Свет
Кина конечно ги ублажи мерките за корона, нема повеќе задолжителен ПЦР-тест на секој агол
Кинеските власти одлучија да ги олеснат мерките за карантин за заразените со коронавирус. Надлежните велат дека луѓето со асимптоматски или благ коронавирус сега ќе можат да бидат ставени во карантин дома, наместо во државни институции, што значително ќе ја олесни политиката „нулта ковид“, која предизвика гнев кај населението по неколкумесечни ограничувања.
Новите мерки ќе значат дека оние кои ги чувствуваат симптомите на Ковид-19 ќе можат да останат дома и да го пријават резултатот од тестот до самите власти. Земјата го укина и задолжителниот ПЦР-тест како услов за влез во повеќето институции и установи, освен во болниците и училиштата.
Олеснувањето на мерките доаѓа само една недела откако избувнаа граѓански протести низ целата земја против строгата политика за нулта ковид. Централизираниот карантин стана крајно непопуларен и предизвика незадоволство бидејќи првенствено ги раздвои семејствата – со тоа што болното лице беше физички одвоено од здравото.
Властите, исто така, ревидираа неколку други мерки, кои го вклучуваат следново:
– Карантинот треба да се примени на попрецизно идентификувани области, како што е одредена зграда или кат во заедница, без да се затвори цела населба или општина.
– Високоризичните области треба да излезат од карантин во рок од пет дена доколку не се откријат нови случаи.
– Училиштата да останат отворени доколку нема зголемување на бројот на заболени.
– Новите насоки вклучуваат и строга забрана за блокирање на противпожарните излези и врати за жителите на високите згради да имаат пристап до итна медицинска помош, но и отворен пат за бегство во случај на несреќа.
Освен релаксирање на мерките, надлежните се обидуваат да ја забрзаат и вакцинацијата на старите лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Деновите на Мадуро се одбројани
Американскиот претседател, Доналд Трамп, верува дека деновите на венецуелскиот претседател Николас Мадуро се одбројани.
Коментарите на Трамп, дадени за време на интервјуто за Си-Би-Ес објавено вчера, доаѓаат во време кога САД ги распоредуваат воените единици на Карибите и извршија повеќекратни напади врз бродови за кои се тврди дека се користат за транспорт на дрога.
На прашањето дали САД би отишле во војна против Венецуела, Трамп рече: „Се сомневам во тоа. Не мислам дека ќе биде така“.
Сепак, кога беше прашан дали деновите на Мадуро како претседател се одбројани, тој одговори: „Би рекол дека се. Мислам дека се, да“.
Мадуро го обвини Вашингтон дека ја користи трговијата со дрога како изговор за „наметнување промена на режимот“ во Каракас за запленување на венецуелската нафта. Во 15 американски напади врз бродови на Карибите и Пацификот, најмалку 65 лица беа убиени.
Зборувајќи од неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида, Трамп рече: „Секој брод што го гледате, а е со дрога, убива 25.000 луѓе и уништува семејства низ целата наша земја“.
На директно прашање дали САД планираат копнени напади, Трамп одби да го исклучи тоа, велејќи: „Нема да ви кажам што ќе правам со Венецуела, без разлика дали ќе го направам тоа или не“.
Свет
Трамп најави дека ќе се вмеша во судењето на Нетанјаху
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ на Си-Би-Ес изјави дека ќе се „вмеша“ во судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „за да му помогне малку“, што е продолжение на неговото мешање во судскиот систем и домашната политика на Израел, објавува Аксиос.
Во интервју со новинарката Нора О’Донел, Трамп го опиша Нетанјаху како „многу талентиран човек“ и лидер каков што му е потребен на Израел во време на војна. „Не мислам дека се однесуваат многу добро кон него. Суден е за некои работи и не мислам дека се однесува многу добро кон него“, рече Трамп.
„Ќе се вклучиме за да му помогнеме малку, бидејќи мислам дека е многу неправедно“, додаде тој.
Интервјуто е снимено во петок, 1 ноември, и е емитувано вчера.
Според „Аксиос“, ова не е прв пат Трамп да се меша во правниот случај на Нетанјаху.
Минатиот месец, за време на обраќањето пред израелскиот парламент, Трамп неочекувано го повика претседателот Исак Херцог да го помилува Нетанјаху. „Пури и шампањ, кого по ѓаволите го интересира?“, рече Трамп во тоа време, алудирајќи на наводните нелегални подароци споменати во едно од обвиненијата.
Подоцна им откри на новинарите дека самиот Нетанјаху го замолил да го спомене тоа во својот говор. Трамп, исто така, повика на прекин на судењето во серија објави на социјалната мрежа „Truth Social“ во јуни оваа година.
Нетанјаху е на судење по обвинение за поткуп, измама и кршење на довербата во три одделни случаи.
фото: принтскрин
Европа
Куче уби деветмесечно бебе во Велика Британија
Деветмесечно бебе почина во недела навечер откако беше нападнато од куче во Велс, Велика Британија. Полицијата и службите за итни случаи беа повикани на адресата во Рогиет околу 18:00 часот, но за жал детето не можеше да се спаси и беше прогласено за мртво на местото на настанот, пишува Скај њуз.
Полицијата потврди дека кучето поврзано со нападот е запленето и отстрането од имотот.
Главниот началник на полицијата во Гвент, Џон Дејвис, се обрати до јавноста.
„Разбираме дека ќе има загриженост во врска со овој инцидент, но полицајците се на местото на настанот и ќе покренат дополнителни истраги како што напредува истрагата“, рече тој. „Доколку имате какви било загрижености или информации, ве молиме контактирајте не.“
фото: принтскрин

