Европа
Лидерите на ЕУ денеска одлучуваат за Украина
На денешниот состанок во Брисел европските лидери формално ќе го почнат долгиот пат на Украина до членство во ЕУ бидејќи се очекува да биде донесена позитивна одлука за доделување кандидатски статус на Украина по позитивната препорака од Европската комисија минатата недела, пренесуваат светските агенции.
Иако е симболичен, анализираат во своите написи, овој потег ќе помогне да се зајакне моралот на оваа земја, каде што илјадници луѓе беа убиени во изминатите четири месеци, милиони се раселени и многу градови се срамнети со земја.
Украинскиот претседател Зеленски вчера изјави дека разговарал со 11 лидери на ЕУ за кандидатурата на Украина и дека ќе има повеќе повици в четврток верувајќи дека сите 27 земји од ЕУ ќе го поддржат статусот на Украина за кандидат.
„Ние тоа го заслужуваме“, им порача тој на собраните во Амстердам преку видеоврска.
„Тоа е клучен момент за нас бидејќи некои луѓе од мојот тим велат дека ова е нашата светлина на крајот од тунелот. Што се однесува до нашата армија и општество, тоа е голем мотивирачки фактор за единството и победата на украинскиот народ“, додал тој.
Според Би-би-си, Зеленски аплицирал за членство во ЕУ пет дена по почетокот на рускиот напад. На денот кога се слушнаа експлозиите во Киев, тој повикал на нова специјална процедура.
Доделувањето кандидатски статус на Украина за влез во ЕУ би било историска одлука што ќе ѝ сигнализира на Русија дека повеќе не може да бара сфера на влијание врз својот источен сосед, изјавил амбасадорот на Киев во Брисел.
Анкетата објавена оваа недела од страна на Европскиот совет за надворешни односи покажала дека 57 отсто од Европејците ја поддржуваат кандидатурата на Украина за членство, пишуваат медиумите.
Кандидатскиот статус во ЕУ, кој може да се додели само ако постојните земји членки се согласат едногласно, е првиот чекор кон членството. Кандидатскиот статус не обезбедува никакви безбедносни гаранции или автоматско право да се приклучи на блокот.
Полноправното членство на Украина ќе зависи од тоа дали земјата зафатена од војна може да ги исполни политичките и економските услови, а еден од главните проблеми со кои сега се соочува Украина се корупцијата и реформите на јавната администрација, стои во новинарските извештаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

