Свет
Муслиманите родени на Запад се посклони кон екстремизам отколку мигрантите
Еден од водечките универзитети во Шведска се обиде да го разобличи општото уверување дека најголемата терористичка закана произлегува од емигрираните џихадисти, пренесува „Спутник“. Според Универзитетот во Упсала, домашните муслимани имаат тенденција да го поддржуваат екстремизмот во поголема мера.
Муслиманите родени и израснати на Запад се посклони кон прифаќање на исламистичките верувања отколку нивните врсници кои емигрирале.
Истражувањето покажа дека мнозинството исламистички терористички напади во Европа и во САД се планирани и спроведени од луѓе родени и израснати на Запад, а не од исламисти родени во странство. Истражувачите исто така откриле дека муслиманите од Западот имаат посилно чувство на идентификување со муслиманската група и покажуваат посилен гнев поради начинот на третирање на муслиманите.
„Меѓутоа, најважното откритие е дека западните муслимани се поподготвени да применат сила за да ги одбранат своите ‘браќа по вера’ низ целиот свет”, се вели во истражувањето.
Според истражувачите, поддршката за екстремистичките идеи е вкоренета во чувството на обесправеност и маргинализираност во споредба со мнозинското население. Негативните искуства, тврдат тие, доведуваат до фрустрација и лутина. Овие емоции се многу посилни кај муслиманите родени на Запад.
„На пример, муслиманите кои ги поминале своите формативни години во Шведска очекуваат да бидат третирани како вистински Швеѓани, но кога ќе се споредат со соучениците и другите, можеби ќе чувствуваат дека тоа е така”, се вели во истражувањето, нагласувајќи го впечатокот дека секогаш се третирани како имигранти.
Истражувачите посочија „маѓепсан круг” помеѓу начинот на кој муслиманите се третирани на Запад и екстремизмот што ги носи бегалските бранови од Блискиот Исток, нарекувајќи го ироничен и трагичен.
„Муслиманите кои растат на Запад се чувствуваат исклучени и се приклучуваат кон групи како што е Исламска држава, кои, пак, генерираат огромен бегалски бран кон Запад”, се вели во истражувањето.
Во извештајот од ноември 2018 година се идентификувани најмалку 785 исламисти во Шведска. Од нив, 71,7 отсто се родени во странство, додека останатите се родени во Шведска. Тука се земени предвид само клучните фигури за разлика од поопфатниот извештај на шведската безбедносна полиција SÄPO во кој се регистрирани околу 2000 исламисти.
Сепак, бројот на исламисти во Шведска се проценува дека пораснал десет пати во текот на изминатата деценија, пишува „Афтонбладет“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Блинкен пристигнува во Израел, седми пат од почетокот на војната
Американскиот државен секретар во вторник ќе го посети Израел, седми пат по нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и војната што следеше со израелскиот одговор во Појасот Газа.
Јавниот сервис Кан објави дека Блинкен ќе дојде во Израел за да разговара за најавената операција на израелската армија во Рафах, како и за напорите да се обезбеди пауза во борбите и да се ослободат повеќе од 100 заложници кои ги држеше Хамас.
Блинкен моментално е во посета на Кина.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.