Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кејт Мидлтон миленичка на британската јавност: по популарноста го надмина и принцот Вилијам
Последната анкета на јавното мислење во Велика Британија, објавена денеска, покажа дека принцезата од Велс, Кејт Мидлтон го надмина принцот Вилијам по популарност.
Во истражувањето спроведено од агенцијата за истражување на јавното мислење „Savante for the Independent“, Кејт (42), која моментално се лекува од неодреден облик на рак, ја поддржуваат 62 отсто од испитаниците, додека принцот од Велс (41) е фаворизиран од 61 отсто од британските испитаници.
Принцот Ендру (64), по дружењето со осудениот педофил Џефри Епштајн, е избран за најмалку омилен член на кралското семејство – го поддржуваат само 14 отсто од испитаниците.
Принцот Хари и Меган Маркл, исто така се соочуваат со недостаток на популарност. Хари (39) го поддржуваат само 29 отсто од испитаниците, додека неговата сопруга Меган (42) е уште помалку популарна со само 25 отсто поддршка од испитаниците, пренесува Танјуг.
Свет
ОН: Израелскиот копнен напад врз Рафах може да доведе до масакр
Израелскиот копнеен напад врз Рафах ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе огромен удар на хуманитарните напори низ палестинската енклава, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафах, каде што се засолниле речиси милион луѓе.
„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот појас, бидејќи тие се управуваат претежно од Рафах“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке на брифингот во Женева.
Хуманитарните активности од Рафах вклучуваат медицински клиники и пунктови за дистрибуција на храна и центри за неухранети деца, рече тој.
Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) на истиот брифинг изјави дека е подготвен план за копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди дека тоа нема да биде доволно за да се спречат големиот број на жртви.
„Тоа апсолутно нема да спречи значителни дополнителни смртни случаи“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за палестинските територии.
Тој додаде дека е „многу загрижен“ што нападот ќе го затвори граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој се користи за увоз на лекови и медицинска опрема.
Свет
(Видео) Камион без возач прегази најмалку 29 ученици на фестивал во Киргистан
Камион без возач прегази 29 ученици на фестивал во Киргистан.
Камионот што го користел продавач на сладолед ненадејно тргнал по удолницата и прегазил голем број ученици, од кои многумина биле свртени со грб.
Многумина успеале да побегнат, но 29 лица биле прегазени.
Осумнаесет деца на возраст од девет до 16 години се хоспитализирани, додека кај седум има опасност по живот.
Инцидентот го снимила камерата на дронот која го снимила моментот кога децата го држат големото знаме на Киргистан.
На видеото се гледа како камионот ненадејно се движи по удолницата и минува низ групи деца.
Полицијата покренала истрага, а според една од пријавите, возачот заборавил да ја повлече рачната сопирачка.