Европа
Макрон: Не сакам себична и поделена Европа
Франција е рамо до рамо со Италија, а Европа не смее да биде себична, истакна францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за водечките италијански весници „Ла Република“, „Кориере дела Сера“ и „Ла Стампа“.
„Франција е тука да и помогне на Италија. Она што ме загрижува е болеста и ако не покажеме солидарност, Италија, Шпанија или некој друг би можел да им каже на своите европски партнери: ‘каде бевте кога бевме на фронтот’. Не сакам себичнa и поделена Европа “, истакна францускиот претседател.
Италија, една од земјите кои се најтешко погодени од вирусот, беше критична кон Франција и Германија, откако првично одбиваa да обезбедaт маски за лице и друга опрема за да помогнaт во справувањето со епидемијата на коронавирус. Рим апелираше за помош на Кина, која испрати авион полн со маски и респиратори со налепници „Форца Италија“ и со мали кинески и италијански знамиња, оставајќи силен впечаток кај Италијанците.
„Многу се зборува за кинескатa или рускатa помош, но зошто да не се каже дека Франција и Германија испратија два милиони маски и десетици илјади заштитни костуми во Италија“, рече Макрон.
„Ова не е доволно, но ова е само почеток и не смееме да си дозволиме да бидеме во заблуда од она што го велат нашите меѓународни партнери и конкуренти“, рече Макрон, додавајќи: „Европа мора да се чувствува горда и силна затоа што е така, но мора да одиме многу подалеку. Затоа ја бранам буџетската солидарност во управувањето со оваа криза и нејзините последици“, додаде францускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.