Свет
Кина лансираше напредна ракета во вселената – САД се загрижени и изненадени
Американските разузнавачки и воени претставници се запрепастени откако Кина тајно лансираше хиперсонична нуклеарна ракета.
Ракетата кружеше во орбитата пред да забрза до целта.
Хиперсоничната нуклеарна ракета кога беше лансирана во август ја промаши својата цел за околу две десетици километри, пренесува „The Sun“. Инаку, тие патуваат пет пати побрзо од брзината на звукот и можат да достигнат растојанија до 2.500 километри.
Државните лидери на САД се загрижени за огромниот напредок на Кина во развојот на хиперсоничното оружје, велејќи дека „не знаат како го направиле тоа“, а кинескиот експерт за политика за нуклеарно оружје, Тејлор Фравел рече дека таков проектил вооружен со нуклеарна боева глава може да и помогне на Кина да негира Американски ракетни одбранбени системи.
„Хиперсоничните ракети летаат по пониски траектории и можат да маневрираат во лет, што ги прави тешки за следење и уништување“, објасни тој. Иако Пентагон официјално не ги коментираше извештаите, тие рекоа дека таквиот напредок во однос на хиперсоничното оружје е „една од причините зошто тие сметаат дека Кина е нивниот најголем предизвик во одржувањето на темпото“.
Портпаролот на кинеската амбасада, Ли Пенгиу, рече дека кинеското воено раководство воопшто не било фокусирано на одредена земја, и дека тие секогаш воделе политика „одбранбена по природа“.
„Немаме глобална стратегија и планови за воени операции како САД. И воопшто не не интересира трка за вооружување со други земји“ додаде тој.
Веста дојде во време кога Кина наводно ја ставила својата војска во состојба на готовност, бидејќи државните медиуми го предупредиле Тајван за можноста за инвазија. Во една статија во „Глобал тајмс“, изворот го предупреди Тајван за „судниот ден“ и се стравува дека Пекинг и Тајпеј би можеле да завршат во конфликт што има потенцијал за Трета светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.