Свет
Најбрзата развиена вакцина некогаш била готова за 4 години
Четири години биле потребни за најбрз развој на вакцина во историјата, иако обично тој процес трае од 10 до 15 години. Сега научниците се натпреваруваат да ја развијат вакцината за помалку од една година.
Десетици истражувачки тимови во светот работат на развој на вакцина против САРС-КоВ-2, вирус кој предизвикува ковид-19, користејќи мешавина од посточеките техники и нова технологија. Финансирањето на вакцината никогаш не било подобро, милијарди долари доаѓаат од целиот свет за да се создаде производ кој може да помогне во контрола на пандемијата, а САД, Кина и Европа вложија најмногу, пишува Си-ен-ен.
Но, пред да се добие вакцината во рака има уште многу работа и треба да се склучат многу договори. Научниците се надеваат дека до вакцина ќе се дојде до почетокот на 2021 година. За да се случи тоа развојниот процес рапидно се забрза. Вакцината мора да се пронајде низ повеќе фази пред да се добие зелено светло за употреба. По иницијалните истражувања и развојни фази следат серија предклинички и клинички испитувања (кои се состојат од три фази) и обично секој чекор може да потрае две и повеќе години. Но, во трката за спречување на коронавирусот некои од тие чекори се комбинирани или целосно прескокнати за да се забрза процесот.
Во предклиничката фаза, пред тестирање на луѓето, истражувачите обично вакцината ја даваат на животни за да ја проценат сигурноста и да видат дали има имунолошки одговор. Но, кај некои вакцини за коронавирус истражувачите успеале да ги забрзаат вообичаените протоколи, тестирајќи истовремено луѓе и животни.
Да се достигне последната фаза од испитувањата во само шест месеци е неверојатно брзо. Обично за такво нешто се потребни шест години, смета професорот Адриан Хил, директор на Институтот „Џенер“ при Оксфорд.
Според него, некоие земји во обид да добијат нешто што не е возможно, ја туркаат вакцината пред да се покаже нивната ефикасност во три фази. Кина тоа веќе го направи, одобрувајќи на крајот на јуни експериментална вакцина за користење во војска. Сега и Русија се фали со вакцина, наспроти загриженост поради прекините во нејзиниот развој. Претседателот Владимир Путин најави регистрација на вакцината под името Спутник В, прва во светот, која е одобрена за јавна употреба. Но, Русија не објави научни податоци за тестирања и вакцината е одобрена еден ден пред почетокот на третата фаза, последен и најкритичен чекор во процесот.
„ Се надевам дека Русите навистина ќе докажат дека нивната вакцина е безбедна и ефективна. Вистински се сомневам дека тоа го направиле“ изјави главниот американски епидемиолог, Ентони Фаучи.
По најавата на Кина и Русија за развојот на нивните вакцини, Фаучи нагласи дека треба да се има на ум дека САД имаат многу различни стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Писториус: Германија сака да испорача уште пет противракетни системи „Патриот“ на Украина
Германија ќе испорача дополнителни пет противракетни системи „Патриот“ (PAC-3) на Украина доколку другите земји донираат вкупно 30, изјави денес во Брисел германскиот министер Борис Писториус по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.
Ракетите „Патриот“ се меѓу главните оружја што Западот ѝ ги даде на Украина за време на нејзината борба против руската инвазија, пренесува Ројтерс.
„Сите знаеме дека станува збор за спасување животи“, рече Писториус во Брисел.
Тој додаде дека е прашање на денови, а не недели или месеци, да се договорат за ова.
Писториус посочи дека објавата сè уште не е одобрена од националните влади, но дека е „многу оптимист“ дека ќе се постигне договор за испраќање на тие 30 плус пет противракетни системи.
Свет
ЕУ им препорача на авиокомпаниите да го избегнуваат воздушниот простор на Иран
Европската агенција за безбедност на воздухопловството (EASA) денес им препорача на авиокомпаниите од Европската Унија (ЕУ) да го избегнуваат воздушниот простор на Иран до 31 март, продолжувајќи го претходното предупредување поради, како што рече, зголемен безбедносен ризик за цивилните летови.
„Присуството и можната употреба на широк спектар на оружје и системи за воздушна одбрана, во комбинација со непредвидливите реакции на државите, создаваат висок ризик за цивилните летови што се извршуваат на сите височини и нивоа на лет“, се вели во соопштението на EASA.
Препораката, пренесува Ројтерс, доаѓа во време на зголемени тензии, додека светските сили и земјите во регионот изразуваат загриженост дека евентуалниот прекин на преговорите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави би можел да доведе до ескалација на конфликтот и дестабилизација на поширокиот регион богат со нафта.
Иран претходно предупреди дека решително ќе одговори на секој можен напад, како и дека соседните земји од Персискиот Залив, во кои се наоѓаат американски воени бази, би можеле да бидат изложени на последиците доколку бидат вклучени во евентуални воени операции.
Свет
Капета: Милијарди евра погрешно платени на Унгарија
Водечката советничка на највисокиот суд на Европската Унија оцени дека одлуката на Европската комисија за деблокирање на милијарди евра средства за Унгарија, кои претходно беа замрзнати поради загриженост за корупција и владеење на правото, треба да се поништи.
Тамара Капета, генерален адвокат на Судот на правдата на Европската Унија, изјави дека Комисијата не требало да го одобри плаќањето бидејќи Унгарија не ги спроведела целосно судските реформи што беа услов за ослободување на средствата.
Во 2022 година, комисијата ги суспендираше исплатите до владата на премиерот Виктор Орбан поради загриженост дека Будимпешта не успева да ја спречи корупцијата и да ја обезбеди независноста на судството. Сепак, една година подоцна, заклучи дека Унгарија направила доволно промени и ѝ обезбедила пристап до приближно 10 милијарди евра од разни фондови на ЕУ.
Во 2024 година, Европскиот парламент покрена тужба, тврдејќи дека извршната власт на ЕУ направила „очигледни грешки“. Некои европратеници изјавија дека одлуката е донесена непосредно пред клучниот самит на ЕУ, кога била потребна поддршката на Орбан за пакетот помош за Украина, што, според нив, укажува на политичка мотивација.
Мислењата на главните обвинители не се правно обврзувачки, но судиите често ги следат. Конечната пресуда се очекува во наредните месеци.
Капета изјави дека Комисијата не ги оценила соодветно реформите на унгарското судство и дека „погрешно ги применила критериумите“ кога го одобрила исплаќањето на средствата без јасно објаснување. Таа истакна дека ЕУ не треба да им исплаќа средства на земјите-членки сè додека бараните законски реформи не бидат целосно усвоени и имплементирани.
Дел од европските средства за Унгарија сè уште се блокирани, поради што Орбан често ја обвинува Комисијата за мешање во внатрешните работи на неговата земја и користење на финансиските ресурси како политички притисок.
Правните експерти предупредуваат дека, доколку судот пресуди во корист на Парламентот, Комисијата би можела да биде принудена да ги надомести спорните пари со намалување на идните плаќања кон Унгарија. Пресудата, исто така, би можела да постави важен преседан за улогата на Комисијата во случаи на кршење на владеењето на правото во рамките на ЕУ.
Во меѓувреме, Орбан се соочува со еден од најголемите политички предизвици во неговите 16 години на власт. На изборите во април, негов противник ќе биде лидерот на централно-десничарскиот лидер Петер Маѓар и неговата партија Тиса, која ветува дека ќе го врати владеењето на правото и ќе ги подобри односите со Европската Унија. Според повеќето анкети, Маѓар во моментов води во анкетите.

