Свет
Макрон и Шолц разочарани од Путин

Францускиот претседател, Емануел Макрон, и германскиот канцелар, Олаф Шолц, му кажале на рускиот претседател Владимир Путин дека се разочарани од неговите планови да ја признае независноста на самопрогласените републики Донецк и Луганск, соопшти денеска прес-службата на Кремљ по нивните телефонски разговори.
„Макрон и Шолц изразија подготвеност да ги продолжат контактите“, додаваат од Кремљ.
Кабинетот на Шолц соопшти дека тој ја осудува процената на Путин дека Русија може да ги признае двата отцепени украински региона, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Специјалниот претставник на Трамп пристигна во Москва

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пристигна во Москва, пречекан од рускиот инвестициски претставник Кирил Дмитриев.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој предупреди дека ќе воведе санкции врз Русија ако Москва не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, претходно изјави дека Виткоф би можел да отпатува во Москва оваа недела во уште еден дипломатски напор за прекин на непријателствата.
Руски извор вклучен во подготовките за посетата не кажа со кого ќе се сретне Виткоф во Москва, но извор запознаен со планот изјави за „Ројтерс“ во Вашингтон вдека Виткоф ќе се сретне со руските лидери во среда, додека Кремљ во понеделник соопшти дека Виткоф би можел да се сретне со Путин.
Трамп изјави дека ако Русија не се согласи на прекин на огнот во Украина до петок, ќе се соочи со нови санкции. Мерките би вклучувале високи тарифи за земјите што купуваат нејзина нафта, од кои најголеми се Индија и Кина.
Но, Путин веројатно нема да се согласи на ултиматум бидејќи верува дека ја добива војната и дека неговите воени цели се поголеми од неговата желба да ги подобри односите со САД, изјавија за „Ројтерс“ три извори блиски до Кремљ.
„Посетата на Виткоф е последен обид да се најде решение што би го спасило образот за двете страни. Сепак, не мислам дека ќе има некаков компромис меѓу нив“, рече Герхард Мангот, австриски аналитичар и член на група западни академици и новинари кои редовно се среќавале со Путин во текот на годините.
„Русија ќе инсистира дека е подготвена за прекин на огнот, но (само) под условите што ги формулирала во последните две или три години“, рече тој во телефонско интервју.
„Трамп ќе биде под притисок да го стори она што го најави – да ги зголеми царините за сите земји што купуваат нафта и гас, а можеби и ураниум, од Русија.“
Фото: ЕПА
Свет
Хирошима: 80 години од првата атомска бомба во светот која уби над 100.000 луѓе

Јапонскиот град Хирошима одбележува 80 години од американскиот нуклеарен напад што го уништи градот и одзеде десетици илјади животи. Хирошима беше срамнета со земја на 6 август 1945 година. Три дена подоцна, Нагасаки ја доживеа истата судбина.
Последиците од двете бомби, што доведоа до капитулација на Јапонија на 15 август и крај на Втората светска војна во Азија и Пацификот, се проценува дека убиле повеќе од 200.000 луѓе до декември 1945 година.
Бомбата, со прекар „Мало момче“, експлодираше над Хирошима, убивајќи околу 80.000 луѓе речиси веднаш. Вкупниот број на жртви подоцна достигна околу 140.000. Три дена по Хирошима, втора бомба експлодираше над Нагасаки. Околу 40.000 луѓе починаа веднаш, а вкупниот број на жртви се проценува на повеќе од 70.000.
Хирошима сега се гледа низ целиот свет како симбол на ужасите од војната и, со нив, на напорите за мир и свет без нуклеарно оружје, а тоа се обично главните пораки на комеморативните церемонии што се одржуваат во градот на годишнините од нападите.
„Соединетите Американски Држави и Русија поседуваат 90 проценти од нуклеарните боеви глави во светот, а во контекст на руската инвазија на Украина и напнатата ситуација на Блискиот Исток, гледаме забрзан тренд на воено јакнење низ целиот свет“, рече градоначалникот Мацуи Казуми.
„Некои лидери ја прифаќаат идејата дека нуклеарното оружје е од суштинско значење за нивната национална одбрана, очигледно игнорирајќи ги лекциите што меѓународната заедница требаше да ги научи од трагедиите на историјата“.
Мацуи минатиот месец го повика Доналд Трамп да му оддаде почит на Хирошима, додека американскиот претседател ги спореди неодамнешните воздушни напади врз Иран со атомските бомбардирања од 1945 година.
На церемонијата присуствуваа претставници од 120 земји и региони, вклучувајќи ги Израел, Палестина и Украина. Рускиот претставник не присуствува на церемонијата втора година по ред, додека претставникот на Белорусија присуствува на годишнината за прв пат по четири години. Големите нуклеарни сили како Кина и Пакистан исто така беа отсутни.
Ова е прв пат Јапонија да не испрати покани до одредени земји, туку да ги информира сите земји и региони за настанот, па така на настанот присуствуваа и Палестина и Тајван, кои Јапонија не ги признава како држави.
Свет
Трамп именува наследник

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес посочи дека потпретседателот Џ. Д. Венс би можел да биде неговиот најверојатен наследник за претседател во 2028 година.
„Мислам дека тоа е најверојатно“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за неговиот можен политички наследник, објави „Ројтерс“.
Трамп исто така предложи Венс и државниот секретар Марко Рубио да ги здружат силите за идниот републикански кандидат.
Како што истакна „Ројтерс“, ова е првпат Трамп отворено да го поддржи Венс како можен кандидат.
Во февруари тој рече дека Венс е многу способен, но дека е прерано да се утврди кој ќе биде кандидат.