Свет
Иран ги отфрли шпекулациите за убиство на американски амбасадор
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Катибзадех, ги отфрли обвинувањата дека Техеран размислува за извршување атентат како одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани на почетокот на годинава, пренесува „Спутник“.
Тврдењата ги изнесе „Политико“, кој се повикува на неименувани американски извори, кој пишува дека целта може да биде американската амбасадорка во Јужна Африка.
„Ги советуваме американските власти да престанат да прибегнуваат кон банални и истрошени методи за антииранска пропаганда на меѓународната сцена“, рече Катибзадех.
Тој ги опиша обвинувањата како дел од контраразузнавачката кампања на администрацијата на Трамп против Иран критикувајќи го извештајот на „Политико“ како текст по нарачка, пристрасен и наменски.
Катибзадех нагласи дека е предвидливо Вашингтон да прибегне кон антиирански обвинувања и фалсификување пред претседателските избори во САД заедно со притисоците на американскиот режим да ги злоупотреби механизмите на Советот за безбедност на ОН за засилен притисок врз народот на Иран.
Тој посочи дека ваквото фабрикување вести ќе продолжи и во иднина, но несомнено нема да одведе никаде завршувајќи на долгата листа на континуирани порази на Вашингтон пред Иран.
Катибзадех ја нарече својата земја одговорна членка на меѓународната заедница, која ја докажала својата постојана посветеност на меѓународните дипломатски принципи и норми.
„Спротивно на тоа, САД и актуелниот режим во Белата куќа ги игнорираат основните дипломатски принципи и станаа лажен режим на меѓународната арена организирајќи и спроведувајќи десетици заговори за атентат, повлекувајќи се од многу меѓународни договори, кршејќи го територијалниот интегритет на нациите и организирајќи го кукавичкти атентат врз генералот Касем Сулејмани, чесниот командант на борбата против тероризмот“, истакна портпаролот.
Тој вети дека Иран ќе продолжи со меѓународно правно дејство на сите нивоа во врска со криминалното убиство на генералот Сулејмани и дека ниту ќе го прости ниту ќе го заборави терористичкиот чин.
Во меѓувреме, изворите на „Политико“ велат дека не знаеле зошто американската амбасадорка во Јужна Африка, Лана Маркс, е сметана за цел од Техеран бидејќи таа има „малку, ако воопшто ги има, познати врски со Иран“. Беше сугерирано дека Маркс ќе биде полесна цел од другите американски дипломати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.