Свет
Кина: Големите земји мора да ја заштитат глобалната безбедност, а не да ги малтретираат послабите

Кинескиот министер за одбрана денеска изјави дека Кина ќе ги подобри воените врски со своите соседи велејќи дека големите земји мора да преземат водство во одржувањето на глобалната безбедност. Донг Јун ги даде своите забелешки во воведниот говор на форумот „Ксијаншан“ во Пекинг, најголемиот годишен настан за воена дипломатија во Кина.
„Големите земји мора да преземат водство во зачувувањето на глобалната безбедност, да го напуштат начинот на размислување за нулта толеранција и да се воздржат од малтретирање на малите и слабите“, рече Донг.
„Во мултиполарен свет никој не може да си дозволи да биде аутсајдер или набљудувач. Земјите, без разлика дали се големи или мали, развиени или во развој, треба да имаат еднакво право да учествуваат во меѓународните работи и да ги изразуваат своите потреби и да ги поддржуваат своите легитимни права и интереси“, рече тој.
Забелешките на Донг доаѓаат откако комуникацијата меѓу американските и кинеските вооружени сили се олеснува и покрај зголемените тензии околу Јужното Кинеско Море, загриженоста на Тајван и Вашингтон поради блиските врски на Пекинг со Русија.
Донг ги даде своите забелешки пред претставници од 90 земји и меѓународни организации на тридневниот форум, кој завршува во сабота. Тој рече дека Кина ќе ги зајакне воените врски со земјите во регионот и „ќе ги продлабочи и прошири воените односи со земјите во развој во светот“.
Темата на годинешниот форум е „Промовирање на мирот за заедничка иднина“. Донг е одговорен за воената дипломатија на Кина, но не е дел од Централната воена комисија, највисокото командно тело на Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел тврди дека бродот со активистите и Грета Тунберг нема да стигне до Газа

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денес изјави дека ќе го спречи бродот со хуманитарна помош што ги носи Грета Тунберг и други активисти да стигне до Појасот Газа и со тоа ќе ја прекине поморската блокада на палестинската територија, која наводно има за цел да го спречи Хамас да се здобие со оружје.
Тунберг, активистка за климатски промени, е меѓу 12-те активисти, вклучувајќи го и актерот од „Игра на тронови“, Лиам Канигкем, кои се наоѓаат на бродот, чија цел е да се стави крај на блокадата на Газа и да се достави хуманитарна помош, а воедно да се подигне свеста за растечката хуманитарна криза.
Активистите изјавија дека планираат да стигнат до Газа уште денес.
Рима Хасан, француска европратеничка од палестинско потекло, исто така е дел од тимот. Нејзе ѝ беше забранет влезот во Израел поради нејзиното противење на политиката на Израел кон Палестинците. По тримесечна целосна блокада, Израел минатиот месец почна да дозволува основна помош во Газа, но хуманитарните работници предупредија на глад доколку блокадата и војната не се прекинат.
Минатиот месец, обидот на друг брод од истата организација да стигне до Газа не успеа, откако бродот беше нападнат од беспилотни летала додека пловеше во меѓународни води крај Малта. Групата го обвини Израел за нападот, во кој беше оштетен предниот дел на бродот.
Свет
Повеќе од 60 лица повредени во руски напад врз Украина

Најмалку четири лица се убиени, а повеќе од 60 се ранети, вклучувајќи и едно бебе, во еден од најсилните руски напади врз источниот украински град досега, а според украинските власти, руската армија извршила стотици напади врз населени места во Запорожјето во изминатите 24 часа.
Според украинските сили, само до девет часот утрово биле неутрализирани 40 руски беспилотни летала во источниот, јужниот, северниот и централниот дел од земјата, пренесува Укринформ.
Во исто време, руското Министерство за одбрана објави дека силите за воздушна одбрана уништиле околу 60 украински беспилотни летала над осум региони во Русија во текот на изминатата ноќ.
Девет дронови беа соборени над Москва, објави градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин.
Свет
Ирачанец со автомобил удри во група луѓе во Германија – повредени пет лица

Полицијата претпоставува дека мажот кој вчера со автомобил удрил во група луѓе во градот Пасау на југот на Германија, повредувајќи пет лица, вклучувајќи ја и сопругата и нивното петгодишно дете, најверојатно бил вмешан во правна битка за старателство над детето.
„Во текот на кривичната истрага постојат индиции дека можната битка за старателство била причина за инцидентот“, соопшти полицијата.
Парот и детето живееле во областа на Пасау. Мажот, 48-годишен државјанин на Ирак, е уапсен и се наоѓа на сослушување.
Денеска треба да му биде определен притвор. Истрагата ја презеде криминалистичката полиција заедно со јавниот обвинител на Пасау. Според досегашните сознанија, мажот се товари за обид за убиство.
Сопругата и ќерката, заедно со уште тројца повредени, се пренесени во болница. Ниту едно од повредените лица не е во животна опасност, потврди портпаролот на полицијата.