Свет
Литванија ги прошири санкции против Калининград
Литванија денеска ги прошири трговските ограничувања на руската балтичка енклава Калининград низ нејзината територија во согласност со санкциите на Европската Унија против Москва. Од денеска на листата на забранети стоки се и цемент, дрво, алкохол и индустриски хемикалии на база на алкохол, соопшти портпаролот на царинската служба на Литванија.
Во петокот Русија ги предупреди Литванија и ЕУ дека би можела да преземе строги мерки против нив доколку транзитот на стоки до и од Калининград не биде повторно воспоставен во рок од неколку дена.
Трговските ограничувања се заострија бидејќи владите, пазарите и компаниите се загрижени дека Русија би можела да го продолжи затворањето на најголемиот гасовод што носи руски гас до Германија за повеќе од 10 дена, како што е планирано за одржување.
Регионот Калининград, кој граничи со Литванија и Полска, членки и на ЕУ и НАТО, и зависи од патниот и железничкиот транспорт на повеќето стоки преку Литванија, е отсечен од својата мајка Русија од 17 јуни поради санкциите воведени од Брисел.
Поради санкциите на ЕУ, оневозможен е и карго-превозот од Русија. Стоките што спаѓаат во хуманитарната категорија и добрата од витално значење, како што е храната, се изземени од санкциите на ЕУ.
Европските претставници, со поддршка на Германија, се обидоа да постигнат компромис за калининградското прашање на крајот на јуни, но според извори на „Ројтерс“, Литванија имала сериозни резерви за секое решение што може да се протолкува како отстапка за Москва.
„Мораме да се соочиме со реалноста, (Путин) има поголема предност од нас. Во наш интерес е да најдеме компромис“, рече еден од изворите на последниот ден од јуни додавајќи дека Калининград е свет за Москва и дека исходот од договорот веројатно ќе изгледа неправеден.
Едно од решенијата што беше спомнато беше дека сообраќајот меѓу Русија и Калининград не се смета за меѓународна трговија бидејќи е руска територија и врз основа на тоа треба да биде изземен од санкции, но потоа стоката да не се извезува, туку да се користи исклучиво во енклава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Над 30 лица загинаа во поплавите во Бразил, 60 лица се водат како исчезнати
Повеќе од 30 лица загинаа во поплавите во јужен Бразил, 60 лица се водат како исчезнати, додека околу 15.000 жители се евакуирани.
Хидроелектрична брана во бразилската држава Рио Гранде до Сул се урна поради поплавите предизвикани од обилните дождови неколку дена, а најмалку 500.000 луѓе останаа без струја и чиста вода, јавува Би-би-си.
Во акцијата за пребарување и спасување беа вклучени и хеликоптери, а во некои населби жителите се качија на покривите на нивните поплавени домови.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го посети поплавениот регион и вети помош од Владата на Бразил.
Гувернерот на државата Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите побара итна помош за луѓето во поплавените подрачја, а владата на таа држава прогласи вонредна состојба.
Метеоролозите најавија дека врнежите ќе продолжат во тој регион.
Повеќе од 30 луѓе загинаа минатата година во циклон во Рио Гранде до Сул.
Регион
(Видео) Една година од масакрот во училиштето во Белград, беа убиени девет ученици и чуварот
Помина точно една година од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.
На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.
На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.
„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.
На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.
Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.
Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.
„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.
Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.
Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.
Европа
Украински разузнавач: На крајот ќе мора да преговараме со Русија
Украина ќе мора да стапи во преговори со Русија во одреден момент за да стави крај на нивната повеќе од двегодишна војна, изјави висок украински разузнавач во интервју објавено во четвртокот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли разговорите со Кремљ, а декретот што го издаде откако Русија официјално анектираше четири украински региони во 2022 година, ги оцени преговорите за „невозможни“.
Генерал-мајор Вадим Скибицки, заменик-шеф на украинската воена разузнавачка агенција ХУР, сепак, изјави за магазинот Економист дека разговорите на крајот ќе бидат неопходни, како што би било случај со секоја војна.
„Генералот Скибицки вели дека не гледа начин Украина сама да ја добие војната на бојното поле. Дури и ако успее да ги потисне руските сили назад до границите – што е сè подалечна перспектива – тоа нема да ја заврши војната“, пишува Економист.
„Таквите војни можат да завршат само со договори“, вели тој. Во моментов и двете страни се борат за најповолна позиција пред потенцијалните преговори. Но, значајните преговори може да започнат најрано во втората половина на 2025 година, шпекулира тој.
Зеленски и други официјални лица рекоа дека Русија не е поканета на „мировниот самит“ планиран за Швајцарија во јуни, бидејќи нема гаранција дека Москва ќе разговара со добра волја.
Министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, се појави да го повтори размислувањето на Скибицки во одделно интервју за магазинот Форин полиси оваа недела, велејќи дека јунскиот самит имал за цел „да ги обедини земјите кои споделуваат принципи и пристапи врз кои ќе градат понатамошни активности“.
„Потоа може да има комуникација со Русија и Русија може да биде дел од разговорот. Затоа што сте во право: на крајот, не можете да ја завршите војната без двете страни“.
Рускиот претседател Владимир Путин и други високи функционери велат дека Украина го блокира секој обид за решение.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека средбата во јуни не може да биде „сериозна конференција со сериозни очекувања за некаков резултат“ без присуство на Русија.
Во своето видео обраќање доцна во четвртокот, Зеленски ја опиша средбата во јуни како „практично првата вистинска можност да се започне повторно воспоставување праведен мир“.
„Сите наши позиции, на бојното поле, во дипломатијата и во информатичката сфера, сега мора да бидат подеднакво силни“, рече тој. „Нашата сила, нашите способности, нашите оружја, единството со партнерите – сето тоа мора да работи заедно. И ќе функционира“.