Свет
Кремљ вети контрамерки на сите нови антируски санкции од Вашингтон
Русија ги осудува плановите за санкции на Вашингтон и ќе одговори на нив по принципот на реципроцитет со цел најдобро да ги осигура своите интереси, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
„Ние осудуваме какво било наметнување санкции, ги сметаме за незаконски. Во секој случај, принципот на реципроцитет во ова прашање е валиден; реципроцитет на начин што најдобро им служи на нашите интереси“, прецизира тој.
„Засега нема да ги коментираме извештаите во медиумите. Ќе почекаме официјално да бидат објавени какви било специфични одлуки од Вашингтон. Сигурно не би сакале да дејствуваме врз основа на формулата на Ленин ‘Еден чекор напред, два чекора назад’ во нашите билатерални односи“, објасни Песков.
САД во меѓувреме воведоа нови санкции кон Русија, кои опфатија повеќе од 30 лица и компании и одлучија да протераат 10 руски дипломати. Причината за воведување нови санкции, како што тврди Вашингтон, е мешањето на Москва во американските избори во 2020 година и кибернападот за кој американската влада ја обвинува Русија, пренесуваат агенциите.
Нападот врз софтверот на компанијата „Солар Виндоус“ им овозможи на хакерите пристап до илјадници компании и владини агенции кои го користат тој софтвер.
Претходно,„ Блумберг“ објави дека новите американски антируски санкции можат да влијаат на неколку десетици физички и правни лица, а исто така ќе вклучат и ограничувања поврзани со државниот долг на Русија.
Особено, може да се воведе забрана за забрана за набавки на должнички хартии од вредност од американски финансиски институции директно од Банката на Русија, Министерството за финансии и нејзиниот суверен фонд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Израел започнаа заеднички напад врз Иран
САД учествуваа во нападите утрово во Иран заедно со Израел, потврди американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка американско-израелска операција.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информациите од иранската опозиција.
Нападите се насочени и кон локации од кои Иран може да го загрози Израел.
Досега не е пријавен ракетен истрел врз Израел, но населението е повикано да остане во близина на засолништата, иако сè уште не е потребно да се влезе во нив.
Свет
Траги од хормони најдени во говедско месо кое од Бразил завршило во европските продавници
Наводно, контаминирано говедско месо од Бразил пристигнало во европските продавници. Имено, траги од естрадиол биле откриени во неколку пратки бразилско говедско месо. Овој хормон се користи во храната за животни, но е забранет во Европа поради потенцијални здравствени ризици. Според извештаите од холандските и ирските власти и системот за брзо предупредување RASFF, контаминираното месо влегло на пазарот на ЕУ, а дел од него веќе е консумиран, пишува Kronen Zeitung.
Холандската агенција за безбедност на храната била првата што открила естрадиол во замрзнато говедско месо од Бразил. Вкупно биле идентификувани најмалку четири пратки (вкупно околу 62 тони), а дел бил дистрибуиран во неколку земји-членки. Во Холандија, околу 5.000 кг контаминирано месо било „претежно консумирано“ пред повлекувањето.
Во Ирска, Управата за безбедност на храната го потврди влезот на околу 128 кг заразено месо. До јануари 2026 година, траги од контаминирана стока биле пронајдени во најмалку десет земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Чешка, Шпанија и други. Две поголеми серии беа навреме запрени во Холандија и блокирани. Повлекувања се започнати во неколку земји, а Полска и други наредија дополнителни инспекции на залихите. Австрија и нејзините трговци не се засегнати. Ова предизвика бес кај европските земјоделци. Пол Немечек, директор на Здружението на земјоделци на Долна Австрија, ги критикуваше двојните стандарди: „Европските земјоделци мора да се придржуваат до најстрогите прописи, додека увезеното говедско месо од Бразил очигледно не ги поминува истите контроли. Ова ги поткопува еднаквите услови и довербата на потрошувачите“.
Договор за слободна трговија со Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај (Меркосур) што би дозволил увоз на до 99.000 тони говедско месо по намалени тарифи беше ратификуван во јануари 2026 година и покрај прегледот од страна на Европскиот суд на правдата. Гринпис и други го гледаат ова како демократски скандал. Инспекциите на ЕУ открија неправилности уште во јануари 2026 година, но политичкиот притисок продолжи понатаму. Ревизиите на ЕУ во 2024 и 2025 година покажаа слабости во системот за следење на хормоните во Бразил – месото од третирани животни беше измешано со легален извоз, а бразилските власти не ја предупредија ЕУ за грешките. Брисел започна истрага, а земјоделските здруженија бараат итна забрана за увоз од Бразил сè додека не се обезбеди целосно почитување, потсетува „Кронен Цајтунг“.
Свет
Израел го нападна Иран и прогласи вонредна состојба
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја“, рече тој, според „Тајмс оф Израел“.
Кац, исто така, предупреди на сериозна безбедносна ситуација.
Сирени се слушаа низ целиот Израел, додека Командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили ги повика цивилите да останат близу до засолништата и да се подготват за можност од ракетни напади.
Пораката ги советуваше граѓаните да останат близу до најблиските засолништа и да избегнуваат непотребни патувања.
Иако беше издадено „проактивно предупредување“, војската соопшти дека во овој момент не е потребна евакуација во засолништата.
Снимките покажуваат чад во Техеран, објави „Тајмс оф Израел“.

