Свет
Меј го критикуваше говорот на Кери за Блискиот исток, САД изненадени
Британската премиерка Тереза Меј го критикуваше во петокот говорот на американскиот државен секретар Џон Кери за Блискиот исток, и смета дека тој претставува напад врз израелската влада, на што американскиот Стејт департмент објави дека „се изненадени“ од нејзината критика за мислењето на шефот на дипломатијата за блискоисточниот мировен процес.
Американскиот државен секретар Џон Кери во својот говор во средата за Блискиот исток ја опиша владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како „најдесната во израелската историја“.
Предупреди, исто така, дека е загрозено решавањето на израелско-палестинскиот судир кој предвидуваше две држави, и истакна дека САД не можат да останат настрана додека насилството и израелското населување на окупираните палестински територии на Западниот брег (од реката Јордан) и во источен Ерусалим го ризикуваат поткопувањето на мирот.
„Трајната политика на градење населби е она што претставува ризик мирот да го направи невозможен“, рече Кери. Според него резолуцијата е зачувување на можноста за решение со две држави, а американското вето ќе значело давање дозвола за натамошно подигнување населби „на што ние значајно се противиме“.
Во говорот одржат само три седмици откако администрацијата на американскиот претседател Брак Обама ќе ги предаде власта на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Кери рече дека Израел нема „никогаш нема да има вистински мир“ со арапскиот свет доколку не постигне договор заснован на тоа Израелците и Палестинци да живеат во свои држави.
Американскиот државен секретар го осуди палестинското насилство за коешто рече дека се однесува на „стотината терористички напади во изминатата година“.
Неговите проштални зорови тешко дека можат да променат нешто на теренот во односите меѓу Израелците и Палестинците или да ги спаси низата неуспешни мировни преговори на Блискиот исток кои ги иницираше администрацијата на Барак Обама.
Иако говорот на Кери главно не отстапува и од британската политика, премиерката Тереза Меј изјави дека тој претставува несоодветен напад врз израелската влада, бидејќи премногу жестоко се фокусира на активноста на населувањето на Западниот брег и во источен Ерусалим како на пречки за постигнувањето мир.
„Не веруваме дека е во ред да се нападне демократска избрана влада на еден сојузник… Владата верува дека преговорите ќе успеат само доколку се водат меѓу двете страни, со поддршка на меѓународната заедница“, се вели во писмената изјава на Меј што ја објави Даунинг стрит.
„Пораките на Кери опфатија цела низа закани за решавањето со две држави, а што вклучува тероризмот, насилството, провокации и населувања“, и оти тие изјави „се во согласност со долготрајната британска политика и со начинот на кој таа минатата седмица гласаше во Обединетите нации“, возврати портпаролот на американскиот Стејт департмент.
Додаде дека САД се задоволни од тоа што Германија, Франција, Канада, Јордан, Египет, Турција, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и другите држави позитивно реагирале на говорот на државниот секретар за блискиот исток.
Израелската влада чека Обама да отстапи од должноста, и од новиот претседател Трамп, кој ќе стапи на 20-ти јануари, очекуваат повластен третман, Трамп на својот профил на Twitter во средата ја осуди администрацијата на Обама поради неодамнешното гласање во Советот за безбедност на ОН за резолуцијата против Израел, кога САД првпат од 1979 година не употребија вето и овозможија да биде донесена., како и за нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, на кој Израел исто така се противеше.
„Остани силен Израел, 20-ти јануари забрзано се приближува“, порача Трамп. Тој отворено лобираше против споменатата резолуција на ОН, и се очекува дека ќе стави вето на секоја идна одлука против Израел.
Неодамна се обврза дека ќе ја дислоцира американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, а за нова амбасадор ќе го именува Дејвид Фридман, адвокат кој собираше средства за новите населби и кој се противи на решението со две држави./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нуклеарните преговори на САД со Иран без голем напредок
Разговорите меѓу САД и Иран во Женева завршија без голем напредок како конечен договор, потврди лице запознаено со состанокот, иако имаше некои индикации дека двете страни постигнале напредок, објави CNN.
Според медиумот, медијаторите се согласиле за понатамошни технички разговори меѓу двете земји следната недела.
Двете страни влегоа во денешните разговори очекувајќи детално да разговараат за нуклеарната програма на Иран, при што претставниците на претседателот Доналд Трамп поставија цврсти барања на Техеран да не му биде дозволено да збогатува нуклеарен материјал.
За време на паузата во разговорите, двете страни направија некои мали промени во своите почетни позиции, според друго лице запознаено со преговорите, сигнал дека преговорите се сериозни.
Се очекуваше Стив Виткоф и Џаред Кушнер да ги информираат Трамп и другите високи претставници на Белата куќа по завршувањето на разговорите, кои беа поделени на утрински и попладневни сесии.
Не е јасно кој од американската страна ќе присуствува на планираните технички разговори следната недела. Виткоф и Кушнер не вклучија технички експерти во неодамнешните рунди преговори.
Свет
Фајненшл тајмс: Менталната состојба на Трамп е ризик за целиот свет
Во колумна за Фајненшл тајмс, уредникот Едвард Лус пишува дека менталната состојба на американскиот претседател Доналд Трамп е глобален ризик.
Иако таканареченото правило на Голдвотер им советува на американските психијатри уште од 1970-тите години јавно да не го проценуваат менталното здравје на политичарите, Лус истакнува дека дури и без професионална дијагноза, на многумина им се чини дека односот на Трамп со реалноста станува сè понестабилен.
Неговите преостанати почитувани бранители тврдат дека Трамп само ги „трола“ своите противници и намерно ги провоцира либералите, но Лус оценува дека таквото објаснување звучи сè помалку убедливо. Особено е загрижувачки, пишува тој, што Трамп ја подготвува американската армија за можни конфликти на Блискиот Исток, а не е во можност јасно да ги дефинира целите. При проценката на геополитичките ризици, верува Лус, психолошката состојба на Трамп мора да се земе како сериозен фактор.
Самиот факт дека Трамп често кажува лаги не значи автоматски дека е ирационален. Сепак, проблемот се јавува ако тој почне да верува во сопствените лаги – а околината му помага во тоа. Многу странски лидери се обидуваат да го „управуваат“ со ласкање. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на пример, го опиша како „татко“ кој го штити семејството. Дури и ако не верува во тоа, целта, сугерира Лус, е да се поттикне егото на Трамп со цел да се омекнат неговите одлуки. Ризикот е дека таквото ласкање само ќе ја продлабочи неговата склоност кон фантазии.
Речиси и да нема луѓе во администрацијата кои отворено би му противречеле. Членовите на кабинетот се натпреваруваат во пофалби. Министерката за правда Пам Бонди го нарекува најголемиот претседател во историјата на САД. Министерот за трговија Хауард Латник зборува за „златното доба“ создадено од Трамп. Министерот за одбрана Пит Хегсет ја опиша една воена операција како „најмоќниот напад во светската историја“. Лус забележува дека во таква средина е тешко да се очекуваат реални проценки, особено кога станува збор за чувствителни прашања како Иран.
Лус ги смета повиците на либералите за активирање на 25-тиот амандман, со кој претседателот би можел да биде отстранет поради некомпетентност, за илузија, бидејќи таквата постапка би морала да ја иницира потпретседателот со поддршка на кабинетот – и тешко е да се замисли дека Џ.Д. Венс би му го свртел грбот на Трамп.
Сепак, Трамп се соочува со ограничувања. Врховниот суд неодамна ги поништи повеќето од неговите тарифи, предизвикувајќи го неговиот гнев, дури и кај судиите што самиот ги назначи. Отпор доаѓа и од Федералните резерви, каде што претседателот Џером Пауел ја брани независноста на централната банка. Инфлацијата расте, а монетарната политика останува надвор од целосна контрола на Трамп.
Јавното мислење не е ниту во негова корист, особено поради суровата имиграциска политика и активностите на федералната служба ICE, кои предизвикуваат отпор во граѓанското општество и во пониските судови.
Лус заклучува дека Трамп на крајот се повлекува кога ќе наиде на силен отпор. Но, тоа важи само ако ги разбира границите на моќта. Најголемата опасност, предупредува авторот, лежи во средина која му кажува што сака да чуе, наместо што треба да знае.
Свет
Хилари Клинтон: Не се сеќавам дека некогаш сум се сретнала со Епстин
Хилари Клинтон денес изјави пред конгресниот комитет дека не се сеќава дека некогаш се сретнала со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин и дека нема информации да сподели за неговите криминални активности.
„Не се сеќавам дека некогаш сум се сретнала со господин Епстин. Никогаш не сум летала со неговиот авион, ниту сум ги посетила неговите острови, домови или канцеларии. Немам што да додадам на тоа“, рече 78-годишната Клинтон во изјава пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом. Таа и нејзиниот сопруг, поранешниот демократски претседател Бил Клинтон (79), првично одбија да сведочат пред комитетот, но попуштија кога пратениците поднесоа обвиненија за непочитување на судот, објави „ХИНА“.
Бил Клинтон треба да сведочи пред комитетот утре. Пред сослушувањето, претседателот на Комитетот за надзор Џејмс Комер од Кентаки, републиканец, негираше дека истрагата е партиски напад врз претседателскиот ривал на Трамп во 2016 година, истакнувајќи дека неколку демократи исто така инсистирале Клинтонови да сведочат.
Тој додаде дека комисијата ќе се обиде да дознае повеќе за каков било контакт што можеби го имала со Епстин, неговата вмешаност во хуманитарната работа на Клинтонови и каков било однос што можеби го имала со затворената соработничка на Епстин, Гислен Максвел.
Името и сликите на Бил Клинтон се појавуваат во документи поврзани со истрагите за Епстин. Сепак, самото споменување не значи ништо. Поранешниот претседател постојано негираше каква било незаконитост во врска со неговото познанство со Епстин, објави ДПА.
Со години, Епстин управуваше со синџир на злоупотреба во кој десетици млади жени и малолетници беа жртви. Финансиерот од Њујорк имаше одлични врски во американското високо општество. Почина во својата затворска ќелија во 2019 година, пред да биде осуден, пренесуваат агенциите.

