Свет
Илон Маск: Нема шанси Путин да изгуби во Украина
Милијардерот и претприемач Илон Маск ги предупреди американските сенатори дека нема шанси рускиот претседател Владимир Путин да изгуби во Украина.
На главниот извршен директор на компанијата „Тесла“ во коментирањето на ситуацијата во Украина му се придружија сенаторите Рон Џонсон, Џеј-Ди Венс и Мајк Ли, како и поранешниот републикански кандидат за претседателска номинација, Вивек Рамасвами, и претприемачот и инвеститор, Дејвид Сакс, на X-форумот. Сите тие се против испраќање американска помош во Киев.
Џонсон, сенатор од Висконсин, рече дека оние што ја очекуваат победата на Украина „живеат во свет на фантазии“.
„Мораме да го елиминираме тоа“, рече Венс за пакетот помош од 95 милијарди долари, кој вклучува 60 милијарди долари помош за Украина, како и финансирање за Израел, Тајван и хуманитарна помош за Газа.
Маск додаде дека дополнителното испраќање помош во Киев само ќе го продолжи конфликтот. „Ова трошење не ѝ помага на Украина. Продолжувањето на војната не ѝ помага на Украина“, рече тој.
Според „Блумберг“, ова не е првпат Маск да ја доведува во прашање способноста на Украина да излезе од конфликтот како победник, што предизвика жестоки критики и од Киев и од демократските членови на Конгресот, кои тврдат дека помагањето за одбрана на Украина е во интересот на Америка.
Маск изјави и дека негов интерес е да се запре смртта на луѓето од двете страни и додаде дека се сомнева во мудроста на соборувањето на Путин, пренесува „РТ Балкан“.
„Оние што сакаат промена на режимот во Русија треба да размислат за тоа која е личноста што би можела да го отстрани Путин и дали таа личност ќе биде миротворец? Веројатно, не“, рече Маск.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

