Свет
Марти Ахтисари боледува од Алцхајмерова болест, се повлече од сите јавни активности
Поранешниот фински претседател, поранешен специјален пратеник на ОН за статусот на Косово и Метохија и добитник на Нобеловата награда за мир, Марти Ахтисари, боледува од Алцхајмерова болест и се повлече од сите јавни активности, објави денеска кабинетот на финскиот претседател, Саули Ниниста.
Според соопштението, 84-годишниот Ахтисари, кој беше претседател на Финска од 1994 до 2000 година, има помош за секојдневниот живот дома, но исто така повремено поминува периоди на лекување во дом за стари лица поради напредната состојба на болестa.
Како наставник во основно училиште Ахтисари со децении работеше како дипломат и мировен посредник за финската влада и Обединетите нации и ја доби Нобеловата награда за мир во 2008 година за неговата работа во решавањето на меѓународните конфликти.
Се верува дека неговиот план од 2007 година за статусот на Косово и Метохија, иако не беше прифатен од Советот за безбедност на ОН и Србија, стана основа за прогласување независност на Косово во 2008 година.
Кога неговиот претседателски мандат заврши во 2000 година, Ахтисари ја основа НВО Хелсиншката иницијатива за управување со кризи (ЦМИ), чија цел е да спречи и реши насилни конфликти преку неформален дијалог и медијација.
Тој поднесе оставка како претседател на ЦМИ на крајот на 2017 година и оттогаш е во пензија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер одбива да ја осуди американската акција во Венецуела, лабуристите реагираат
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека засега нема да ја осуди американската акција во Венецуела, нагласувајќи дека прво сака да „ги утврди фактите“ и да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп. Истовремено, тој порача дека Обединетото Кралство „нема да пролева солзи“ поради крајот на режимот на Николас Мадуро.
Ваквиот став предизвика реакции кај дел од пратениците од Лабуристичката партија, кои американското дејствување го оценија како кршење на меѓународното право. Пратеничката Ким Џонсон праша дали Обединетото Кралство и понатаму стои зад меѓународното право и суверенитетот, додека Ричард Бургон ја нарече изјавата на Стармер „срамна и неодговорна“.
Поранешниот министер за финансии во сенка Џон Мекдонел изјави дека земјата е „практично претворена во колонија на Трамп“, обвинувајќи ја владата за избегнување јасен став. Критики упати и пратеникот Клајв Луис, кој оцени дека молкот на владата претставува јасно отстапување од Нирнбершките принципи.
Фото: depositphotos
Свет
Тајмс: Иранскиот ајатолах подготвил план за бегство во Москва доколку протестите излезат од контрола
Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи има подготвен план за бегство од земјата во случај масовните протести да излезат од контрола и безбедносните сили да му ја откажат послушноста, објави британски „Тајмс“, повикувајќи се на разузнавачки извештај.
Според наводите, рутата за бегство од Техеран е веќе испланирана, а како најверојатна дестинација се споменува Москва. Планот би се активирал доколку ајатолахот процени дека армијата и безбедносните структури ја губат контролата или одбиваат да постапуваат по наредбите.
„Тајмс“ наведува дека планот е моделиран по бегството на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој во декември 2024 година ја напушти Сирија и замина во Русија.
Во текстот се посочува дека Хамнеи контролира значителна мрежа на имот и финансиски ресурси, што, според изворите, претставува гаранција за евентуално безбедно заминување.
Свет
Би-Би-Си: Апсењето на Мадуро е опасен преседан за целиот свет
Апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, претставува сериозен преседан во меѓународните односи и удар врз меѓународното право, оценува Би-Би-Си во анализа.
Трамп изјави дека САД привремено ќе управуваат со Венецуела, додавајќи дека не се исклучува ниту испраќање војска. Американските власти тврдат дека операцијата била успешна воено, но експертите предупредуваат дека политичките последици би можеле да бидат катастрофални.
Би-Би-Си потсетува дека претходни американски интервенции со цел промена на режими, како во Ирак и Авганистан, довеле до долготраен хаос. Се предупредува дека и падот на Мадуро може да предизвика насилство, нестабилност и борба за власт во Венецуела.
Кина ја осуди американската акција како кршење на суверенитетот и меѓународното право, а анализата посочува дека ваквиот преседан може да биде искористен и од други светски сили, особено во контекст на Тајван и Украина.
„Откако еднаш ќе се премине оваа граница, правилата што го спречуваат глобалниот хаос почнуваат да се уриваат“, се наведува во анализата на Би-Би-Си.

