Свет
Зеленски: Украина редовно ќе користи свои балистички ракети во иднина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека Украина успешно ги користела ракетите „Нептун“ и дека ќе дојде време кога редовно ќе ги користи своите балистички ракети.
Зеленски зборуваше за време на Меѓународниот форум на одбранбената индустрија, нагласувајќи дека еден од приоритетите е максимално зголемување на производството на пресретнувачки беспилотни летала за соборување беспилотни летала од типот „Шахед“, објави украинскиот „Униан“.
„Во моментов има одреден дефицит, но работиме на тоа. Истото важи и за развојот на украинските балистички способности. Успешно го користевме „Нептун“ – нашите крстосувачки ракети – неколку пати. Ќе дојде време кога редовно ќе ги користиме сопствените балистички ракети“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.
Тој нагласи дека ова е една од клучните безбедносни цели за државата, како и за сите компании и поединци кои учествуваат во развојот на украинската ракетна програма. „Поседувањето сопствена ефикасна балистика е една од гаранциите за безбедност“, рече украинскиот претседател.
Зеленски, исто така, истакна дека од почетокот на војната, потенцијалот на украинската одбранбена индустрија се зголемил многукратно и дека за следната година се проценува дека производствениот капацитет на беспилотни летала и ракети ќе достигне 35 милијарди долари.
Фото: принтскирн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.
Свет
Северна Кореја ги осуди нападите врз Иран: „Нелегална агресија“
Северна Кореја ги осуди израелските напади и американската воена операција против Иран, нарекувајќи ги „нелегална агресија“ и кршење на националниот суверенитет, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на државната агенција КЦНА.
Портпаролот на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавил дека американската операција била очекувана и ја оценил како неизбежен исход поради, како што навел, хегемонистичката и гангстерска природа на САД. Во соопштението се наведува дека агресорската војна на САД и Израел е неприфатлива во какви било околности.
Пјонгјанг повика регионалните земји и другите заинтересирани страни да преземат одговорност за воспоставување мир и стабилност на Блискиот Исток.
Израелската војска претходно објави дека почнала опсежни напади врз центарот на Техеран, по операцијата во која беше убиен иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Фото: Depositphotos
Свет
Путин со сочувство до Иран, нападите ги нарече цинично кршење на меѓународното право
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изрази длабоко сочувство до иранскиот претседател Масуд Пезешкијан по повод убиството на врховниот лидер Али Хамнеи и членовите на неговото семејство, соопшти Кремљ.
„Ве молам примете го моето најдлабоко сочувство по повод атентатот врз врховниот лидер на Исламската Република Иран, Сејед Али Хамнеи, и членовите на неговото семејство, извршен во цинично кршење на сите норми на човечкиот морал и меѓународното право“, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Хамнеи беше убиен во саботата наутро во нападите што ги извршија Израел и Соединетите Американски Држави, потврди утрово иранската влада, а пренесоа иранските државни медиуми.
Во саботата САД и Израел започнаа серија удари врз ирански цели, вклучително и во Техеран, при што беше предизвикана материјална штета и цивилни жртви. Потоа Иран возврати со ракетни напади врз израелска територија и врз американски воени објекти на Блискиот Исток.

