Свет
Масовен ракетен напад врз Киев, се слушаат експлозии
Утрово, руските сили повторно извршија масовен ракетен напад врз Украина, а цел е и Киев, каде што во неколку наврати одекнаа експлозии, јавуваат украинските медиуми.
Главниот град на Украина, Киев, повторно се најде на удар на руски беспилотни летала, а властите предупредија и на ракетни напади од Москва.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека утрово се слушнале експлозии во градот и дека остатоците од дрон предизвикале пожар во областа Деснански во близина на центарот.
Аларми имаше и во други градови, меѓу кои Херсон и Миколаив.
Воздухопловните сили на вооружените сили на Украина објавија дека Русија подигнала 16 стратешки бомбардери „ту-95МС“, од кои лансира ракети, и дека е прогласена тревога за воздушен напад во цела Украина.
На ракетниот напад му претходел напад со беспилотни летала, јавува „Интерфакс Украина“ и наведува дека украинската воздушна одбрана ги уништила сите 35 дрона лансирани од Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто: Европа е зафатена од воена треска, се подготвува за конфликт со Русија
Европа е зафатена од „воена треска“ и сè поотворено се подготвува за војна, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи ја намерата на Европската Унија да му испрати на Киев речиси 200 милијарди евра за оружје и функционирање на државата.
„Кога зборуваме за мобилизација на 60 милијарди евра европски пари за вооружување на украинската армија или за испраќање 130 милијарди евра во Украина, тешко е да се нарече тоа поинаку освен подготовка за војна“, рече Сијарто во емисијата „Борбен Час“.
Според него, наместо да придонесува за мирот, Европската Унија сè подлабоко тоне во политиката на конфронтација, што може да има далекусежни последици за безбедноста на континентот.
Сијарто истакна дека единствениот пат до стабилност е „евроазискиот дијалог“, бидејќи без Русија, како што рече, не е можно да се создаде реална и одржлива безбедносна архитектура во Европа.
„Нереално е да се мисли дека Европа ќе биде безбедна ако Русија остане изолирана. Безбедноста е можна само преку соработка, а не преку санкции и конфронтација“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Фото: принтскрин
Свет
Порака од Првата светска војна пронајдена на австралиска плажа
Пораки во шише напишано од двајца австралиски војници неколку дена по заминувањето со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на брегот на Австралија.
Шишето од брендот „Швепс“ е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со својата ќерка Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, пренесува АП.
„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.
Внатре во проѕирното, дебело стакло се наоѓале весели писма напишани со молив од војниците Малколм Невил (27) и Вилијам Харли (37), датирани на 15 август 1916 година. Нивниот воен брод тргнал од Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, на 12 август истата година, на долго патување до другата страна на светот, каде што австралиските војници требало да го зајакнат 48-от австралиски пешадиски баталјон на Западниот фронт во Европа. Невил бил убиен во акција една година подоцна, а Харли бил ранет двапати, но ја преживеал војната, за да умре во Аделаида во 1934 година.
Војникот Невил го замолил оној што ќе го најде шишето да го достави писмото до неговата мајка Робертина Невил во Вилкават, сега практично„град на духови“ во Јужна Австралија, додека Харли, чија мајка починала до 1916 година, напишал дека ќе биде среќен ако оној што ќе го најде шишето ја зачува неговата порака.
Внуката на Харли, Ен Тарнер, рекла дека нејзиното семејство било апсолутно запрепастено кога ја пронашле пораката на нејзиниот дедо во шише. „Едноставно не можеме да веруваме. Навистина изгледа како чудо и навистина се чувствуваме како дедо да ни се обратил од гробот“, изјави Тарнер за Австралиската радиодифузна корпорација.
Пранункукот на Невил, Херби Невил, рече дека неговото семејство било обединето од „неверојатното“ откритие. „Звучи како да бил доста среќен што отишол во војна. Толку е тажно што се случило. Толку е тажно што го загуби животот. Каков човек беше“, рече Невил.
Фото: принтскрин
Свет
Израел по новите напади врз Газа: Повторно ќе го почитуваме примирјето
Израелската војска соопшти дека повторно ќе го почитува примирјето во Појасот Газа, откако во текот на ноќта извршила воздушни напади како одговор на напад врз нејзини војници.
Според соопштението, израелската армија бомбардирала десетици цели, при што биле убиени повеќе од 30 вооружени лица што имале командни позиции во палестинските вооружени групи.
Палестински медицински извори пренесуваат дека во нападите загинале најмалку 104 лица, јави Ројтерс. Ако бројките се потврдат, тоа би бил најголем број жртви од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Израел ја обвини организацијата Хамас за заседа во Рафа во која загинал израелски војник, но Хамас го негира тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, и покрај новите инциденти, примирјето останува на сила и дека „ништо нема да го загрози“, додавајќи дека Хамас вети дека ќе го почитува договорот.

