Свет
Израелската армија отпушти двајца високи офицери поради убиство на хуманитарни работници
Израелската војска соопшти дека отпуштила двајца офицери и укорила уште тројца за нивната улога во нападите со беспилотни летала во Газа, во кои загинаа седум хуманитарни работници во мисија за испорака на храна велејќи дека тие лошо постапувале со критични информации и ги прекршиле воените правила.
Наодите од истрагата на пензионираниот генерал за убиствата во понеделникот го одбележаа признанието на Израел, кој се соочува со сè поголеми обвинувања од клучните сојузници, вклучително и САД, дека не прави доволно за да ги заштити цивилите во Газа за време на војната со Хамас.
Според „Гардијан“, наодите, веројатно, ќе го обноват скептицизмот во однос на донесувањето одлуки на израелската војска. Палестинците, хуманитарните групи и организациите за човекови права постојано ги обвинуваат израелските сили дека неселективно пукаат врз цивили за време на конфликтот, што Израел го негира.
„Ова е трагедија. Ова е сериозен настан за кој сме одговорни и не требаше да се случи и ќе се погрижиме да не се повтори“, изјави за новинарите портпаролот на армијата, Даниел Хагари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Веднаш пронајдете засолниште“: доаѓа Мелиса, најсилниот ураган во историјата
Ураганот Мелиса бргу се засили во текот на викендот и сега достигна статус од категорија 5 со ветрови од 160 километри на час. Националниот центар за урагани (NHC) предупредува дека Мелиса ќе ја погоди Јамајка во вторник како најсилниот ураган што некогаш го погодил островот.
Озлогласениот рекорд претходно го држеше ураганот Гилберт во 1988 година, кој имаше ветрови до 210 километри на час. Мелиса се формира како група грмотевици покрај западниот брег на Африка, потоа го премина Атлантикот и се разви во тропска бура северно од Венецуела на 21 октомври.
Се очекуваат од 380 до 760 милиметри дожд, а некои области на јужен Хаити и Јамајка би можеле да добијат повеќе од 1.000 милиметри. Ураганот се движи многу бавно, со брзина од само неколку километри на час, што го зголемува ризикот од долгорочно уништување.
„Побарајте засолниште сега“, соопшти NHC во недела наутро. „Штетните ветрови и обилните врнежи од дожд во текот на неделата и понеделникот ќе предизвикаат катастрофални поплави и многубројни лизгања на земјиштето пред да пристигнат најсилните налети на ветер в понеделник навечер и во вторник наутро“.
Мелиса веќе носи обилни дождови и тропски бури на Хаити, каде што се очекуваат поплави и лизгања на земјиштето, со потенцијално смртоносни последици, објавува Си-ен-ен.
Според најновите извештаи, најмалку три лица загинаа на Хаити, а четвртото во Доминиканската Република, каде што уште едно лице е исчезнато. Мелиса моментно се движи над невообичаено топлите океански води, потопли од просекот за ова време од годината, што дополнително го поттикнува и зајакнува ураганот. Топлите океански води поттикнуваат силни грмотевици и нагорни струења поради што Мелиса развила јасно, добро дефинирано око, знак дека станува збор за целосно формиран и многу моќен систем.
Симптомолозите предвидуваат дека Мелиса ќе ја задржи својата деструктивна моќ и ќе се движи многу бавно кон Карибите во следните неколку дена зголемувајќи го ризикот од долгорочни поплави и уништување. Потоа Мелиса би можела да ја погоди југоисточна Куба, каде што се очекуваат слични количини врнежи од вторник навечер до среда. Фактот дека овој ураган е невообичаено бавен е дополнителен проблем.
„Ниедна област нема да биде поштедена од разорната моќ на овој ураган“, рече Томпсон од Метеоролошката служба на Јамајка во саботата. „Бурата ќе остане над истата област носејќи обилни врнежи од дожд додека едвај се движи, што е сериозен предизвик, под услов прогнозите да се остварат“, предупреди тој.
Фото: принтскрин
Свет
Младите жени во Минхен се плашат да користат јавен превоз
Минихнскиот младински совет спроведе анкета меѓу жителите на баварската престолнина под 27 години со цел да утврди колку се чувствуваат безбедно младите во јавниот превоз. Резултатите покажаа загрижувачки трендови, особено кога станува збор за млади жени, објавува „Зидојче цајтунг“.
Додека повеќе од 95 проценти од младите изјавиле дека се чувствуваат безбедно во автобуси, метро и возови во текот на денот, ситуацијата драстично се менува ноќе – само 54 проценти од испитаниците се чувствуваат безбедно кога ќе се стемни.
Особено загрижувачки е фактот дека дури 75 проценти од младите жени целосно го избегнуваат јавниот превоз ноќе, а 38 проценти од мажите го искажаа истиот став. Истражувањето исто така откри дека 28 проценти од младите жени пријавиле дека биле жртви на сексуално вознемирување во јавниот превоз.
Истражувачите ги оценија овие податоци како шокантни и ги повикаа градските власти и транспортните компании итно да ги подобрат безбедносните мерки, да го зголемат присуството на обезбедувачи и да го подобрат осветлението на станиците и во возилата.
Фото: принтскрин
Свет
Владата на Литванија: Ја затвораме границата со Белорусија
На состанокот в среда литванската влада ќе разгледа предлог за затворање на литванско-белоруската граница на неодредено време, со исклучоци за дипломатите и граѓаните на ЕУ што патуваат од Белорусија, објави литванската премиерка Инга Ругињене додавајќи дека земјата не ја исклучува можноста за свикување консултации за активирање на Членот 4 од НАТО.
„Владата ќе одржи состанок о среда, а ние веќе подготвивме одлука за затворање на границата со Белорусија на неодредено време, со одредени исклучоци. Ова значи дека дипломатите и дипломатските пакети ќе може да патуваат, како и нашите граѓани и граѓаните на ЕУ од Белорусија, но целиот друг сообраќај ќе биде затворен“, рече Ругињене на прес-конференцијата што ја емитува порталот „Делфи“.
Таа изјави дека Литванија ќе ги координира санкциите со Европската Унија и, доколку е потребно, ќе побара активирање на тимот за хибриден одговор на НАТО.
„Министерството за надворешни работи на Литванија доби јасни задачи, пред сè, да координира со Европската Унија пакет дополнителни санкции против Белорусија. И тоа ќе биде направено за кратко време“, изјави Ругињене и додаде дека активно се консултираат и комуницираат со своите сојузници и соседи Полска и Латвија. Иако дипломатска пошта ќе може да се испраќа преку границата, на дипломатите ќе им биде дозволено да ја преминат границата, а на граѓаните на Литванија и на земјите од Европската Унија ќе им биде дозволено да влезат од белоруска страна, сите други движења ќе бидат затворени, истакна Ругињене.
„Вака испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека тука нема да се толерира никаков хибриден напад и дека ќе ги преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме ваквите напади“, истакна таа и додаде дека армијата ќе ги собори балоните.
Владата, рече таа, ќе се обиде да го измени и Кривичниот законик: ќе се предложи да се заострат казните за шверц, а покрај казните, сега се дискутира дека би можеле да се вклучат и затворски казни, рече таа, пренесува „Танјуг“.
Повеќе од 170 лета беа прекинати кога литванскиот воздушен простор беше затворен четирипати во изминатата недела поради шверцувани балони од Белорусија, изјави Видас Кшанас, директор на Одделот за безбедност, сигурност и отпорност на литванските аеродроми (LTOU).
Тој вели дека тоа влијаело на движењето на повеќе од 27.000 луѓе. „Имавме особено голем број прекини оваа недела – ако соберам колку летови беа прекинати, тоа се повеќе од 170. Тоа е огромен број патници, 27 илјади патници доживеаја непријатности оваа недела“, изјави Кшанас за радио ЛРТ.
Членот 4 им овозможува на земјите да повикаат на преговори со НАТО „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Постапката е активирана само деветпати во историјата на НАТО, но релативно неодамна ја иницираа Полска и Естонија по два инцидента со руски повреди на воздушниот простор во септември, објавува „Ројтерс“.
Фото: принтскрин

