Свет
Лула да Силва: Болсонаро е „имитатор“ на Трамп, тој повеќе нема да ја води земјата
Во интервју за Си-Ен-Ен во петокот, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го нарече својот екстремно десничарски претходник Жаир Болсонаро „верен имитатор“ на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и рече дека нема шанси тој повторно да стане шеф на државата.
Левичарскиот претседател изјави дека бразилското правосудство го истражува Болсонаро за напад на демократијата.
Тој ќе се сретне со Бајден во Белата куќа како дел од посетата на САД за да покаже поддршка за демократијата во Бразил, која беше загрозена од Болсонаро, кој никогаш не го призна поразот на минатогодишните претседателски избори.
Поддржувачите на Болсонаро ги окупираа владините згради во Бразилија на 8 јануари, повикувајќи на воен удар за соборување на Лула, што потсетува на 6 јануари 2021 година, кога следбениците на Трамп го нападнаа американскиот Капитол.
Лула рече дека Болсонаро, кој отпатува за Флорида два дена пред да му заврши мандатот на крајот на декември, не ги сака синдикатите, не сака да разговара со работодавците и не сака да разговара со новинари.
„Само тој и неговите лаги“, рече Лула.
Тој објасни дека го разрешил началникот на Генералштабот на вооружените сили бидејќи неговата администрација верувала дека одредени делови од војската соработувале со оние кои сакаат да се врати Болсонаро и додаде дека неговата влада во моментов спроведува чистка на офицерите наклонети кон поранешниот претседател.
На прашањето за неутралноста на Бразил во врска со војната во Украина, бразилскиот лидер рече дека Русија погрешила што извршила инвазија на суверена држава, но тој ја бранел својата одлука да не испраќа артилериска муниција од германско производство како дел од западната поддршка за одбраната на Украина.
„Да испратев муниција, ќе се приклучев на војната. Не сакам да се приклучам на војната, сакам мир“, рече Лула да Силва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.
Свет
Ирански командант: Три европски земји ќе одговараат за помошта кон Израел
Командантот на силите Кудс, Есмаил Кани изјави дека трите европски земји кои ги распоредија своите воени авиони за да го одбранат Израел од одмаздничката операција организирана од Иран ќе одговараат.
– Франција, Германија и Велика Британија не треба да мислат дека распоредувањето на авионите таа ноќ е крај на проблемот. Да, таа ноќ заврши, но ќе одговорат во догледно време – изјави бригадниот генерал Есмаил Кани.
Според него, Соединетите Американски Држави и целата западна воена алијанса на НАТО придонеле со сите свои воени капацитети за одбрана на Израел од иранската операција „Вистинско ветување“, пренесува иранската агенција „Тасним“.
– Седум или осум поморски групи се распоредени во Црното Море за да се спречи (иранската) операција – рече тој, додавајќи дека во таа операција се вклучени и повеќе од 200 авиони.
Кани оцени дека Иран ја покажа својата сила, непоколебливост и моќ на целиот свет при нападот на територијата на Израел.
– Победата на операцијата „Вистинско ветување“ не е ограничена само на бројот на ракети и беспилотни летала кои стигнаа до окупираните територии – рече Кани и ги повика земјите од регионот да учат од, како што наведе, „неспособноста на САД да го заштитат израелскиот режим за време на иранската операција“ и да не се потпираат на Вашингтон.
На 13 април Техеран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, како одговор на нападот врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск на 1 април, кога беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда.
Иран тврди дека нападот „Вистинско ветување“ предизвикал голема штета на израелските воени бази.
Регион
Изгласана новата влада на Хрватска: Пленковиќ по трет пат стана премиер
Пратениците во хрватскиот Сабор вечерва гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ. За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Претседателот и членовите на Владата потоа дадоа заклетва пред пратениците, со што Андреј Пленковиќ го започна третиот последователен мандат како премиер.
Во Собранието денеска беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на „успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска“.
Во новиот мандат, владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра, како и отворање на 125.000 нови работни места.
До крајот на мандатот на новата влада, пензиите треба да се зголемат за најмалку 30 отсто, со што просечната пензија би изнесувала најмалку 750 евра.
Новата влада наместо досегашните 16 ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.