Свет
На американската влада ѝ се заканува блокада, Конгресот има четири дена да се договори
Остануваат уште само четири дена за да се договори американскиот Конгрес за буџетот на владините организации. Доколку не го сторат тоа до крајот на неделата, ќе има делумна блокада на владата, пренесува Си-ен-ен.
Пратениците се надеваа дека завчера ќе објават двопартиски договор за буџетот, но тој сè уште не е објавен. Сè уште има многубројни несогласувања, а претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, републиканецот од Луизијана, е под огромен притисок да се бори за отстапки за конзервативците. Демократите во Сенатот изразија гнев и фрустрација поради ризикот од делумно затворање на владата. Многумина ги обвинија републиканците за безизлезната ситуација.
„Што не е во ред со овие луѓе? Ова е главната работа со која Конгресот треба да се занимава“, рече сенаторката Елизабет Ворен од Масачусетс. „Републиканците во моментот не може да се организираат ниту за најосновната работа што треба да ја работат. Ова е смешно“.
Сенаторот Џон Тестер, демократ од Монтана, рече: „Подобро да нема проблем. Ова го правиме на секои шест месеци. Треба да го направиме она за што сме избрани, да ја финансираме владата, а не да ја урнеме“.
Сенаторот Џо Манчин, демократ од Западна Вирџинија, рече: „Се колнам во Бога, ова што се случува е погрешно. Ние си играме со американскиот народ, кој зависи од централната влада, а не можеме ни да се договориме за буџетот“.
Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, демократ од Њујорк, предупреди на ризикот од затворање на владата и рече дека во тек се „интензивни дискусии“. Водачот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, предупреди дека затворањето на владата ќе биде „штетно за земјата“ и рече дека тоа може да се избегне доколку Домот и Сенатот работат заедно.
Претседателот Џо Бајден денеска ќе одржи средба со четворицата најважни лидери на Конгресот. Белата куќа ќе се обиде да ги убеди пратениците да одобрат поголема помош за Украина. Претставничкиот дом заседава утре, така што останува уште малку време до крајниот рок в петок. За да може договорот да биде постигнат пред крајниот рок, потребно е со него да се согласат сите 100 сенатори.
Од 1 март треба да почне финансирањето на министерствата за земјоделство, енергетика, транспорт, бранители, урбан развој и некои други владини организации, кои се задолжени за задачи како дистрибуција на лекови и воена изградба.
Финансирањето за други владини организации, вклучително и одделенијата за правда, трговија, одбрана, домашна безбедност, образование, внатрешни работи и здравство, како и Агенцијата за заштита на животната средина и законодавната власт, треба да се имплементираат почнувајќи од 8 март.
Централната власт веќе се подготвува за можност за блокада. Секое министерство и агенција има свој план и процедури за тој случај. Се предвидува колку вработени ќе треба да бидат отпуштени, кои дејности би биле прекинати и кои вработени би можеле одредено време да работат без плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Остин: Бајден ја запре испораката на оружје за Израел
Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека одлуката на американскиот претседател Џозеф Бајден да ја прекине испораката на муниција за Израел е донесена поради израелските планови да изврши офанзива врз градот Рафах на југот на Појасот Газа.
„Од самиот почеток бевме многу јасни дека Израел не треба да започне голема офанзива во Рафах без да ја земе предвид заштитата на цивилите во областа. Откако ја преиспитавме ситуацијата, престанавме да испраќаме муниција во Израел“, рече тој на сослушувањето во Сенатот и потврди дека конечната одлука „што ќе се случи со таа пратка“ се уште не е донесена, пренесува Ројтерс.
Администрацијата на САД ја запре испораката на околу 3.500 бомби во Израел минатата недела поради загриженоста за најавената копнена офанзива на Рафах, објави претходно денеска Асошиејтед прес, повикувајќи се на неименуван претставник од администрацијата.
Овој функционер појаснил дека не е донесена конечна одлука за испораката на бомбите и дека во суспендираната пратка имало 1.800 бомби од по 900 килограми и 1.700 бомби со тежина од 226 килограми.
Во понеделникот, израелскиот воен кабинет одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафах за да „изведе воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната најава на Хамас дека се согласува со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.
Европа
Намалениот број на станови доведе до раст на кириите во Германија
Растат кириите во Германија поради немањето станови во услови на високи градежни трошоци и кредити. Сето тоа го запре градежниот сектор и побарувачката, но и ги намали цените на квадратот, се вели во извештајот на здружението на банките.
Становите во Германија поевтиниле за 4,3 отсто во првиот квартал во однос на истиот период лани, објави здружението на германските банки„Pfandbrief“.
Цените за изнајмување на нови станови се зголемени за 5,6 отсто. Трендот на поскапување на кириите нема да запре, оценуваат од здружението.
„Пазарот за изнајмување станови е под огромен притисок. Побарувачката значително ја надминува понудата“, рече извршниот директор на здружението, Јенс Толкмит.
Трошоците за изградба значително се зголемија во последните години поради повисоките каматни стапки на кредитите и значително повисоките трошоци за работна сила и цените на градежните материјали. Во вакви услови се намали бројот на одобренија за градба, а побарувачката ослабе, што резултираше со пониски цени на становите, смета министерот за финансии.
Според податоците на здружението на банките, цените на недвижностите најмногу паднале во Минхен, за 5,3 отсто.
Во исто време, падот на градежната активност го продлабочува „недостигот“ на станови, зголемувајќи го натамошниот раст на закупнината, кој би можел да продолжи уште некое време.
Здружението оценува дека цените на станбените недвижности треба да се стабилизираат во догледна иднина, за разлика од комерцијалните недвижности, како што се деловните згради и трговските центри.
Цените во тој сегмент паднаа за речиси 10 проценти на годишно ниво и се уште не се гледа „дното“, вели првиот човек на здружението.
Проценките се базираат на податоци за работењето на повеќе од 700 банки кои се активни во финансирањето на недвижен имот, а не на понуди за купување и изнајмување кои служат како основа за Заводот за статистика, забележуваат тие во здружението.
Европа
(Видео) Драма на небото над Трст: забележана несекојдневна појава
Во внатрешноста на заливот Трст, во близина на границата со Словенија, во вторникот попладне се формирал вител.
Италијанските медиуми јавија дека невремето не предизвикало материјална штета, ниту било закана за населението. Интервенцијата на пожарникарите и на пристанишните служби не била потребна.
Waterspout reported in the North Adriatic between the town of Muggia and Koper a few hours ago.
Original video shooting from meteoradar
➡️ https://t.co/SXbq5rbWaj pic.twitter.com/XxRu57Gohs— Alpine-Adriatic Meteorological Society (@aametsoc) May 7, 2024
Италијанската метеоролошка агенција објасни дека ваквите појави не се воопшто ретки и дека се резултат на екстремна нестабилност на атмосферата.
Областа на низок воздушен притисок, која владее со поголемиот дел од Италија, донесе влажни струи во Трстскиот Залив.
„Во овие временски услови, неколку пати годишно може да се појават воздушни вртлози, кои во повеќето случаи се распаѓаат на море“, објаснуваат италијанските метеоролози.