Свет
Иран никогаш нема да ги прифати понижувачките услови на новиот трговски механизам на ЕУ
Новиот платежен систем воведен од Франција, Германија и од Велика Британија минатата недела за да се овозможи легитимна трговија со Иран има ограничен капацитет и понижувачки услови и Иран никогаш нема да го прифати тоа, тврди шефот на судството на Иран, ајатолахот Садек Амоли Лариџани, пренесува РТ.
„По девет месеци одолговлекување и преговори, Европејците создадоа механизам со ограничен капацитет, а не за размена на пари, туку за храна и за лекови”, изјави Лариџани за „Тасним“.
Според него, европските земји поставиле два „чудни услова“ за механизмот наречен Инструмент за поддршка на трговската размена (INSTEX). Првиот услов е Иран да се приклучи на Работната група за финансиска акција (ФАТФ), а вториот е да преговара за својата ракетна програма.
„Земјите треба да бидат свесни дека Иран во никој случај нема да ги прифати овие понижувачки услови и нема да потклекне пред никакво барање за да отвори мал премин како што е INSTEX”, рече тој.
Новиот платежен канал за „хуманитарна” трговија со Иран беше воведен по санкциите на САД и првично ќе се фокусира на најсериозните сектори за иранското население, како што се храната, фармацевтските и медицински помагала.
Меѓутоа, некои експерти велат дека механизмот е бескорисен и нема да промени ништо за европските компании бидејќи не се сигурни дека би можеле да прават бизнис со Иран без да бидат предмет на санкции од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.