Свет
Мнучин: Трамп со задоволство ќе воведе дополнителни царини кон Кина
Американскиот министер за финансии, Стивен Мнучин изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп со задоволство ќе воведе нови увозни такси кон Кина, ако претседателот на оваа земја, Си Џинпинг, не успее да постигне трговски договор на престојниот самит „Г20“ во Јапонија.
Трамп веќе донесе одлука за воведување на царини за производи во вредност од 200 милијарди долари, а се најавува дека доколку не биде постигнат договор, ќе воведе дополнителни царини на производите во вредност од 325 милијарди долари, со што би биле опфатени сите производи кои Кина ги извезува во САД.
Пекинг и Кина преговараат веќе еден месец за постигнувањето на трговскиот договор.
Министерот денеска се осврна и на чекорите кои ги презема американската влада против кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј технолоџи“, коментирајќи се работи за прашање од националната безбедност кое немало никаква врска со трговијата.
„Разговорите околу Хуавеј се всушност разговори кои се однесуваат на националната безбедност и тие се одвоени од трговијата“, изјави Мнучин во интервју за „Си-Ен-Би-Си“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.