Свет
Зеленски: Нема причина за страв, границите на земјата се сигурни
Немате причина за непроспиена ноќ. Со овие зборови претседателот на Украина, Владимир Зеленски, им се обрати на граѓаните за состојбата во земјата.
Во видеообраќањето што го објави на својот инстаграм-профил, тој исто така рече дека границите на земјата се сигурно заштитени и дека партнерите ја поддржуваат Украина.
Претседателот на Украина рече и дека одлуката на Русија да ја признае независноста на републиките во Донбас значи кршење на суверенитетот и интегритетот на Украина и еднострано напуштање на договорите од Минск.
„Последните потези на Русија за Украина недвосмислено значат повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет на нашата земја. Целата одговорност за последиците од споменатите одлуки е на политичкото раководство на Русија“, рече тој во своето обраќање до нацијата.
Зеленски посочи дека Киев иницирал вонреден состанок на нормандската четворка (Русија, Украина, Франција, Германија).
Киев е посветен на политичко-дипломатско решение на проблемот и нема да подлегне на провокации, туку го задржува правото на индивидуална и колективна одбрана“, рече украинскиот претседател.
Тој додаде и дека руските власти со овие одлуки ги легализираат своите сили, кои се наоѓаат во Донбас од 2014 година.
„ Никому ништо не должиме и никому ништо нема да предадеме“, пoрача Зеленски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе прогласи дека постојат само два пола
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по преземањето на функцијата ќе издаде извршни наредби со кои ќе се намалат програмите за различност и ќе прогласи дека американската федерална влада ќе признае два пола, машки и женски, објави нов претставник на Белата куќа.
За време на неговиот прв мандат, Трамп најави дека ќе им забрани на трансродовите војници да служат војска, а неговата администрација го замрзна вработувањето на трансродови лица.
Бајден ја поништи таа одлука кога ја презеде функцијата во 2021 година.
Родовите прашања беа дел од стампедото наредби за теми од имиграција до енергетика што утринава ги објавија новите претставници на Белата куќа.
Трамп ја презема функцијата во 18:00 часот по средноевропско време.
Свет
Бајден го објави последното селфи од Белата куќа
Во тек е инаугурацијата на Доналд Трамп. Церемонијата во црквата е завршена, по што Трмп се упати кон Белата куќа.
Додека Бајден чека Трамп да дојде кај него, тој објави селфи со Џил Бајден на „Икс“ – последното од Белата куќа.
Двојката наскоро ќе ги угости Доналд и Меланија Трамп на чај, а потоа ќе се упатат кон зградата на Капитол на инаугурацијата.
„Последно селфи. Те сакаме Америка“, напиша Бајден во описот на фотографијата.
One more selfie for the road. We love you, America. pic.twitter.com/71k46uGADV
— President Biden (@POTUS) January 20, 2025
Свет
Трамп најави дека ќе објави доверливи документи за атентатите на Кенеди и Мартин Лутер
Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, изјави дека во наредните денови ќе објави доверливи документи поврзани со атентатите на американскиот претседател Џон Кенеди, сенаторот Роберт Кенеди и лидерот за граѓански права Мартин Лутер Кинг помладиот.
Трамп, кој се враќа во Белата куќа во понеделник, вети за време на кампањата дека ќе ги објави досиејата на доверливи разузнавачи и органи за спроведување на законот за атентатот на Џон Ф.
Тој даде слично ветување за време на неговиот мандат од 2017 до 2021 година и всушност објави некои документи поврзани со атентатот во 1963 година. Но, тој на крајот попушти под притисокот од Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и Федералното биро за истраги (ФБИ) и чуваше значителен дел од документите во тајност, наведувајќи загриженост за националната безбедност.
„Во наредните денови ќе ги објавиме преостанатите досиеја поврзани со атентатите на претседателот Џон Кенеди, неговиот брат Роберт Кенеди и д-р Мартин Лутер Кинг помладиот, меѓу другите теми од голем јавен интерес“, рече Трамп на митинг во центарот на Вашингтон, ден пред тој ќе ја преземе функцијата за втор мандат.
Трамп не прецизираше кои документи ќе бидат објавени, ниту пак вети целосна декласификација.