Европа
Кој ќе ја наследи Меркел: Изборите се неизвесни, постизборните сојузи се уште понеизвесни
Околу 60,4 милиони Германци в недела, 26 септември на федералните избори, имаат можност да одлучат за идниот состав на парламентот, и индиректно за идниот канцелар, што ќе ја наследи Ангела Меркел. Федералната изборна комисија ја одобри кандидатурата на вкупно 54 партии, но 47 ќе излезат на гласање. Се натпреваруваат 6.211 кандидати, меѓу кои 2.024 жени.
Сепак, огромното мнозинство партии речиси и да нема шанси да го преминат изборниот праг и да влезат во идниот парламент, пишува „Еурактив“.
Се очекува главната борба да ја водат конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), кои во моментов заедно формираат голема црно-црвена коалиција и опозициските Зелени. Тие три партии се единствените кои, надевајќи се на победа, официјално ги предложија своите кандидати за канцелар.
Покрај нив, во Бундестагот најверојатно ќе бидат вклучени и партии кои и во моментов имаат пратеници – либералите (ФДП), крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и Левичарската партија.
Аналитичарите ѝ даваат одредени шанси и на партијата Слободни избирачи, која фигурира како мала партија, иако има пратеници во парламентите на неколку германски федерални провинции, а во Баварија учествува и во провинциската влада.
Сестринските партии Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и Баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) го предложија како кандидат за канцелар, премиерот на најнаселената провинција Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет, социјалдемократите се одлучија за досегашниот заменик-канцелар и министер за финансии Олаф Шолц, а трет кандидат е претседателката на партијата на Зелените, Аналена Бербок.
Анкетите спроведени за време на изборната кампања даваат предност на СПД. Така, според најновото истражување на институтот за анкети „Кантар“, социјалдемократите имаат поддршка од 25 проценти од гласачите, Демохристијаните со 21 проценти и Зелените со 16 отсто.
Според анкетата која беше објавена на 23 септември, Алтернатива за Германија (АфД) има 11 проценти, Левица 7 проценти, додека Либералите (ФДП) 11 проценти.
Во последните недели, СПД во повеќе анкети се најде пред демохристијаните.
Социјалдемократите успеаја да го подобрат својот не многу висок рејтинг долги години, главно благодарение на Олаф Шолц, кој беше прогласен за победник на сите три телевизиски соочувања од тројцата кандидати.
Според резултатите од анкетите, ЦДУ и СПД би можеле да претендираат за функцијата канцелар, но не и Зелените.
За неизвесноста на изборите придонесува и фактот што на претходните анкети, голем број граѓани, значително повеќе отколку пред изборите во 2017 година, рекоа дека се неодлучни или дека нема да гласаат.
Во анкетата на „YouGov“ на 23 септември, на прашањето „дали ја донесовте конечната одлука за тоа како ќе гласате на парламентарните избори“, 74 проценти од граѓаните одговориле потврдно. 15 проценти од испитаниците се’ уште не одлучиле кога ќе гласаат, 9 проценти не одговориле, додека 1 процент од испитаниците се изјасниле дека не знаат.
Сепак, и гласачите кои знаат за кого да гласаат, не знаат со сигурност што ќе се случи со нивниот глас, бидејќи за формирање парламентарно мнозинство ќе биде потребно создавање на постизборни партиски сојузи, а постојат неколку можни сценарија за коалиција, па можни се изненадувања.
Бројот на можни коалиции е голем. За поддржувачите на Шолц или Лашет, работата е јасна – секој глас за социјалдемократите или демохристијаните го носи нивниот кандидат на чекор до позицијата канцелар.
Останува прашањето во каков сојуз би можеле да владеат Шолц или Лашет и до кој степен гласачите на Зелените или ФДП можат да бидат сигурни на која страна нивните партии ќе се свртат.
Доколку повторно не се формира големата црно-црвена коалиција на ЦДУ и СПД, што двете партии во моментов ја отфрлаат, постојат три коалиции чие формирање е најверојатно за аналитичарите.
Првата е таканаречената „семафор“ коалиција на СПД, Зелените и либералите, во која главна пречка е што либералите сепак преферираат да дојдат на власт со идеолошки поблиските демохристијани.
Коалицијата за која многумина сметаат дека има најголема шанса Армин Лашет да го донесе до функцијата канцелар, е сојуз со Зелените и либералите. За оваа коалиција, која го носи прекарот „Јамајка“ поради боите црно-зелено-жолта, најголема препрека е јазот што постои меѓу демохристијаните и Зелените во однос на буџетската и финансиската политика.
Најпосле, во предвид доаѓа и црвено-зелено-црвената коалиција на СПД, Зелените и левичарската Левичарска партија, но најголемата пречка за тоа е сериозна разлика во гледиштето за германската надворешна политика, бидејќи Левица, која за многумина во Германија е екстремна левица, бара завршување на сите германски воени мисии во странство и распуштање на НАТО.
Олаф Шолц во неколку наврати нагласи дека секое учество во влада чиј столб би биле социјалдемократите, подразбира посветеност на вредностите на НАТО и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Двегодишната Софи родителите ја капеле во топла вода и ѝ предизвикале изгореници, од страв не повикале помош: телото го пронашла нејзината баба
Бабата на двегодишното девојче Софија, кое во понеделникот беше пронајдено починато во нејзиниот стан, за германските медиуми раскажа како се случила трагедијата.
Кристин (63) живее во станот над оној во кој живеела Софија со родителите и братот и сестрата.
„Тој ден изгледаше нормално. Ја хранеше својата кукла, си играше со неа, а потоа наеднаш стана многу бледа. Престана да се движи”, ја почнува својата исповед бабата Кристин.
Таа веднаш повикала брза помош, но кога лекарите пристигнале во станот, не успеале да ја спасат Софија.
Иако резултатите од обдукцијата не се целосни, се верува дека девојчето починало од изгорениците што ги добило.
„Сакав да ја истуширам. Додека ја бањав, таа рече дека водата е многу ладна. Кога ја зголемив топлината, врела вода се истури по нејзиниот грб. Јас сум виновен“, рекол таткото Андре.
Мајката вели дека девојчето не плачело по туширањето.
„Како може дете да издржи толку болка, не ни врескаше. Тие изгореници не изгледаа страшно, повеќе личеа на изгореници од сонце“, вели мајка ѝ Надин.
Родителите одбиле да повикаат брза помош бидејќи се плашеле дека социјалните служби ќе им ги однесат децата.
Сличен инцидент се случил и минатата година кога таткото ја спуштил малата Софи во када. Притоа девојчето скршило ребро и бутна коска.
„Поради тоа и поради моите проблеми со дрогата, шест недели ни ги одзедоа децата. Сакавме да го спречиме тоа овој пат“, вели расплаканиот татко.
Полицијата интензивно го истражува овој случај, а грижата за нивните деца ја презеде Центарот за социјална работа.
Телото на девојчето е испратено на обдукција.
Европа
ЕУ и НАТО бараат од грузиската влада да го повлече спорниот „руски закон“
Европската Унија и НАТО денеска ја предупредија Грузија дека со усвојувањето на законот за странски агенти, колоквијално наречен руски закон, се оддалечува од своите евро-атлантски аспирации и ја повикаа владата да го почитува правото на мирни протести.
„И покрај големите протести и недвосмислените повици на меѓународната заедница, владејачкото мнозинство го усвои законот за транспарентност на странски влијанија. Европската Унија јасно и постојано кажува дека духот и содржината на тој закон не се во согласност со основните норми и вредности на ЕУ“, се вели во изјавата на високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
Грузискиот парламент усвои закон со кој невладините организации финансирани од странство се назначуваат како странски агенти.
Европската Унија беше критикувана за нејзината задоцнета реакција на настаните во Грузија, која доби кандидатски статус во декември минатата година. Првата идеја беше Борел да издаде изјава во име на сите 27 земји членки, но тоа пропадна поради несогласувањата меѓу Унгарија и Словачка. По тоа, се потроши многу време за да се договори изјава меѓу Борел и комесарот за проширување, Оливер Вархељ, унгарски член на Комисијата, чија земја е најголемиот поддржувач на Русија во ЕУ.
Законот за странско влијание предизвика големо незадоволство во Грузија и донесе многу демонстранти на улиците. И покрај тоа, проруската владејачка партија Грузиски сон упорно го носеше законот. Со политиката на владејачкото мнозинство не се согласува и проевропската грузиска претседателка, Саломе Зурабичвили.
„Усвојувањето на овој закон има негативно влијание врз напредокот на Грузија на патот кон ЕУ. Изборот на патот напред е во рацете на Грузија. Ги повикуваме грузиските власти да го повлечат законот и да ја задржат својата посветеност на патот кон ЕУ“, се вели во изјавата на Борел.
На донесувањето на законот реагира и НАТО. „Одлуката на грузиската влада да го донесе законот за странски агенти е чекор во погрешна насока и ја оддалечува од европските и евро-атлантските интеграции. Ја повикуваме Грузија да го промени курсот и да го почитува правото на мирни протести“, изјави портпаролката на НАТО, Фарах Даклала.
Европа
Ердоган: На Нетанјаху му претстои судбина слична како на Хитлер
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го нарече касапот на Газа, го чека судбина слична со онаа на Хитлер.
Ердоган денеска во турскиот парламент им се обрати на членовите на пратеничката група на Партијата на правдата и развојот. За време на своето обраќање тој направи паралела меѓу холокаустот, геноцидот во Сребреница и израелските масакри што тие ги вршат во Газа повеќе од половина година.
„Запомнете, Хитлер не беше сам кога го изврши холокаустот. Многу земји во Европа го поддржаа Хитлер. Додека Хитлер вршеше безмилосни масакри и геноцид, тој се чувствуваше многу силен, моќен и непобедлив. Што се случи? Се застрела во главата, а неговото изгорено тело беше пронајдено во неговиот бункер, кој беше во урнатини, како Германија“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Европа и многу земји исто така застанаа зад водачите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, кога извршија масакри во Босна.
„Додека тие вршеа геноцид во Сребреница, која наводно беше под заштита на Обединетите нации, моќните земји во светот застанаа зад нив. Убија 8.372 наши босански браќа (маченици) пред очите на светот. Не ни помислуваа дека еден ден ќе треба да платат за тоа. И што се случи? Тие беа фатени, изведени пред суд и оние некогаш моќните политичари и геноцидни генерали беа повикани на одговорност. Сега чекаат смрт во затвор. „Не заборавајте, касапот на Газа, Нетанјаху, и неговите соучесници во геноцидот во Газа, порано или подоцна го чека истата судбина“, истакна Ердоган.
Ердоган потсети дека Палестинците денеска ја слават 76-годишнината од Накба и додаде:
„Ја чувствуваме тагата на Накба исто колку и Палестинците, кои порано или подоцна ќе се вратат во своите домови.
„Нетанјаху и соучесниците во геноцидот ќе одговараат за секоја пролеана капка крв. Ќе извршиме притисок врз сторителите на геноцидот да одговараат пред законот“, посочи Ердоган и додаде:
„Немојте да мислите дека Израел ќе застане во Газа. Ако оваа неконтролирачка и терористичка држава не биде запрена, таа порано или подоцна ќе се сврти кон Анадолија со илузијата на ветената земја“.
Зборувајќи за активностите за усвојувањето на новиот Устав во земјата, Ердоган рече: „Сметаме дека е корисно да се прекинат консултативните контакти и да се преземат конкретни чекори, без брзање, но и без преголемо одлагање“.