Свет
Кинеската војска на готовност: Внимателно го следиме секој чекор на Америка
Кинеското Министерство за одбрана денеска го повика азиско-пацифичкиот регион да биде во состојба на зголемена готовност бидејќи САД го зголемуваат военото распоредување во регионот.
„Кинеската војска посветува големо внимание на потезите на САД и силно ќе ги заштити поморските права, безбедноста и суверенитет на Кина во регионот“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана Ву Чиан на прес-конференција, пренесе Ројтерс.
Претходно овој месец, неименуван генерал на американските воздухопловни сили изјави за јапонскиот весник „Никеи“ дека американската војска ќе работи во следните месеци на обновување на обраснатиот аеродром Тиниан Норд како дел од планот за распоредување авиони низ Индо-пацифичкиот регион.
Аеродромот, напуштен по Втората светска војна, се наоѓа на островот Тиниан, дел од Северните Маријански Острови, на територијата на САД, околу 200 километри северно од Гуам.
Ву Киан ја обвини владата на регионот на Тајван дека намерно ги преувеличува тензиите и дека, според него, регионот на Тајван тоа го прави за изборна добивка пред парламентарните и претседателските избори што се одржуваат на островот за нешто повеќе од две недели, на 13 јануари.
Властите на Демократската прогресивна партија (ДПП) намерно ја поттикнуваат таканаречената „воена закана“ од копното и ги преувеличуваат тензиите“, рече Ву, говорејќи на месечната прес-конференција во Пекинг, додавајќи дека тоа е „целосно за изборните придобивки“, пренесува Ројтерс.
Ву рече дека Кинеската Народноослободителна армија е доста свесна какви биле воените движења на регионот на Тајван.
„Ние, како и секогаш, ќе ги преземеме сите неопходни мерки за одлучно да го одбраниме националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, додаде Ву.
Министерството за одбрана на регионот Тајван неделава објави дека не забележале какви било знаци на голема кинеска воена активност пред изборите, но дека внимателно ќе ги следат активностите на Кина.
Кина, која го смета регионот на Тајван за свој, според извештаите од Тајпеј, го зголемила воениот притисок во последните години, со зголемен број кинески борбени авиони и воени бродови кои кружат околу островот, пренесува RT Balkan.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА
Свет
Словачка го прекина снабдувањето со електрична енергија за Украина
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, побара од операторот на електричната мрежа денес да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта низ нафтоводот „Дружба“ не продолжи.
„Од денес, доколку украинската страна се обрати до Словачка со барање за помош за стабилизирање на украинската енергетска мрежа, нема да добие таква помош“, рече Фицо во соопштението.
Фицо рече дека мерката ќе биде укината штом ќе продолжи транзитот на нафта во Словачка.
Украински беспилотни летала погодија руска пумпна станица што го опслужува клучниот нафтовод „Дружба“ за снабдување на Источна Европа со сурова нафта од Москва, изјави денес украински безбедносен службеник.
Нападот, најновиот во серијата украински напади на трасата, се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Украина и нејзините соседи Унгарија и Словачка, кои го обвинија Киев дека се обидува да го блокира протокот на нафта преку цевководот до нивните рафинерии.
Испораките на руска нафта за Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, кога Киев објави дека руски напад со беспилотни летала ја погодил опремата на нафтоводот во западна Украина. И покрај речиси четиригодишната војна со Русија, Украина продолжи да го олеснува транзитот на руска нафта преку цевководи низ нејзината територија, иако го запре транзитот на руски гас на почетокот на минатата година.
Унгарија и Словачка се заканија дека ќе го прекинат снабдувањето со електрична енергија за Украина доколку протокот на нафта не продолжи. Електричната енергија од Унгарија и Словачка сочинува околу 70 проценти од увозот на Украина и е исклучително важна за земјата.
Свет
Во Италија пронајдени белешки на Мусолини од средба со Хитлер
Белешки од фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини од средбата со Адолф Хитлер во 1944 година се пронајдени во Ииталија, објавија денес германските медиуми.
Хартијата со белешките, за кои е недвосмислено потврдено дека се на Мусолини, била запленета од специјален тим карабинери пред документот да биде понуден на аукција во Торино. Документот потоа бил префрлен во Државниот архив во Рим. Специјалистите ги окарактеризирале белешките како „документ од исклучително историско значење“.
Тоа е хартија со рачно напишани поглавја за „воени сили“, „политика“ и „економија и труд“, и е документот што Мусолини го користел за време на неговата средба со Адолф Хитлер на 22 април 1944 година, во замокот Клајсхајм во близина на Салцбург.
За потсетување, Бенито Мусолини беше премиер до капитулацијата на Италија во 1943 година. После тоа, Хитлер го назначи за шеф на марионетска фашистичка држава. Италијанските партизани го уапсија Бенито Мусолини во април 1945 година додека се обидуваше да избега во Швајцарија и го застрелаа.
фото/Википедија

