Свет
Куба го укина данокот на доларот поради коронавирусот

Куба објави дека ќе го укине данокот од 10 проценти на официјалниот курс на доларот за да ги ублажи ефектите од пандемијата на коронавирус и да ја надомести загубата на приходите од туризмот.
Данокот е воведен во 2004 година, а поттикна создавање паралелен црн пазар за американската валута.
Владата сега има намера да ја укине за да привлече повеќе девизи во земјата. Тие признаваат дека одлуката била поттикната од пандемијат со Ковид-19 и загубата на приходите од туризмот. Сепак, властите потенцираат дека немаат планови за „доларизација“ на земјата.
„ Оваа мерка ќе им користи на сите Кубанци, дома и во странство“, објави министерот за економија, Алехандро Гил.
Од понеделник, 72 од 4.800 продавници под контрола на државата, исто така, ќе прифатат плаќања во долари за храна и хигиена, иако не во готовина, туку со картички поврзани со сметки на долари.
Веќе минатата година, владата одобри плаќања во долари за апарати за домаќинство и автомобили во одредени продавници со цел да се задуши црниот пазар на долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ за германските избори: Можеме да се надеваме само на трезвен поглед на реалноста

Руската влада изрази претпазлива надеж за подобрување на односите со Германија по изборната победа на германските демохристијани.
„Секојпат, човек би сакал да се надева на трезвен поглед на реалноста“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги резултатите од германските избори на кои германските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) добија најмногу гласови.
Тој додаде дека прашање е што би можело да биде од заеднички интерес и корист. „Но, ќе видиме што ќе се случи кога победничката ЦДУ/ЦСУ ќе ја преземе функцијата“, рече тој.
Германско-руските односи се на работ на прекин откако Русија ја започна инвазијата на Украина пред три години.
Москва особено внимателно следи дали Германија, под новиот канцелар, кој најверојатно ќе биде Фридрих Мерц од ЦДУ, ќе и обезбеди на Украина крстосувачки ракети Таурус кои би можеле да се употребат за напад на руска територија.
Мерц рече дека е подготвен да го стори тоа под одредени околности, додека претходниот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц беше категорично против тоа за да не ескалира војната.
Свет
Кремљ: Трамп се обидува да ги разбере причините за конфликтот

Кремљ денеска ја пофали администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за обидот да ги разбере основните причини на конфликтот во Украина и да го прекине она што, како што се наведува, е во спротивност со пристапот на Европа.
Овие изјави се меѓу најјасните признанија на Кремљ дека има голема промена во американската политика кон војната откога Трамп ја презеде функцијата пред пет недели.
Поништувајќи ги тригодишните напори на САД да ја казнат и изолираат Москва под администрацијата на Џо Бајден, Трамп бргу се фокусира на поправка на односите со рускиот претседател Владимир Путин и поддржа делови од наративот на Кремљ за конфликтот.
Минатата недела Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски диктатор.
Запрашан за изјавите на Трамп за Зеленски и Бајден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека самата администрација на Трамп објавила дека го менува својот пристап кон Русија.
„Тоа е она што го поздравуваме и поддржуваме. Тоа е првата работа. Второ, се надеваме дека Вашингтон целосно ќе ги анализира основните причини за украинскиот конфликт – тоа е всушност она на што се обидовме да ги натераме нашите противници во Европа да обрнат внимание, што тие секогаш одбиваа да го прават, исто како и претходната администрација во Вашингтон“, рече Песков.
Русија тврди дека била принудена да ја почне војната за да ги заштити оние што говорат руски јазик во Украина и да обезбеди Украина да не му се приклучи на НАТО. Украина и Западот велат дека ова биле само изговори за грабеж на земјиште во колонијален стил.
„Без длабока анализа и разбирање на основните причини за конфликтот во Украина, во суштина е невозможно правилно да се работи на (мировно) решение. И тука ги гледаме обидите на Вашингтон вистински да разбере што го предизвика овој конфликт и се надеваме дека оваа анализа ќе помогне во напорите во контекст на решавање на конфликтот“, рече Песков.
Од друга страна, Песков тврди дека во овој момент нема основа Русија да го обнови дијалогот со европските земји, кои денеска воведоа уште еден пакет-санкции кон Москва, вклучително и забрана за увоз на алуминиум. Песков ги опиша санкциите како „целосно предвидливи“.
Кремљ нагласи дека сака да најде решение за конфликтот во Украина преку разговори со САД обвинувајќи ја Европа дека сака да ги продолжи непријателствата во услови на зближување меѓу Русија и САД, што доведе до тоа Доналд Трамп да заземе попомирлива позиција кон Москва.
„Европејците продолжуваат по патот (…) на нивното убедување за неопходноста од продолжување на војната. Ова убедување на Европејците е во целосна спротивност со желбата да се најде решение за Украина, што во моментот го правиме со Американците“, додаде Песков на третата годишнина од рускиот напад врз соседната земја.
Свет
Се судрија два автобуса во Германија, има многу повредени

Во судир на два автобуса на јавниот превоз во градот Сарбрикен во западна Германија повредени се многу луѓе, меѓу кои и деца, соопшти полицијата.
Сè уште не е познат точниот број на повредени, ниту околностите.
Несреќата се случила околу 9 часот. На местото пристигнале полиција и брза помош.
Распореден е и спасувачки хеликоптер.