Свет
Лавров откри кој е виновен што немало преговори со Украина
Москва беше подготвена да преговара со Украина во првите месеци од војната, но САД и другите западни земји го советуваа Киев да не го стори тоа.
Ова денеска во Преторија го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„ Познато е дека го поддржавме предлогот на украинската страна да се преговара на почетокот на специјалната воена операција и дека двете делегации се договорија за принципот за решавање на овој конфликт до крајот на март. Познато е дека нашите американски, британски а некои европски колеги и рекоа на Украина дека е рано за договор, а аранжманот што беше речиси договорен никогаш не беше разгледан од режимот во Киев“, рече Лавров.
Слични изјави минатата година имаше и рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека Москва е за преговори, но дека западните сојузници на Украина ги спречиле да се случат.
САД и другите западни земји рекоа дека Русија не е сериозна во преговорите за завршување на војната, која започна со рускиот напад врз Украина пред 11 месеци.
Лавров денеска во Преторија разговараше со шефот на јужноафриканската дипломатија Наледи Пандор, како дел од напорите на Русија да ги зајакне врските со најразвиената африканска земја и нејзиниот историски сојузник, во екот на конфликтот во Украина.
Јужна Африка се смета за најзначајна од неколкуте африкански држави кои зазедоа неутрален став за војната во Украина и одбија да ја осудат руската инвазија, на разочарување на САД и другите западни земји кои исто така ја гледаат како централна во нивните планови, за градење односи во Африка.
Посетата на Лавров на Јужна Африка е негова втора посета на африканскиот континент во последните шест месеци, во време кога Русија се обидува да обезбеди поддршка од други земји. Се очекува Лавров да посети и други африкански земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

