Свет
Либиската национална армија го затвори аеродромот во Триполи
Либиската национална армија (ЛНА), предводена од генералот Калифа Хафтар, објави дека меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина Триполи е затворен за воени и цивилни авиони и се закани дека секој авион што ќе се обиде да го искористи ќе биде соборен, пренесува агенцијата „Тасс“.
Портпаролот на ЛНА, генерал Ахмед ал-Мисмари, рече дека армијата го спроведува својот план за воведување зона на забрана за прелети од градот Гаријан во северозападниот дел на земјата до брегот на Триполи вклучувајќи ги и аеродромите и блиската воздушна база.
„Како знак на почитување на напорите на меѓународната заедница, нашите руски пријатели, арапските браќа, кои напорно се обидоа да постигнат прекин на огнот, се согласивме да ги набљудуваме без да поставуваме какви било барања за возврат, освен за зачувување на нашето право да одговориме на секоја закана или повреда на прекинот на огнот од страна на терористичките групи и криминална милиција“, рече тој.
„Сепак, аеродромот ‘Митига’ се претвори во главна точка за испорака на терористи, оружје и опрема, стана база на турските трупи. Во овој поглед најавуваме дека се воведува зона на забрана за прелети. Затоа, аеродромот и воздухопловната база отсега се сметаат за затворена воена зона, а нивната употреба од воената или цивилната авијацијата е строго забранета“, додаде генералот.
„Секој цивилен или воен авион што ќе влезе во неа, без оглед кои се неговите сопственици, ќе се смета за прекршувач на прекинот на огнот и веднаш ќе биде уништен. Ова е наше последно предупредување“.
Во средата медиумите објавија дека аеродромот се нашол под ракетен оган за што Владата на национален договор (ГНА) со седиште во Триполи ги обвини силите на Хафтар. Генералот Ал-Мисмари остро ги отфрли овие обвиненија. Аеродромот на својата страница на „Фејсбук“ соопшти дека ги прекинува сите операции до следното известување.
„Сите летови се пренасочуваат кон аеродромот ‘Мисрата’ (околу 200 км источно од Триполи) почнувајќи од четврток, 23 јануари“, соопшти управата на аеродромот, без да ги објасни причините за овој потег.
Северноафриканската држава е поделена од ривалските администрации, секоја со поддршка од разни држави.
Силите на Хафтар, кои од април се во опсада на Триполи, се поддржани од Египет, Русија и од Обединетите Арапски Емирати, а владата со седиште во главниот град се сврте кон Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.
Свет
(Видео) Израелски министер доживеа сообраќајка: автомобилот превртен
Автомобилот на министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир се превртел при сообраќајна несреќа.
Полицијата соопшти дека во судирот учествувале две возила и дека три лица се пренесени во болница откако биле полесно повредени, додека службениот автомобил на министерот завршил на неговиот покрив.
השר בן גביר היה מעורב בתאונת דרכים סמוך לזירת הפיגוע ברמלה, מצבו קל
(אורלי אלקלעי) @OferHalfonKan pic.twitter.com/iDT6Aq0OIo
— כאן חדשות (@kann_news) April 26, 2024
Од кабинетот на Бен Гвир велат дека министерот е во добра состојба и свесен, но е префрлен на понатамошно лекување во блискиот медицински центар Шамир.
Сликите од местото на настанот покажуваат дека неговото службено возило се превртело, додека друг автомобил бил згмечен напред.
Полицијата соопшти дека ги истражува причините за несреќата.