Свет
Крв и пот во фабриката на Иванка Трамп во Кина
Работниците во кинеската фабрика за чевли, сопственост на ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, раскажале за страдањата и за злоупотребите со кои се соочуваат таму за агенцијата Асошиетед прес.Тие тврдат дека се жртви на телесно и вербално малтретирање и искористување на работното место.
Особено непријатна ситуација се случила во текот на минатиот месец кога една од управничките се изнервирала и ударила со потпетица од чевел еден од работниците, правејќи му дупка на главата.
„Насекаде имаше крв. Поминуваше покрај мене на пат до фабричката клиника .Крвавеше од раната на средина на главата”, рекол еден од работниците.
Сведоци, како примери на злоупотреби, ги навеле преоптовареноста од работа, која траела до доцна во ноќта, ниски плати, жестоко вербално малтретирање па дури и измачувањето на работниците.
Минатиот месец тројца истражувачи од фабриката „Huajian Group“ се уапсени и обвинети за нелегално користење тајни уреди за снимање заради кражба на бизнис податоци.
Основачот на организацијата „Чајна лејбор воч“, Ли Оинг, ја опишува фабриката како „една од најлошите што ги видел во речиси две децении истражување на злоупотребите на работно место”.Неговата организација објави дека некои од вработените заработуваат само долар на час, што е прекршување и на кинеските закони. До неодамна работниците имале право само на еден или два слободни денови во месецот и биле принудувани да потпишат потврди со лажни, зголемени износи на плати. Ако одбивале, им се заканувале со откази.
„Huajian Group“ во изјавата за АП одбила да одговори на прашањата за деталите тврдејќи дека обвинителите се целосно лажни, извадени од контекст или претерани.Иванка Трамп не го коментирала случајот, а исто така одбила да даде одговори и нејзината портпаролка.
Американскиот Стејт департмент ја посочи во вторникот Кина како една од земјите со најтешки престапи во трговијата со луѓе и со присилно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Фото) Загина планинар во Црна Гора
Црногорски планинар загина на планината Хајла. Неговото тело беше пронајдено вчера на црногорската страна од планината, откако беше пријавен за исчезнат во саботата. Спасувачи од Косово и Црна Гора учествуваа во потрагата, а беа известени од хрватски планинари, соопшти Косовската планинска служба за спасување.
Косовската планинска служба за спасување доби повик од косовската полиција во саботата, 21 февруари, за несреќа што се случила на врвот Хајла, на надморска височина од 2.407 метри. Според првичните информации, SOS пораката ја испратила група хрватски планинари. Тие пријавиле дека црногорскиот планинар се лизнал и паднал во клисура на северната падина од врвот и дека изгубиле секаков контакт со него.
Временските услови во областа биле исклучително тешки, што значително ја комплицирало операцијата за пребарување и спасување. Веднаш по приемот на повикот, Косовската планинска служба распоредила тим планински спасувачи и започнала со координирање на операцијата со колегите од Планинската служба за спасување на Црна Гора. Со оглед на географската локација на местото на несреќата и итноста на ситуацијата, започна прекугранична операција.
Екипите, во тесна соработка со црногорските власти и локалните планинари од Рожаје, ја започнаа операцијата во доцните вечерни часови.
Сепак, поради тешките временски услови и слабата видливост, потрагата беше прекината од безбедносни причини и беше одлучено да продолжи во утринските часови.
Во недела, 22 февруари, за време на обемна потрага што се одвиваше во два правци, беше пронајдено безживотното тело на планинарот Ц.Ф..
Телото беше лоцирано на локација позната како „Јама“, на северните падини на Хајла, на територијата на Црна Гора. По завршувањето на процедурите, телото беше транспортирано и предадено на надлежните институции.
Свет
Зеленски: Путин веќе ја почна Третата светска војна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот лидер Владимир Путин „веќе ја започнал Третата светска војна“ и дека единствениот одговор на тоа е силен воен и економски притисок врз Москва.
Во интервју за Би-Би-Си, дадено во Киев во пресрет на четиригодишнината од почетокот на руската инвазија, Зеленски рече дека верува оти конфликтот има пошироки глобални последици.
„Верувам дека Путин веќе ја започнал. Прашањето е колку територии ќе може да заземе и како да го запреме…“, изјави Зеленски за Би-Би-Си.
Според него, Русија се обидува да наметне поинаков начин на живот и да ги промени изборите што луѓето ги направиле.
„Русија сака да му наметне на светот поинаков начин на живот и да ги промени животите што луѓето ги избрале“, рече украинскиот претседател.
Зеленски истакна дека, според него, единствениот одговор е „силен воен и економски притисок“ за Путин да биде принуден да се повлече.
Европа
Се состануваат европските министри: главна тема: Виктор Орбан
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во сенка на блокирањето од страна на Унгарија на заем од 90 милијарди евра за Украина. Клучниот состанок и неговите импликации се главна тема на денешното политичко известување од срцето на ЕУ, објавува „Еуроњуз“.
Виктор Орбан вчера изјави дека Унгарија нема да ги продолжи испораките на дизел од Унгарија во Украина сè додека, како што изјави, Унгарија не добие пратки нафта преку Украина и дека ќе ја блокира европската помош за Украина во вредност од 90 милиони евра.
Друга важна тема на Советот е одлуката на Врховниот суд на САД за укинување на царините што ги воведе Доналд Трамп и како Европската Унија ќе одговори на нив. ЕУ веќе ги осуди новите американски царини и ги повика САД да го почитуваат веќе воспоставениот трговски договор.

