Свет
Мелбурн ставен во карантин поради коронавирусот

Вториот по големина австралиски град, Мелбурн, ќе биде ставен под карантин поради коронавирусот, пренесе агенцијата АФП.
Засега нема повеќе информации за тоа дали карантинот во Мелбурн ќе биде целосен или се работи за дополнителна контрола на влез и излез од градот.
Австралија вчера ја изолира државата Викторија од останатиот дел од земјата и воведе мерки без преседан како дел од борбата против зголемувањето на бројот на новозаразени од коронавирус.
Најавената мерка за изолација, која би требало да биде во сила до 29 јули, ќе погоди над 300.000 од пет милиони жители на овој град.
Австралија досега успеа да го сузбие ширењето на коронавирусот многу подобро од голем дел од другите земји. Досега забележа вкупно 8.500 случаи на зараза и 105 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Калас: Во Пекинг се собра автократски сојуз кој го доведува во прашање меѓународниот поредок

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, денес изјави дека претседателите на Кина, Шји Џјингпинг, Русија, Владимир Путин, Иран, Масуд Пезешкијан и Северна Кореја, Ким Џонг-ун, претставуваат „автократски сојуз“ кој го доведува во прашање меѓународниот поредок заснован на права.
„Додека западните лидери се собираат дипломатски, автократскиот сојуз бара брз пат кон нов светски поредок“, рече Калас, пренесува Ројтерс.
Таа го опиша погледот на лидерите кои присуствуваа на воената парада по повод Денот на победата во Втората светска војна во Пекинг, како директен предизвик за меѓународниот систем, пренесува Танјуг.
„Ова не е само антизападна оптика“, смета Калас.
Фото: принтскрин
Регион
Вучиќ најави летачки автомобили во Србија: „Доаѓаат следната година“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја пофали воената моќ на Кина во Пекинг, најави средба со Шји Џинпинг и воена парада во Белград на 20 септември, а исто така коментираше и за односите со другите земји и критиките од опозицијата во Србија, пишува Blic.rs.
Вучиќ рече дека воената парада во Кина покажа „стратешка компаративна предност во однос на другите земји, па затоа многумина беа изненадени од она што го видоа“. Тој особено нагласи дека сите беа изненадени од „системите DH-5, стратешките нуклеарни ракети“, додаде Вучиќ.
Тој исто така рече дека разговарал со претставници на 11 кинески компании и најави дека „тестирањето на летачки автомобили ќе започне во Србија следната година“.
Свет
ОН: Најмалку 21.000 палестински деца имаат попреченост од почетокот на војната во Газа

Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD) денес објави дека најмалку 21.000 деца во Појасот Газа имаат некаков вид попреченост како резултат на војната меѓу Израел и Хамас, која трае речиси две години.
„Околу 45.500 деца претрпеле повреди предизвикани од војната“, додаде експертскиот комитет на ОН, кој се состанува двапати годишно во Женева.
CRPD нагласува дека Израел мора да спроведе посебни мерки за заштита на децата со попреченост од напади и да спроведе протоколи за евакуација на населението имајќи ги предвид лицата со попреченост. Во спротивно, смета CRPD, израелските повици за евакуација во Газа „честопати не стигнуваат“ до луѓето кои страдаат од оштетување на слухот или видот, што ја прави евакуацијата невозможна.
Експертите посочуваат на друг проблем поврзан со евакуацијата, а тоа е дека лицата со попреченост се „принудени да бегаат во опасни и недостоинствени услови, како што е лазење по песок или кал без помагала за движење“.
Лицата со попреченост, исто така, страдаат непропорционално од недостаток на храна, вода за пиење и недостаток на санитација и се зависни од други за преживување. Комитетот соопшти дека бил информиран дека најмалку 157.114 лица биле повредени помеѓу почетокот на војната на 7 октомври 2023 година и 21 август 2025 година, од кои повеќе од 25 проценти би можеле да имаат доживотни попречености.