Свет
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го откажа учеството на состанокот на Г20
Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го откажа учеството на самитот на Г20 на водечките индустријализирани и земји во развој, што ќе се одржи во Јужна Африка кон крајот на ноември, објави денес кинеското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението за медиумите на кинеското Министерство, кое го пренесува „Cajt“, се наведува дека Кина ќе биде претставена на самитот на Г20 во Јоханесбург од премиерот на таа земја, Ли Џијанг.
Учеството на самитот на Г20 претходно го откажаа американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, што значи дека, за прв пат од основањето на групата, шефовите на држави и влади на трите најмоќни земји од Г20 нема да учествуваат на самитот.
Како што е најавено, Русија на состанокот во Јоханесбург ќе биде претставена од заменик-шефот на претседателската администрација Максим Орешкин.
Трамп првично објави дека на самитот ќе го претставува потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, но неодамна објави дека целосно ќе го бојкотира самитот, наведувајќи ја наводната дискриминација врз белите малцинства во Република Јужна Африка, како и внатрешната и надворешната политика на земјата.
Групата Г20 вклучува 19 земји, како и Европската Унија и Африканската Унија.
Република Јужна Африка го презеде претседателството со Г20 од Бразил во декември 2024 година и ќе биде на чело на организацијата до крајот на ноември, кога САД треба да го преземат претседателството.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

