичката партија на Кина, инсистирајќи на марксизмот и ленинизмот, мислите на Мао Ѕе Дунг, теоријата на Денг Сјаопинг и погледот на научниот развој, сеопфатно да ја реализираат мислата за социјализмот со кинески карактеристики во новата ера, непоколебливо да го следат патот на социјализмот со кинески карактеристики, да го наследат и пренесат големиот дух на војната на отпорот, да работат упорно и храбро напред, како и да се борат заедно за изградба на моќна држава во секој аспект преку модернизација во кинески стил, но и за целта на големото подмладување на кинеската нација“, рече кинескиот лидер.
Тој додаде дека процесот на големо подмладување на кинеската нација е незапирлив и дека благородната работа за мир и развој на човештвото сигурно ќе победи.
Свет
Лавров: Русија бара меѓународно признавање на анектираните украински територии

За да се обезбеди траен мир, Русија бара украинските области анектирани од Москва да бидат меѓународно признати како дел од нејзината територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју објавено денес.
Рускиот претседател Владимир Путин побара од Киев да ѝ предаде четири украински региони на Русија, чија анексија беше објавена во септември 2022 година, покрај Крим анектиран во 2014 година, и Украина да се откаже од своите планови за влез во НАТО. Ова се неприфатливи услови за украинските лидери и нивните западни сојузници.
Украина бара руската армија целосно да се повлече од својата територија. Русија окупира речиси 20 проценти од Украина.
„За мирот да биде траен, новите територијални реалности што се појавија треба да бидат признати и формализирани во согласност со меѓународното право“, рече Лавров во интервју објавено на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Неговиот украински колега Андриј Сибига бргу реагира на овие изјави:
„Нова серија, стари ултиматуми. Русија не ги промени своите брутални цели и не покажува расположение за значајни преговори“, напиша тој на социјалните мрежи.
Тој додаде дека ова докажува оти „апетитот на агресорот се зголемува само кога не е подложен на притисок и сила“.
„Време е да се справат со руската воена машинерија и да се воведат строги нови санкции“, додаде тој.