Свет
Макрон го осуди нападот во џамијата во кој беа ранети две лица
Францускиот претседател, Емануел Макрон, го осуди вчерашниот напад во џамијата во Франција, во кој беа ранети две лица.
„Остро го осудувам ужасниот напад пред џамијата во Бејон. Моите мисли се со жртвите. Република Франција никогаш нема да толерира омраза. Ќе биде направено сè за да бидат казнети осомничените, а муслиманските граѓани да бидат заштитени“, напиша Макрон на „Твитер“.
Француските медиуми пренесуваат дека нападот го извел Клод Синк, кој на регионалните избори во 2015 година бил кандидат пред партијата на екстремната десница Национален фронт на Мари Ле Пен.
Маж на 84-годишна возраст беше уапсен кога вчера пукаше и рани две лица во џамија во јужна Франција. Локалните медиуми наведуваат дека напаѓачот, инаку поранешен војник, пукал во луѓе внатре во џамијата. Ранил двајца повозрасни мажи, кои итно биле пренесени во болница.
Напаѓачот, кој сè уште не е идентификуван, е уапсен во неговиот дом. Медиумите додаваат дека полицијата таму нашла пиштол и бомби. Во тек е истрага за инцидентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел ги засили нападите врз јужен Либан
Израел денес ги засили воздушните напади врз јужен Либан, при што загина најмалку една личност. Израел рече дека нападите се насочени кон спречување на повторното воено зајакнување на Хезболах, кој, според нив, се обидува повторно да се вооружи по завршувањето на минатогодишната војна.
Хезболах тврди дека ги исполнува обврските од договорот за прекин на огнот и дека ги повлекол силите северно од реката Литани, каде контрола треба да преземат либанската армија и УН силите (УНИФИЛ). Но спроведувањето на договорот е отежнато поради израелските операции и внатрешните политички услови во Либан.
Денес Израел предупреди четири јужни села – Деир Кифа, Шехур, Аината и Таир Филсаи – и објави дека напаѓа инфраструктура на Хезболах. Во претходен напад врз селото Ал-Тири загинала една личност, соопшти либанското министерство за здравство.
Израелската војска тврди дека убила член на Хезболах задолжен за „обнова на воената подготвеност“. Во вторникот Израел изведе еден од најсмртоносните напади од минатогодишниот конфликт, убивајќи 13 лица во палестински бегалски камп кај Сидон. Израел рече дека нападнал објект што го користи Хамас, додека Хамас негира присуство на воени структури во камповите.
Свет
10.000 полски војници ќе ја чуваат критичната инфраструктура на земјата
Полска ќе распореди 10.000 војници за заштита на критичната инфраструктура, вклучително и железниците, изјави министерот за одбрана Владислав Кошињак-Камиш, објави Ројтерс.
Соопштението доаѓа по експлозијата на железничката пруга за време на викендот, за која Варшава ја обвинува Москва.
Претстојните божиќни празници може да бидат сметани од непријателите на Полска како добро време за саботажи, ги предупреди новинарите началникот на полскиот Генералштаб, Вислав Кукула.
Претходно денес, министерот за надворешни работи го објави затворањето на рускиот конзулат во Гдањск и предупреди дека одговорот на саботажата на железничките линии нема да биде само дипломатски.
Свет
Берлин: На Украина итно ѝ е потребна поголема помош за одбрана
Германската влада соопшти дека на Украина итно ѝ е потребна поголема помош во одбраната. Берлин обезбедува дополнителна материјална помош за Киев за зимата.
Ситуацијата во Украина е многу напната поради континуираните напади на Русија и на Киев итно му е потребна помош од партнерите во одбраната, изјави портпарол на германската влада.
„Континуираните напади на Русија ја ставаат Украина под огромен притисок и ова е уште една причина поддржувачите на Украина да ѝ помогнат на земјата да се одбрани“, изјави владиниот портпарол на редовната владина прес-конференција во Берлин.
Во екот на тековните руски напади врз украинската инфраструктура, германската влада објави дека ќе испрати и дополнителна зимска помош за земјата во вредност од 40 милиони евра.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Германија „помага да се одржат домовите топли и осветлени и да се осигури дека Русија нема да успее да го скрши моралот на Украинците кои ја бранат својата татковина со гаѓање на инсталации за гас и електрична енергија“.
Средствата, според неговата изјава, ќе бидат искористени за хуманитарни мерки: поправка на системи за греење и оштетени домови, како и снабдување со генератори, ќебиња и хигиенски производи.
Во исто време, сепак, има намалувања на хуманитарната помош: во 2024 година, придонесот на Германија за хуманитарна помош беше над 400 милиони евра, но за оваа година е значително намален.

