Европа
Меркел: Германија и Франција сакаат европска војска
Германската канцеларка, Ангела Меркел, денеска изјави дека Германија и Франција сакаат да се основа европска војска и покрај острото противење на таквата идеја од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Новиот договор за германско-француска соработка потпишан во Ахен, кој предвидува приближувања во одбранбениот сектор, придонесува за создавање европска армија, соопшти германската канцеларка.
Меркел пред сè го спомена развојот на заедничка воена култура и заедничка воена индустрија, што се наоѓа и во новиот договор, со кој се проширен и продлабочен Елисејскиот договор од 1963 година. Францускиот претседател и германската канцеларка минатата есен изразија желба да создадат европска армија, што предизвика критики од страна на Трамп.
Тој тоа го оцени како многу навредлив проект и ги нападна изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој кажа дека целта на таа армија би била да ја одбрани Европа од земји како Русија, Кина, но и САД.
Новиот француско-германски договор има клаузула за билатералната солидарност меѓу двете земји во случај на агресија, сличен на членот што ги обврзува и земјите од НАТО. Текстот вели дека се помага со сите расположливи средства, вклучувајќи и воени, во случај на агресија врз територијата. Ова исто така важи и за терористички напади. Потпишаниот документ предвидува двете земји да ги подигнат своите односи на ново ниво и да се подготват за предизвиците со кои се соочуваат во 21 век.
Макрон беше брз да ги осуди лагите, кои, како што рече, се шират во врска со новиот договор со Германија.
„Оние кои ја забораваат вредноста на француско-германското помирување стануваат соучесници на злосторствата од минатото“, рече францускиот претседател.
Од друга страна, француската екстремна десница, на пример тврди дека текстот предвидува германскиот јазик да стане административен јазик во француските региони на Алзас и Лорена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

