Свет
Итен состанок на Г-7 поради ширењето на омикрон
Министрите за здравство на Г7 денеска ќе одржат итен состанок за новата варијанта на Ковид-19 наречена омикрон, која се шири низ светот и ги принудува земјите да ги затворат своите граници.
Состанокот го свика Британија, која претседава со Г7, а која е меѓу се поголемиот број земји кои открија случаи на новата варијанта која содржи бројни мутации.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави денеска дека ги забранува сите пристигнувања на странски посетители во земјата поради новата варијанта, наведувајќи дека оваа забрана ќе стапи на сила утре, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Луѓето кои неодамна беа во земјите погодени од новиот вид сега треба да поминат десет дена во институција одредена од владата по пристигнувањето и да се тестираат за Ковид-19 на третиот, шестиот и 10-тиот ден.
Израел, исто така, забрани влез на сите странски државјани, а САД, Велика Британија, Бразил и Канада се меѓу многу други земји кои воведоа ограничувања за патување. Видот досега е откриен во повеќе од 10 земји низ Европа, Африка и Азија. Потврдено е и во Северна Америка, а случаи се откриени и во Канада.
Сепак, сè уште не е јасно какво ниво на заштита обезбедуваат постоечките вакцини или колку брзо се шири омикронот. Највисокиот американски функционер за заразни болести, д-р Ентони Фаучи, му рече на претседателот Џо Бајден дека ќе бидат потребни околу две недели за да се добијат конечните информации за омикрон. Фаучи рече дека верува оти постојните вакцини најверојатно ќе обезбедат одреден степен на заштита од тешки случаи на ковид, а официјалните лица ја повторија својата препорака до вакцинираните Американци да добијат дополнителна доза.
Бајден денеска треба да ја информира јавноста за новата варијанта и одговорот на САД, соопшти Белата куќа.
Шефот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека на производителите на вакцини им требаат две до три недели за да добијат целосна слика за квалитетот на мутациите.
„ Знаеме дека сега сме во трка со времето“, рече Фон дер Лајен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мадуро денеска ќе биде изведен пред американски суд
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска треба да се појави пред американски суд, откако американските сили го заробија за време на викендот, додека американскиот претседател Доналд Трамп ја остави отворена можноста за уште еден напад доколку САД не постигнат договор со привремената челничка на земјата.
Трамп во неделата изјави пред новинарите дека би можел да нареди нов напад доколку Венецуела не соработува со американските напори за отворање на нафтената индустрија и запирање на трговијата со дрога.
Тој, исто така, се закани со воена акција во Колумбија и Мексико и изјави дека кубанскиот комунистички режим „изгледа како да е подготвен да падне“ сам од себе.
Изјавите на Трамп следуваат во пресрет на планираното појавување на Мадуро во понеделник пред федерален судија во Њујорк.
Мадуро беше приведен за време на воениот напад во саботата во Каракас, кој предизвика меѓународна загриженост и ја втурна Венецуела во неизвесност.
Претставници на администрацијата на Трамп го прикажаа неговото приведување како спроведување на законот со цел да одговара за кривичните обвиненија поднесени во 2020 година, кои го товарат за заговор за нарко-тероризам.
Сепак, самиот Трамп изјави дека постоеле и други причини, наведувајќи дека нападот бил делумно поттикнат од приливот на венецуелски мигранти во САД и од одлуката на таа земја да ги национализира американските нафтени интереси.
„Го враќаме она што го украдоа“, изјави Трамп во авионот „Ер форс уан“ додека во неделата се враќаше во Вашингтон од Флорида.
„Ние сме главни. Нафтените компании ќе се вратат во Венецуела и ќе ја обноват нафтената индустрија на земјата“, рече Трамп. „Ќе вложат милијарди долари и ќе вадат нафта од земјата.“
Во меѓувреме, владата на Мадуро останува на власт во Каракас.
Потпретседателката Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена челничка, изјави дека Мадуро останува претседател и го оспори тврдењето на Трамп дека таа е подготвена да соработува со САД.
Родригез, која воедно е и министерка за нафта, долго време се смета за најпрагматичен член на потесниот круг на Мадуро.
Мадуро (63) се соочува со обвиненија дека давал поддршка на големи групи за трговија со дрога, како што се картелот Синалоа и бандата Трен де Арагуа.
Обвинителите наведуваат дека управувал со рути за трговија со кокаин, ја користел армијата за заштита на пратките, прикривал насилни нарко-групи и користел претседателски објекти за транспорт на дрога.
Обвиненијата, првпат поднесени во 2020 година, беа ажурирани во саботата за да ја опфатат и неговата сопруга Силија Флорес, која се товари дека наредувала киднапирања и убиства.
Мадуро ги отфрли сите обвиненија, а може да поминат неколку месеци пред да започне судењето.
Соединетите Американски Држави го сметаат Мадуро за нелегитимен диктатор уште од прогласувањето на победата на изборите во 2018 година, кои беа обележани со обвинувања за масовни нерегуларности.
Свет
Стармер одбива да ја осуди американската акција во Венецуела, лабуристите реагираат
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека засега нема да ја осуди американската акција во Венецуела, нагласувајќи дека прво сака да „ги утврди фактите“ и да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. Истовремено, тој порача дека Обединетото Кралство „нема да пролева солзи“ поради крајот на режимот на Николас Мадуро.
Ваквиот став предизвика реакции кај дел од пратениците од Лабуристичката партија, кои американското дејствување го оценија како кршење на меѓународното право. Пратеничката Ким Џонсон праша дали Обединетото Кралство и понатаму стои зад меѓународното право и суверенитетот, додека Ричард Бургон ја нарече изјавата на Стармер „срамна и неодговорна“.
Поранешниот министер за финансии во сенка Џон Мекдонел изјави дека земјата е „практично претворена во колонија на Трамп“, обвинувајќи ја владата за избегнување јасен став. Критики упати и пратеникот Клајв Луис, кој оцени дека молкот на владата претставува јасно отстапување од Нирнбершките принципи.
Фото: depositphotos
Свет
Тајмс: Иранскиот ајатолах подготвил план за бегство во Москва доколку протестите излезат од контрола
Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи има подготвен план за бегство од земјата во случај масовните протести да излезат од контрола и безбедносните сили да му ја откажат послушноста, објави британски „Тајмс“, повикувајќи се на разузнавачки извештај.
Според наводите, рутата за бегство од Техеран е веќе испланирана, а како најверојатна дестинација се споменува Москва. Планот би се активирал доколку ајатолахот процени дека армијата и безбедносните структури ја губат контролата или одбиваат да постапуваат по наредбите.
„Тајмс“ наведува дека планот е моделиран по бегството на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој во декември 2024 година ја напушти Сирија и замина во Русија.
Во текстот се посочува дека Хамнеи контролира значителна мрежа на имот и финансиски ресурси, што, според изворите, претставува гаранција за евентуално безбедно заминување.

