Свет
Израел: Војната против Хамас ќе трае повеќе од неколку месеци
Војната на Израел против Хамас во Газа ќе трае повеќе од неколку месеци, изјави министерот за одбрана, Јоав Галант, пред високи американски претставници во Тел Авив.
„Тие изградија подземна и надземна инфраструктура и не е лесно да се уништи“, рече Галант за време на разговорот со американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан.
„Ќе биде потребно време – ќе потрае повеќе од неколку месеци, но ние ќе победиме“, рече Галант.
Тој им се заблагодари на САД за континуираната помош за Израел и напорите за ослободување на заложниците киднапирани од Хамас во нападот врз Израел на 7 октомври.
По средбата, Саливан се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со други членови на воената влада.
САД разговараа со израелското раководство за можна транзиција кон воени операции со помал интензитет во Газа, објави Белата куќа.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека сака Израел да се фокусира на тоа како да спаси цивилни животи во Газа.
„Сакам да бидат фокусирани на тоа како да спасат цивилни животи, да не ги запираат нападите против Хамас, туку да бидат повнимателни“, рече Бајден.
На прашањето за времетраењето на војната Кирби рече дека САД не им диктираат на Израелците колку долго треба да трае војната.
Во четвртокот Израел продолжи да го гаѓа Појасот Газа и покрај интензивните меѓународни повици за заштита на цивилите и ширење на смртоносни болести меѓу раселените жители.
Во нападите израелската армија убила најмалку 18.600 луѓе, а ранила 50.000, тврди Министерството за здравство во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.
Свет
Германски министер: И Берлин размислува за забрана за испраќање оружје во Израел
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, рече дека Берлин размислува за слични чекори по американската закана дека ќе запрат дополнителни испораки на оружје за Израел доколку извршат голем напад врз градот Рафа во јужниот дел на Газа.
„За ова во моментов се разговара“, изјави министерот за германскиот медиум ЗДФ во четвртокот навечер. Сепак, одговорноста за тоа е на канцеларката и на Министерството за надворешни работи, додаде тој.
За тоа зборуваа „зад затворени врати“. На прашањето дали го разбира потегот на американската влада, Писториус рече: „Да, можам да го разберам тоа“.
Израелските операции во Рафа во моментов се главно ограничени на источниот дел на градот, каде на почетокот на неделата беше издадена наредба за евакуација.
САД се главниот поддржувач на Израел, но претседателот Џо Бајден се закани дека дополнително ќе ги прекине испораките доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху започне голема офанзива. Израел вели дека целта на операцијата Рафа е да се елиминира палестинската екстремистичка организација Хамас.
Свет
Орбан по средбата со кинескиот претседател: Ја прошируваме соработката и во нуклеарната индустрија
Кина и Унгарија ќе тргнат на „златно патување“ во билатералните односи, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години.
За време на десничарскиот Орбан, Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји од ЕУ кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот.
Си пристигна во Будимпешта по посетата на Франција и Србија. Во Париз, претседателот Емануел Макрон и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го притиснаа да обезбеди порамномерна трговија со Европа и да го искористи своето влијание со Русија за да стави крај на војната во Украина.
По средбата, Си и Орбан изјавија дека нивните земји го подигнале нивото на соработка на „сеопфатно стратешко партнерство“.
„Сметаме дека ова е нова почетна точка за подигање на билатералните односи и прагматичната соработка на повисоко ниво“, рече кинескиот претседател.
Тоа, меѓу другото, значи дека двете земји ја прошируваат соработката и во нуклеарната индустрија, рече Орбан.
Двете земји, исто така, ќе постигнат напредок во изградбата на клучните проекти, вклучително и проектот за реконструкција на железницата Будимпешта-Белград, рече кинескиот претседател.
Проектот вреден 2,1 милијарди долари, најголемиот дел финансиран со заем од Кина, е дел од Иницијативата „Појас и пат“, амбициозен план започнат од Си пред една деценија со надеж за изградба на глобални инфраструктурни и енергетски мрежи што ќе ја поврзат Азија со Африка и Европа.
Унгарија и Кина, исто така, ќе започнат со подготовки за брза железница што ќе го поврзува центарот на Будимпешта и нејзиниот аеродром, рекоа министрите.
Кина и Унгарија ја слават 75-годишнината од дипломатските односи.
Орбан почна да ја приближува својата земја до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.