Свет
Кремљ: Г20 го поддржува одговорот на СЗО на пандемијата на Ковид-19
Нациите од Г20 го поддржуваат одговорот на Светската здравствена организација (СЗО) на пандемијата на Ковид-19, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја неодамнешната објава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон ќе го прекине финансирањето на СЗО поради наводниот неуспех за правилно решавање на кризата, пренесува „Спутник“.
„Во овој случај можеме да го повториме заклучокот од 26 март, од итниот самит на лидерите на Г20. Претседателите на Г20 излегоа со координирана изјава за Ковид-19, во која се вели дека Г20 и СЗО цврсто се посветени да сторат сè што е можно за да се надмине пандемијата“, рече Песков.
Во соопштението се вели дека лидерите на Г20 целосно ги поддржуваат напорите на СЗО и имаат намера да го зајакнат нејзиниот авторитет за координирање на одговорот на Ковид-19.
„Гледаме дека претседателите на Г20, вклучително и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, се потпираат на СЗО, во врска со натамошните напори за анализирање на искуството од оваа пандемија, гледаме дека тие ги поддржуваат напорите на СЗО. Ова е нашата позиција во Москва“, додаде Песков.
Во меѓувреме, и Брисел се осврна на потегот на Трамп.
„Длабоко жалам за одлуката на САД да го прекинат финансирањето на СЗО. Нема причина со која ќе го оправдаат овој потег во момент кога нивните напори се потребни повеќе од кога и да било“, напиша шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеф Борел, на „Твитер“.
Американскиот претседател синоќа ја објави својата одлука за прекинување на финансирањето за СЗО тврдејќи дека организацијата го спречила одговорот на Вашингтон на пандемијата на Ковид-19. Тој исто така ја критикуваше СЗО дека е наклонета кон Кина и вети темелна истрага што ќе се спроведе во следните 60-90 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

