Европа
Најтоплиот јули во Шпанија во последните шест децении – измерени 46 степени

Јули беше најтоплиот месец во Шпанија од 1961 година кога во таа земја почнаа редовно да се мерат температурите, објави Националниот метеоролошки институт.
Просечната температура минатиот месец изнесуваше 25,6 Целзиусови степени, што е за 2,7 степени повисока од најтоплиот јули досега.
Во андалузискиот град Морон дела Фронтера на 24 јули е измерена највисоката температура за јули со 46 степени, пренесува АП.
Екстремните горештини и сушата придонесоа за избувнување мнoгубројни шумски пожари. Во повеќе од 370 пожари во Шпанија изгореа 240.000 хектари шуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Европа има план да го заштити украинскиот воздушен простор, се вика „Скај Шилд“

Европското воено воздухопловство, составено од 120 борбени авиони, би можело да биде распоредено за да ги заштити Киев и западна Украина од руските напади без да предизвика поширок конфликт со Москва, според планот што го смислиле воени експерти.
Според предлогот, наречен „Скај штит“, станува збор за зона на воздушна одбрана предводена од Европа, која работи независно од НАТО, со цел пресретнување на руски ракетни и беспилотни напади врз украинските градови и инфраструктура. Овој систем би можел да биде дел од „примирјето на небото“, иницијатива предложена оваа недела од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Скај Шилд“ ќе опфати три активни украински нуклеарни централи и градовите Одеса и Лавов, но нема да ја вклучи линијата на фронтот или источните делови на земјата. Според неодамна објавената анализа, таков систем за заштита би имал поголемо воено, политичко и економско влијание од распоредувањето на 10.000 европски војници на украинска територија.
Меѓу предлагачите на овој план се поранешниот врховен командант на НАТО во Европа Филип Бридлав, поранешниот британски генерал и заменик врховен командант на сојузничките сили на НАТО Сер Ричард Ширф и поранешниот полски претседател Александар Квашњевски. Планот беше поддржан и од поранешниот министер за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис, кој изјави: „Имплементацијата на Скај Шилд ќе биде клучен чекор во зајакнувањето на европската безбедност и обезбедување на ефикасна заштита на Украина“.
Иако варијантите на овој предлог се дискутираа од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, иницијативата доби нов замав оваа недела, по бурната средба меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп минатиот петок.
По тој состанок, САД ја суспендираа воената помош за Украина и ограниченото споделување разузнавачки информации, што ја подигна свеста во Европа дека ќе треба да преземе водечка улога во поддршката на Украина и да и понуди безбедносни гаранции како дел од можниот мировен договор.
Планот Скај Шилд беше дизајниран од поранешни британски воени стратези во соработка со украинските вооружени сили, а беше претставен и пред европските министерства за одбрана. Но, досега немаше вистинска политичка волја меѓу европските лидери да воспостават воздушна одбрана над Украина додека трае војната.
Европа
(Видео) Кафуле во Англија го преименува „Американо“ во „Украино“: „Трамп го злоупотребува Зеленски“

Сопственичка на кафуле во Англија го преименуваше популарното кафе „Американо“ во „Украино“ во знак на протест против, како што рече, „злоупотребата“ на претседателот Володимир Зеленски за време на неговата посета на Овалната соба во Белата куќа.
Хелен Грегори, која ја води Seahorse Coffee Box на шеталиштето во Ситон Керу, приморски град во источна Англија, објасни дека тоа го направила како поддршка на украинскиот претседател.
На видеото што го сподели на социјалните мрежи, може да се види како на нејзиниот ценовник за пијалоци залепува налепница на која пишува „Украино“ над „Американо“. „Значи, нема повеќе “Американо’, од денес ќе го нарекуваме ‘Украино’“.
Таа рече дека никогаш претходно не направила вакво нешто и ги повика другите кафулиња да го следат нејзиниот пример.
Европа
Орбан му напиша на шефот на Европскиот совет: „Мораме директно да преговараме со Русија“

Лидерите на Европската унија денеска се собираат во Брисел за да најдат одговор на драстичната промена на САД во поддршката на Украина, разорена од војна. Во трка со времето, лидерите на ЕУ се обидуваат да најдат решенија за зголемување на трошоците за одбрана за понатамошна поддршка на Украина и значително подобрување на европскиот одбранбен капацитет. На лидерите на ЕУ ќе им се придружи и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави плановите претходно оваа недела да ја прекине воената помош за Киев, неколку дена по јавниот судир со Зеленски во Белата куќа. Земјите од ЕУ и Украина се загрижени поради можноста САД и Русија да бараат билатерално мировно решение што би можело да обезбеди територијални отстапки за Москва, да ја исклучи Украина од НАТО и да ја затвори вратата за американското учество во идните мировни операции.
Лидерите ќе разговараат за планот претставен од Европската комисија за мобилизирање на околу 800 милијарди евра за помош за Украина и одбранбени инвестиции. Комисијата предложи да се обезбедат заеми од 150 милијарди евра за кои се надева дека ќе бидат компензирани со приватен капитал и дополнително финансирање од Европската инвестициска банка.
Парите ќе бидат потрошени за ракетна одбрана, артилериски системи, ракети и муниција, беспилотни летала и системи против беспилотни летала, како и за решавање на други потреби, од сајбер до воена мобилност.
Германскиот канцелар Олаф Шолц планира да присуствува на самитот. И Фридрих Мерц, кој победи на минатомесечните парламентарни избори во Германија и најверојатно ќе го наследи Шолц, се очекува во Брисел на собирот на конзервативни лидери.
Во последниве денови, Унијата се надеваше дека ќе избегне единството и солидарноста на ЕУ со Украина да бидат саботирани од унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е пријателски настроен кон Кремљ. Орбан минатиот викенд ја објави својата намера да ги блокира новите напори на самитот за давање воена поддршка на Украина.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој ќе претседава со денешните разговори, Орбан предложи Европската унија да го следи примерот на САД и да се вклучи во директни преговори со Русија за прекин на огнот и договор во Украина.
Коста одговори дека Унијата треба да се подготви да учествува во дискусиите за постигнување праведен и траен мир, но и да придонесе за силни безбедносни гаранции за Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон го прими Орбан на разговори во Елисејската палата во средата пред самитот со другите европски лидери. Во вторникот, социјалдемократите на Шолц и конзервативците на Мерц објавија дека строгите правила на Германија за ново задолжување, таканаречената должничка кочница, ќе бидат олабавени за конкретни инвестиции во одбраната.