Свет
МААЕ бара од Русија и од Украина да ја заштитат нуклеарната централа во Запорожје

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, побара од Украина и Русија да ги прифатат петте принципи за заштита на нуклеарната централа Запорожје.
Гроси рече дека и по неколкумесечни напори, не можел да обезбеди договор меѓу двете страни за заштита на објектот и намалување на ризикот од катастрофална нуклеарна несреќа, која би можела да биде предизвикана од воени активности, како што е гранатирањето.
Петте принципи на Гроси вклучуваат обврска да не се извршуваат напади на локацијата и од локацијата на нуклеарната централа, да не се користи просторот на нуклеарната централа за распоредување тешко оружје, како што се повеќе ракетни фрлачи и проектили, артилериски системи и муниција и тенкови, како и за стационирање војници.
Гроси на брифинг во Советот за безбедност на ОН побара станиците за снабдување со електрична енергија надвор од локацијата Запорожје да останат достапни и безбедни, како и сите други витални системи, кои мора да бидат заштитени од напади или саботажа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Најмалку 25 лица загинаа во текот на ноќта во нови напади на израелската армија врз Појасот Газа

Најмалку 25 лица загинаа во текот на ноќта во нови напади на израелската армија врз Појасот Газа, во време кога мировните преговори се во застој.
Според здравствени извори, голем дел од жртвите се убиени додека чекале хуманитарна помош во близина на граничниот премин Зиким со Израел. Меѓу загинатите има и четири лица од иста семејна зграда во градот Газа.
Организацијата на Обединетите нации предупреди на ризик од масовна глад во енклавата, и покрај тврдењата на Израел дека не ги блокира доставите на помош. Според ОН, големиот дел од помошта не може да стигне до населението поради воени блокади и грабежи.
Преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас се прекинати, откако американските и израелските преговарачи се повлекоа од Катар. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека се разгледуваат „алтернативни опции“, додека Хамас смета дека повлекувањето било тактика на притисок.
Свет
Поради пожарите во Турција евакуирани се над 2.600 лица

Турската Дирекција за управување со вонредни ситуации (АФАД) евакуираше 2.619 лица откако оваа недела Турција се соочи со серија интензивни шумски пожари во повеќе провинции, јави весникот „Дејли сабах“.
Пожарите, поттикнати од екстремно високи температури, силен ветер и сушно време, мобилизираа илјадници спасувачи и доброволци кои учествуваат во гаснењето на огнот. Екипите се активни од воздух и копно, а според АФАД, ангажирани се 4.231 лице, 45 летала и 1.236 копнени возила.
Најтрагичниот инцидент се случи во средата, во руралниот дел на провинцијата Ескишехир, каде животот го загубија десет лица – пет шумски работници и пет припадници на организацијата АКУТ за пребарувачко-спасувачки операции, додека се бореле со огнената стихија.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, изјави во петокот дека во гаснењето учествуваат 27 авиони, 105 хеликоптери, 6.000 возила и 25.000 лица. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Свет
Париз, Лондон и Берлин повикаа да престане хуманитарната катастрофа во Газа

Хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора веднаш да престане, повикаа вчера во заедничко соопштение Париз, Лондон и Берлин.
„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да престане“, нагласија трите европски земји.
Тие на овој начин одговорија на алармот објавен од ОН и невладините организации дека постои ризик од непосреден и широко распространет глад во Газа. Трите европски престолнини ја повикуваат европската влада веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош.
Франција, Велика Британија и Германија, исто така, потсетуваат дека Израел мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право.
„Дојде моментот да се стави крај на војната во Газа“, додадоа тие и ги повикаа сите страни да го прекинат конфликтот со склучување на договор за моментално прекин на огнот.