Свет
Милиони луѓе во Авганистан се во опасност да умрат од глад
Милиони Авганистанци, вклучително и деца, би можеле да умрат од глад доколку не се преземат итни мерки за враќање на нивната земја од работ на колапс, рече извршниот директор на Светската програма за храна (WFP), Дејвид Бисли, кој повика на ослободување на замрзнатите средства од Авганистан за хуманитарни цели.
Бисли за „Ројтерс“ изјави дека 22,8 милиона луѓе, повеќе од половина од 39-те милиони жители на Авганистан, се соочуваат со акутна несигурност кога станува збор за храната и штрајкуваат со глад, во споредба со 14 милиони пред само два месеца.
„Децата ќе умрат. Луѓето ќе гладуваат. Работите ќе се влошат многу“, рече Бисли во Дубаи.
Според него, предвидувањата се остваруваат многу побргу од очекуваното.
„Кабул падна побргу отколку што некој очекуваше, а економијата паѓа побргу и од тоа“, рече Бисли.
Тој истакна дека доларите наменети за развојна помош треба да се насочат кон хуманитарна помош, што некои земји веќе го направиле, или замрзнатите средства да се насочат преку агенцијата.
„Треба да ги одмрзнете овие средства за да може луѓето да преживеат“, истакна Бисли.
На Агенцијата за храна на ОН ѝ се потребни до 220 милиони долари месечно за делумно да нахрани речиси 23 милиони ранливи луѓе како што се приближува зимата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел продолжи со напади во Газа, Хамас не доставил список на заложниците поради „технички проблеми“
Израелската армија денеска, по истекот на рокот за почеток на примирјето во Газа, напаѓа во северниот и јужниот дел на палестинската енклава, потврдија нејзините жители за Ројтерс, а израелските сили велат дека нападнале „терористички цели“ во северниот и централниот дел на Газа со тенкови.
Новинар на АФП во Сдерот, израелски град на северниот раб на палестинската територија, виде неколку експлозии и облаци од црн чад што се издигнаа во областа Беит Ханун по 8 часот наутро.
Тројца Палестинци се убиени во израелски напад врз источниот дел на Газа во неделата наутро, според медицински извори.
„Ќе продолжиме додека Хамас не ги исполни своите обврски“
Израелската армија утринава соопшти дека прекинот на огнот не стапил во сила во 7:30 часот бидејќи Хамас не доставил список на израелски заложници кои требало да бидат ослободени според договорот за прекин на огнот.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека нападите на израелската армија ќе продолжат се додека палестинската исламистичка организација не ги исполни своите обврски.
Тој додаде дека армијата е подготвена да го спроведе договорот за прекин на огнот, но е подготвена и да одговори доколку Хамас ги прекрши неговите одредби.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во последниот час пред да стапи на сила примирјето, првично договорено за 7:30 часот, рече дека прекинот на огнот со Хамас нема да започне додека палестинското исламистичко движење не ја предаде листата на заложници, додека Хамас го оправда тоа со технички проблеми на теренот.
Нетанјаху синоќа изврши безбедносна проценка во врска со одложувањето на добивањето на списокот со заложници што треба да бидат ослободени, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
„Тој ја информираше израелската војска дека прекинот на огнот што требаше да стапи на сила во 7:30 нема да започне додека Израел не добие список на заложници што треба да бидат ослободени, што Хамас се обврза да го обезбеди“, се додава во текстот.
Хамас: Имаме технички проблеми
Прекинот на огнот за кој Катар преговараше со помош на САД и Египет требаше да стапи во сила во 7:30 часот.
Хамас во соопштението рече дека има намера да го испочитува договорот, но призна дека доцнело со обезбедувањето на имињата на заложниците кои треба да бидат ослободени, „поради технички причини на теренот“.
Свет
„Тик-ток“ не е достапен во САД
Кинескиот „Тик-ток“ не е во функција за корисниците во САД, пренесоа светските агенции.
Апликацијата повеќе не е достапна на Apple и Google.
На корисниците им се прикажува порака во која се наведува дека услугите на „Тик-ток“ се недостапни.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за тримесечно одложување на забраната за „Тик-ток“, по преземањето на функцијата утре.
Кина и САД се економски и геополитички ривали, а фактот дека „Тик-ток“ е во кинеска сопственост ги загрижува американските власти со години.
Свет
Tрамп планира патување во Кина по инаугурацијата
Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, им кажал на советниците дека планира да отпатува во Кина по преземањето на функцијата, објави „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори блиски до разговорите.
Трамп изрази интерес да отпатува во Кина во првите 100 дена на функцијата, се вели во извештајот.
Инаугурацијата на Трамп е во понеделник, а кинеските државни новински агенции во петокот објавија дека кинескиот потпретседател Хан Женг ќе присуствува на церемонијата бидејќи Пекинг е подготвен да ја зајакне соработката.
Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг разговараа за лична средба преку нивните претставници, а една од опциите е да го поканат Кси да ги посети САД.
Кинеската амбасада во Вашингтон сè уште не одговорила на барањето на „Волстрит журнал“ за коментар за овие наводи.