Свет
Кина се спротивставува на трговските преговори меѓу САД и Тајван
Кина цврсто се спротивставува на трговските преговори меѓу САД и Тајван и ќе ги преземе сите неопходни мерки за цврсто да го заштити својот суверенитет, безбедност и развојни интереси, соопштија властите во Пекинг.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина ќе преземе решителни мерки за одбрана на својот територијален интегритет и ги повика САД да не проценуваат погрешно, откако Вашингтон и Тајпеј се согласија да започнат трговски преговори, пренесува „Ројтерс“.
По повод најавата на САД дека ќе ги почне официјалните трговски преговори со Тајпеј, кинеското Министерство за трговија објави дека политиката на „една Кина“ е предуслов за учество на Тајван во економската соработка со странски земји, наведува британската агенција.
САД објавија дека ќе почнат официјални трговски разговори со Тајван, неколку недели по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која предизвика остри протести од Пекинг.
Првата рунда преговори се очекува да почне на „почетокот на есента“, објави Канцеларијата на трговскиот претставник на САД.
Според „политиката на една Кина“, САД ја признаваат и имаат формални врски со Кина, а не со островот Тајван, но одржуваат „цврсти неофицијални“ односи со Тајпеј, вклучително и континуирана продажба на оружје на островот, кој се соочува со зголемен политички притисок од Пекинг за го прифати нејзиниот суверенитет, според британската агенција.
Странските директни инвестиции во Кина се зголемија за 17 отсто за седум месеци
Кинеското Министерство за трговија објави денеска дека странските директни инвестиции (СДИ) се зголемиле во периодот јануари-јули оваа година за 17,3 отсто во споредба со истиот период во 2021 година, на 798,33 милијарди јуани (117,53 милијарди долари).
Во долари, странските директни инвестиции во Кина скокнале за 21,5 отсто за седум месеци, се вели во соопштението на Министерството, пренесува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ го одобри првиот закон во светот за вештачка интелигенција
Земјите-членки на Европската унија денеска го одобрија законот кој има за цел усогласување на правилата за вештачка интелигенција, таканаречениот Закон за вештачка интелигенција.
Тоа е прв акт од ваков вид во светот, кој може да постави глобални стандарди за законодавството за вештачка интелигенција, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Новиот закон има за цел да ги поттикне приватните и јавните актери да развијат и усвојат безбедни и сигурни системи за вештачка интелигенција на единствениот пазар на ЕУ.
Свет
„САД сакаат да распоредат оружје во вселената и да ја направат арена на воена конфронтација“: Русија со обвинувања до САД
Руските власти ги обвинија САД дека сакаат да распоредат оружје во вселената, еден ден откако Советот за безбедност на ОН ја отфрли нацрт-руската резолуција на оваа тема, и по сличното обвинување од Вашингтон до Москва.
Тие обвинувања и контраобвиненија ги оживуваат стравовите, отсутни уште од Студената војна, за можна трка во вооружување и покрај постоењето на договор за вселената од 1967 година кој повикува „да не се развива нуклеарно оружје или кое било друго оружје за масовно уништување специјално за сместување во орбита”.
Портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова оцени дека американското отфрлање на нацрт-резолуцијата покажува дека САД имаат за цел „да го стават оружјето во вселената и да го направат арена на воена конфронтација“.
„Пропуштена е нова можност да се спречи трката во вооружување во вселената по вина на САД и нивните сојузници“, рече Захарова.
Во април, САД и Јапонија претставија своја нацрт-резолуција до Советот за безбедност на ОН за да се спречи милитаризација на вселената, но Русија стави вето, критикувајќи го фактот дека текстот се фокусира само на еден вид оружје, нуклеарното оружје.
Нацрт-резолуцијата претставена од Русија и Кина во понеделникот, која делумно го содржи текстот блокиран во април, исто така ги повикува сите земји-членки да преземат „итни мерки“ за трајно да го спречат поставувањето оружје во вселената и заканата или употребата на сила во вселената.
Сепак, тој нацрт не ги собра деветте гласови потребни за усвојување.
Американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд ја нарече руската иницијатива „лицемерна“, велејќи дека Москва сака „да го одвлече вниманието од нејзините опасни напори да го стави нуклеарното оружје во орбитата“.
Во февруари Белата куќа даде гаранции дека Русија развива антисателитско нуклеарно оружје, обвинувања кои Москва ги отфрли.
Свет
Американската министерка за финансии: Санкциите против Русија најмногу се заобиколуваат преку Кина, Обединетите Арапски Емирати и Турција
Американската министерка за финансии Џенет Јелен денеска ги повика директорите на европските банки да ја зајакнат контролата врз спроведувањето на американските санкции против Русија.
„Ги повикувам сите институции овде строго да се придржуваат до мерките и уште повеќе да се фокусираат на руските обиди да се избегнат санкциите“, рече Јелен, пренесе Ројтерс.
Таа изјави дека санкциите воведени во декември 2023 година ги попречиле напорите на Русија за производство на стоки неопходни за војната во Украина, но во исто време додаде дека треба да се направи повеќе на ова поле.
Јелен побара од шефовите на европските банки да се погрижат нивните филијали и подружници во странство да ги почитуваат санкциите против Русија.
Таа нагласи дека американските санкции против Русија во моментов се заобиколуваат најмногу преку Кина, Обединетите Арапски Емирати или Турција.
Американското Министерство за финансии продолжува да истражува нови можности кои би го намалиле приходот на Русија и би ја спречиле Москва да набавува производи што ги користи за војната во Украина, заклучи Јелен.