Свет
Лавров: Москва е загрижена поради активноста на НАТО во близина на руската и белоруската граница
Русија смета дека засилената активност на НАТО во близина на границите на Русија и Белорусија е загрижувачка, рече рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува ТАСС.
„Загрижени сме поради растечка активност на НАТО во близина на границите на Белорусија и Русија, како и поради одлуките за натамошно зголемување на воените буџети на земјите членки донесени на самитот на алијансата во Лондон. Овие чекори водат до милитаризација на Европа и се преземаат во спротивност на ветувањата дека нема да ја зајакнат сопствената безбедност на штета на безбедноста на другите“, порача тој.
Лавров посочи на акутната криза на системот за контрола на оружјето.
„Огромна штета врз архитектурата на стратешката стабилност е предизвикана од страна на САД, кои по своето повлекување од антибалистичкиот ракетен договор, го уништија договорот за ИНФ. Во прашање е иднината на новиот СТАРТ. Ние ќе продолжиме соодветно да реагираме на непријателски акции. Во исто време, Русија не бара конфронтација“, рече Лавров.
Тој истакна дека Русија се спротивставува на деструктивните политики што ги спроведуваат Вашингтон и неговите сојузници со позитивна агенда за обединување и е подготвена да го спречи појавувањето нови линии за раздвојување и да создаде зона на еднаква и неделива безбедност и широка соработка од Атлантикот до Тихиот Океан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

