Свет
Масовни протести во Германија против ковид-мерките, повредени 14 полицајци
Повеќе од 35.000 луѓе присуствуваа на протестите во Германија против ограничувањата наметнати од владата поради коронавирусот.
Многу собири беа претходно регистрирани кај властите, што е неопходно според германскиот закон, а други не беа одобрени и затоа беа незаконски. Демонстрации вчера беа одржани, меѓу другите, во Мекленбург-Западна Померанија, Тирингија и Саксонија-Анхалт. На нерегистриран митинг во Магдебург се случија судири со полицијата.
Силите на редот објавија дека 14 полицајци се повредени во нападите на демонстрантите во градот Лихтенштајн, во Саксонија, а полицијата употребила бибер-спреј. Собири против ограничувањата се одржаа и во Баварија, а во многу делови на покраината општинските власти забранија демонстрации или им се заканија на граѓаните со казни за неовластени протести.
Во Берлин неколку стотици луѓе дојдоа на митингот пред медиумското студио ЗДФ, а некои од нив извикуваа „лажливи медиуми“. Полицијата соопшти дека немало насилство.
Стапката на вакцинација во Германија е нешто повеќе од 71 отсто. Многумина што примиле две дози добиле и бустер, но 25,8 отсто од населението воопшто не биле вакцинирани. Меѓу нив има деца помлади од пет години и луѓе што, генерално, не може да ја примат вакцината.
Невакцинираните лица се соочуваат со значителни ограничувања во својот секојдневен живот во целата земја вклучувајќи ја и неможноста да влезат во многу продавници и места за забава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

