Европа
Инциденти од Белата куќа: Кучето на Бајден каснало најмалку десет членови на Тајната служба

Помладото куче на американскиот претседател Џо Бајден, германскиот овчар Командант, е познат по честите инциденти кои ги предизвикува, што создава страв кај персоналот кој е во близина на претседателот Бајден, пишуваат светските медиуми. Нападнал или каснал десет членови на Тајната служба во Белата куќа и во Делавер, се наведува во електронската кореспонденција на американската тајна служба, пренесува Си-Ен-Ен.
22-месечниот Командант пристигнал во Белата куќа во 2021 година. Белата куќа тврди дека семејството Бајден по инцидентите работеле на тренирање на семејното милениче.
Претходно, во околината на Бајден имаше слични проблеми. Претходното куче на претседателот, германскиот овчар Мајор, касна неколку луѓе во Белата куќа, што подоцна го чинеше иселување од резиденцијата на американскиот претседател, пренесува медиумот.
„Наместо да ги заштити своите агенти, Тајната служба се обиде незаконски да сокрие документи за злоупотреба на нивните вработени од страна на семејството Бајден“, изјавил Том Фитон, претставник на Судскиот огранок.
Вниманието на медиумите го привлекло тоа што Белата куќа објавила информации за само два такви „ситни“ инциденти, додека, судејќи според објавената кореспонденција, како што пишуваат медиумите, имало многу повеќе.
Во еден од инцидентите опишани во кореспонденцијата на Тајната служба, офицер бил испратен во локална болница во ноември 2022 година, откако куче го каснало за раката и бутот. Други инциденти се случиле кога Командантот слободно се шетал во дворот на Белата куќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.