Свет
Напад во трговски центар во Чешка: малолетник со нож уби две лица
16-годишно момче денеска е уапсено во градот Храдец Кралова во Чешка под сомнение дека во трговски центар избол две жени продавачки и им нанел смртоносни повреди.
Нападот се случил нешто по 8.30 часот во продавница во трговскиот центар. Едната од продавачките била избодена со нож во делот за клиентите, а другата била нападната во делот за персоналот. Полицијата на местото на настанот го пронашла ножот со кој е извршено делото. Според портпаролката, сечилото за кое станува збор е долго 20-ина сантиметри.
Мотивот за нападот сѐ уште не е познат. Како што потврдија од полицијата, малолетник на 16 години е уапсен на речиси километар од местото на нападот под сомнение дека извршил убиство. Тој е чешки државјанин.
„Тој беше уапсен десетина минути по добивањето на повикот“, соопшти полицијата.
Идентитетот на жртвите не е соопштен, а не се познати ниту возраста на починатите жени. Полицијата соопшти дека истрагата е во тек.
Лекарите од итната медицинска помош констатирале дека обидот за реанимација траел 40-ина минути, но ништо не можело да се направи за жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Нема нови трговски преговори со Канада
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД и Канада нема повторно да ги започнат трговските преговори.
Канадскиот премиер Марк Карни му се извинил на Трамп поради политичка реклама во која се користи аудиоснимка од поранешниот американски претседател Роналд Реган, во која се вели дека царините се почеток на катастрофа.
„Многу го почитувам, но тоа што го направија беше погрешно. Ми се извини за рекламата, бидејќи беше лажна,“ изјави Трамп.
Поради спорната реклама, тој минатата недела ги откажа трговските разговори и најави зголемување на царините за 10 отсто на канадски производи, без да прецизира на кои сектори се однесува мерката.
Рекламата, финансирана од покраината Онтарио, се емитувала на неколку американски телевизиски канали и содржи говор на Реган од 1987 година во кој тој ја брани слободната трговија и предупредува дека царините предизвикуваат загуба на работни места и трговски војни.
Свет
Судските документи откриваат нови детали за врската на принцот Ендру и Епштајн
Нови судски документи објавени во Америка откриваат како принцот Ендру му предложил на осудениот педофил дека би било добро да се сретнат лично само неколку месеци откако Џефри Епштајн бил ослободен од затвор. Епштајн бил ослободен во јули 2009 година откако ја отслужил казната за подведување малолетник.
Во е-пошта од 15 април 2010 година, која сега стана јавна, Ендру одговорил на предлогот на Епштајн да се сретне со американскиот банкар Џес Стејли во Лондон. Иако тогашниот принц ја одбил средбата поради однапред договорено патување, тој му рекол на Епштајн дека ќе се обиде да застане во Њујорк подоцна истата година.
„Би сакал, но за жал денес патувам … и се враќам преку Киев следниот петок/сабота, па ќе го пропуштам“, напиша Ендру. „Но, ќе се погрижам наскоро да се сретнам на друго патување. Исто така, немам непосредни планови да застанам во Њујорк, но мислам дека треба наскоро. Ќе видам дали можам да одвојам неколку дена пред летото. Би било добро да се сретнеме лично.“
Средбата конечно се случила, дуото беше фотографирано заедно во Централ Парк во Њујорк во декември 2010 година. Години подоцна, во интервју за емисијата „Њузнајт“ на Би-Би-Си во 2019 година, Ендру тврдеше дека целта на средбата била да се стави крај на нивното пријателство.
Е-поштата беше објавена како дел од незапечатени судски документи од правна битка од 2023 година помеѓу Американските Девствени Острови, каде што Епштајн поседуваше приватен остров, и банката ЏП Морган. Случајот, покренат поради наводните сомнителни зделки на банката со починатиот финансиер, на крајот беше решен со спогодба.
Регион
Бугарија воведе забрана за извоз на дизел и керозин поради американските санкции кон Русија
Бугарија привремено забрани извоз на дизел и керозин поради американските санкции воведени против руските енергетски компании.
Забраната, која ја усвои парламентот, се однесува и на испораките кон други земји членки на ЕУ, а нејзината цел е да се спречи недостиг на гориво во земјата. Санкциите што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе против „Роснефт“ и „Лукоил“ поради војната во Украина се однесуваат и на бугарската рафинерија „Лукоил Нефтохим“, која е единствена во земјата.
Рафинеријата, која се наоѓа во близина на Бургас на Црното Море, е подружница на „Лукоил“. „Лукоил“ во Бугарија поседува и бензински пумпи. Комисијата за буџет и финансии на бугарскиот парламент наведе дека забраната за извоз е неопходна за да се обезбеди енергетската иднина на земјата и стабилноста на домашниот енергетски пазар.

