Свет
ЦИА: Иран сака да ја убие американската амбасадорка во Јужна Африка
Иран размислува за обид за атентат врз американската амбасадорка во Јужна Африка како претпочитан метод на Иран за одмазда за убиството на генералот Касем Сулејмани во јануари, пренесува „Политико“ цитирајќи повеќе извори на разузнавачки служби на САД и документот на ЦИА за глобални закани.
Иако во тоа време Техеран возврати со истрелување ракети врз базите на американската армија во Ирак, американските жртви беа мали, а повеќето израелски и американски разузнавачки служби тогаш изјавија дека веројатно ќе има нови обиди за одмазда.
„Политико“ вели дека американските власти биле свесни за општата закана против амбасадорката Лана Маркс (66) од пролетта. Маркс положи заклетва како амбасадор на САД минатиот октомври. Но, разузнавачките информации за заканата кон неа станаа поконкретни во последните неколку недели, се вели во извештајот, истакнувајќи дека иранската амбасада во Преторија е вклучена во заговорот.
Овој заговор сè уште не е конкретизиран, а Техеран разгледува и други опции за одмазда, стои во извештајот.
Директивата на разузнавачката заедница позната како Duty to Warm бара од американските разузнавачки агенции да ја известат потенцијалната жртва ако разузнавачките информации укажуваат дека нејзиниот живот може да биде во опасност. Ако се таргетирани претставници на американската влада, во нивните брифинзи и безбедносно планирање се додаваат и веродостојни закани. Маркс е информирана, а заканата е внесена во Светскиот разузнавачки преглед на ЦИА.
Иран со децении оперира со тајни мрежи во Јужна Африка, а „Ал џезира“ и „Гардијан“ известуваа за неговата тајна мрежа во 2015 година.
Изворите на „Политико“ велат дека Маркс може да биде цел и поради нејзината наводна блискост со Трамп и поради намалените безбедносни мерки во споредба со Европа, иако Иран таму извршуваше операции во минатото. Нападот на европска почва во овој момент може да ја поткопа и поддршката на ЕУ за позицијата на Иран во нуклеарниот ќор-сокак со САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.