Свет
Кина ја менува политиката за руската инвазија: Џјинпинг ќе се сретне со Зеленски
Кина до одреден степен ја менува својата политика во однос на руската инвазија. Оваа земја досега беше воздржана во врска со руската инвазија и на ниту еден начин не се мешаше во руските планови со Украина, но сега тоа се менува.
Ова стана јасно за време на тридневната државна посета на францускиот претседател, кој вчера пристигна во Кина.
„Руската агресија во Украина ѝ нанесе удар на стабилноста. Знам дека можам да сметам на вас да ја вратите Русија на страната на разумот и сите страни на преговарачка маса“, му рекол Макрон на Шји.
За време на посетата на Пекинг, францускиот претседател рече дека Кина може да игра значајна улога на патот кон мирот во Украина и ги поздрави волјата и посветеноста на Кина за решавање на конфликтот.
Кинескиот претседател се согласува дека нуклеарното оружје не треба да се користи за време на конфликтот во Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на Пекинг. Шји рече дека сака мировните преговори да почнат што е можно побргу и ја повика меѓународната заедница да не поддржува ескалација на кризата.
Покрај тоа, француски дипломатски извор изјави дека Шји е подготвен да му се јави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, но во согласност со неговиот сопствен распоред. Кина е подготвена да соработува со Франција за насилно да ги турка Русија и Украина кон почеток на разговорите за ставање крај на конфликтот, рече изворот.
Ова е првиот показател дека кинескиот претседател може да одговори на поканата на украинскиот лидер да се сретне со него во Киев. Тој не разговарал со Зеленски од избувнувањето на војната, но одлета за Москва минатиот месец на средба со Владимир Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.