Свет
Морнариците на Јужна Кореја, САД и Јапонија одржаа противподморнички вежби
Морнариците на Јужна Кореја, САД и Јапонија спроведоа трилатерални противподморнички вежби за првпат по пет години, во услови на тензии поради серијата севернокорејски ракетни тестови.
Вежбите се одржаа во меѓународни води во близина на источниот брег на Корејскиот Полуостров, само еден ден откако Северна Кореја истрела две балистички ракети во морето близу нејзиниот источен брег, а американскиот потпретседател Камала Харис го посети Сеул и силно утврдената граница меѓу двете Кореи.
Вчерашното тестирање беше трето вакво лансирање на Северна Кореја во последните пет дена. Северна Кореја истрела невиден број проектили оваа година.
„ Вежбите се дизајнирани да ја подобрат способноста да се одговори на зголемените подморнички закани на Северна Кореја, вклучително и нејзините балистички ракети лансирани од подморница (SLBMs) во време кога таа претставува нуклеарна и ракетна закана поради серија тестови на балистички ракети“, се вели во соопштението на јужнокорејската морнарица.
Американската морнарица соопшти дека вежбите ќе ја подобрат интероперабилноста и тактичката и техничката координација на трите земји.
Американската и јапонската морнарица, исто така, рекоа дека вежбите се очекува да промовираат „слободен и отворен Индопацифик“, во услови на тензии околу активностите на Кина во тајванската теснина.
Вежби против подморници не се спроведуваат од 2017 година, бидејќи поранешната прогресивна влада на Јужна Кореја се обиде да ги подобри меѓукорејските односи и да ги олесни разговорите за денуклеаризација меѓу Пјонгјанг и Вашингтон, кои се во застој од 2019 година.
Новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол, кој ја презеде функцијата во мај, вети дека ќе ја зајакне трилатералната безбедносна соработка со САД и Јапонија за да се спротивстави на растечките закани од Северна Кореја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шојгу: Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО
Русија никогаш не планирала да ги нападне земјите на НАТО, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Руската Федерација никогаш не била закана за НАТО. Ние немаме ниту геополитички ниту воени интереси да ги нападнеме земјите од блокот, ние едноставно го штитиме нашиот народ на нашите историски територии“, рече Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Шангајската организација за соработка (SCO) во главниот град на Казахстан, Астана.
Шојгу нагласи дека Русија секогаш вложувала максимални напори за одржување на стратешката стабилност и рамнотежа на силите во светот, пренесува Интерфакс.
Свет
Трамп: Подготвен сум да го обновам конзервативниот сојуз со Орбан
Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека е подготвен да го обнови конзервативниот сојуз со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во видео пораката Трамп изјави дека со нетрпение очекува блиска соработка со Орбан кога, како што наведе, повторно ќе положи заклетва како 47-ми претседател на САД, пренесе АП.
Во својата порака Трамп го нарече Орбан голем човек и истакна дека додека бил претседател на САД, работел со него на подобрување на вредностите и интересите на САД и Унгарија.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.