Свет
Ким Џонг-ун во критична состојба?

Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, ја пропушти прославата за роденденот на неговиот дедо на 15 април, што предизвика шпекулации за неговото здравје.
Од јужнокорејската влада е соопштено дека не се забележани невообичаени активности во Северна Кореја, по непотврдените извештаи дека лидерот на оваа земја, Ким Џонг-ун, е во критична состојба по операцијата на срцето.
Претходно Си-ен-ен пренесе изјава на неименуван американски претставник, дека САД следат разузнавачки податоци дека Ким Џонг-ун е во животна опасност по операцијата. Друг неименуван американски претставник рекол за Си-ен-ен дека постои причина за загриженост за здравјето на Ким, но дека сериозноста на болеста е тешко да се процени.
Според извори на јужнокорејските медиуми, кои се повикуваат на неименувани извори од Северна Кореја, Ким бил на кардиоваскуларна хируршка процедура и речиси е во подобра состојба, но и натаму е под медицински третман во медицинскиот центар во Хјангсан, болница посветена на семејството на Ким.
Сè уште нема официјална изјава од Северна Кореја.
Според државната агенција на Јужан Кореја, „Јонхап“, Ким последен пат е виден на 11 април, претставувајќи го политичкото биро на Работничката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Полицијата го тресе граѓанскиот сектор во Белград

Невладината „Граѓански иницијативи“ соопштува дека полицијата се уште е присутна во нивните простории и дека претресот влегол во 10-ти час.
Во текот на денот, полициските службеници беа во постојан контакт со Обвинителството и побараа повеќе од 100 документи поврзани со проектот на УСАИД, иако Граѓанските иницијативи располагаат само со пет проценти од буџетот за еден проект на УСАИД, се вели во соопштението.
Како што се посочува, оваа акција доаѓа по повеќенеделни медиумски најави на провладините таблоиди и режимски медиуми дека ќе се водат истраги против граѓански организации кои добиваат меѓународна финансиска поддршка.
Ваквиот наратив, кој со години се користи за дискредитирање на организациите кои се занимаваат со владеење на правото, демократијата и заштитата на човековите права, сега е преточен во конкретни институционални потези, кои јасно ја загрозуваат слободата на здружување и дејствување, се наведува во соопштението.
Граѓанските иницијативи укажуваат дека меѓународните документи кои ја гарантираат слободата на здружување, како што се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права, јасно дефинираат дека државите не смеат да користат репресивни мерки за ограничување на работата на граѓанските организации.
Регион
Таксист од Непал протеран од Хрватска

Полициски службеници од Задар извршија кривична истрага против 34-годишен непалски државјанин, осомничен за кривично дело Фалсификување исправа. Имено, при засилен сообраќаен надзор, полициски службеници на 20 февруари во 23 часот и 56 минути запреле такси со задарски регистарски таблички управувано од 34-годишен непалски државјанин.
По натамошниот преглед и увид во странската возачка дозвола, полициски службеници се посомневале во нејзината автентичност и дека се работи за фалсификувана исправа. Возачот е приведен во полициска станица каде што била спроведена кривична истрага при што му била одземена возачката дозвола што ја користел.
Против 34-годишникот до надлежното државно правобранителство Задар е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело Фалсификување исправа. Согласно Законот за странци, на странскиот државјанин му е одземена дозволата за престој и работа и му е издадено решение за протерување од Европската економска зона со конкретен рок за напуштање и забрана за влез и престој.
Свет
Макрон: Се надевам дека го убедив Трамп да не води трговска војна со ЕУ, туку со Кина

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се надева оти го убедил американскиот претседател Доналд Трамп да не води трговска војна против Европа, туку да се фокусира на Кина.
„Не можете да имате трговска војна со Кина и Европа во исто време, се надевам дека го убедив во тоа“, изјави Макрон за Фокс њуз по средбата со Трамп во Вашингтон, пренесува бриселскиот портал Политико.
Макрон изјави дека за Вашингтон „приоритет е да се воведат царини за Кина“ и дека истовремено водење трговска војна со Европа би било против интересите на САД. Францускиот претседател рече дека се обидел да го убеди Трамп да не воведува царини, нагласувајќи дека Европа не направила ништо за да ја заслужи американската одмазда, пренесува Танјуг.
„Му реков на Трамп дека ДДВ не е царина и дека Европската унија никогаш не воведувала царини за увоз од Америка“, рече Макрон. Тој нагласи дека европските земји нема да можат да ги зголемат трошоците за одбрана, како што бара Трамп, доколку се соочат со трансатлантска трговска војна.