Европа
На плажите во Шпанија паника, најбрзата ајкула на светот забележана во Медитеранот
Во шпанските одморалишта владее планика, бидејќи во близина на плажите била забележана најбрзата ајкула на светот која може да се движи со брзина од 70 километри на час, пренесуваат медиумите во светот.
Станува збор за мако ајкула која нуркачите ја забележале на околу 15 километри од брегот на Барселона, што е прво појавување во оваа област во последните 10 години.
Според нуркачите, оваа ајкула може да биде долга и до пет метри. Во моментов, според написите е долга два и пол метри.
Ајкулата сосема случајно ја забележале нуркачите во близина на селото Гараф за време на експедиција на здружението „Китови“. Инаку, ова здружение ги надгледува китовите, делфините и морињата поради длабочината на водите на овој простор.
“Видовме како се движи голема црна сенка. Бевме малку збунети. Но наеднаш видовме дека нешто излегува од морето. Набрзо забележавме грбна перка”, изјавил фотографот за шпанскиот весник „El Pais“.
VÍDEO | Una especie de tiburón de más de dos metros es grabada por primera vez en Barcelona. Estas son las imágenes https://t.co/jtADpjYKB3
— EL PAÍS (@el_pais) July 13, 2022
Иако најмногу предизвикуваше страв, еколозите велат дека појавата на ајкулата е добар знак за медитеранскиот екосистем бидејќи овој вид е повеќе од загрозен.
Експертите додаваат дека големиот предатор е далеку од опасен за луѓето и е клучна компонента на морскиот свет, бидејќи го регулира изобилството на други видови и помага во одржувањето на рамнотежата на морските екосистеми.
Ајкулите пливаат долги растојанија во потрага по партнер за мрестење или плен. Тие главно се хранат со цефалоподи и коскени риби како што се скуша, туна, бонито и сабјарка.
Иако неговата брзина, сила и големина го прават совршено способен да убива луѓе, овој вид генерално не ги напаѓа и не ги третира луѓето како плен, велат познавачите. Се верува дека таа може да нападне само ако некој ја вознемири или се обиде да ја фати на јаже.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германски министер: Дроновите во Белгија се порака да не се допираат замрзнатите руски средства
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес посочи врска помеѓу неодамнешните инциденти со беспилотни летала во Белгија и дебатата за користењето на замрзнатите руски средства што ги поседува белгиската финансиска институција „Еуроклеар“ за финансирање на огромен заем за Украина.
Појавата на беспилотни летала над аеродромите и воените бази стана чест проблем во Белгија во последните денови и предизвика големи нарушувања низ цела Европа во последните месеци. Некои официјални лица рекоа дека инцидентите низ Европа претставуваат „хибридна војна“ на Русија. Москва негираше каква било поврзаност со инцидентите.
„Да, сите го гледаме тоа. И Белгијците исто така. Оваа мерка има за цел ширење несигурност и заплашување на Белгија: Не се осмелувајте да ги допирате замрзнатите средства. Ова не може да се толкува на друг начин“, им рече Писториус на новинарите на прес-конференција во Берлин.
Белгиското Министерство за одбрана одби да коментира неговите изјави, но рече дека „оваа можност веќе е покрената во Белгија“. Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека на неговата земја ѝ се потребни конкретни и цврсти гаранции пред да спроведе план за користење на замрзнатите руски средства за да ѝ помогне на Украина во борбата против руската инвазија.
Ставот на Белгија е клучен бидејќи белгиската финансиска институција Евроклер држи замрзнати руски средства. Белгискиот аеродром во Лиеж ги продолжи летовите откако привремено го прекина сообраќајот во понеделник поради забележан дрон, втор ваков инцидент оваа недела.
Дроновите забележани над аеродромите во главниот град Брисел и источниот град Лиеж пренасочија бројни летови и приземјија некои авиони што требаше да полетаат пред три дена. Белгиската влада вчера свика итен состанок на клучните министри и шефови на безбедносни служби за да разговараат за она што министерот за одбрана го опиша како координиран напад.
фото: принтскрин
Европа
Данска ќе ги забрани социјалните мрежи за децата под 15 години
Данска ќе ја забрани употребата на социјалните медиуми од страна на деца под 15 години, соопшти денес данската влада, но родителите ќе можат да дадат согласност за пристап до одредени платформи за деца на возраст од 13 години и повеќе.
Овој потег доаѓа откако премиерката Мете Фредериксен во говорот пред парламентот во октомври повика на ограничувања за користењето на социјалните медиуми од страна на децата поради загриженост за менталното здравје на младите. „Таканаречените социјални медиуми сè повеќе им го крадат времето, детството и благосостојбата на нашите деца, и ние сега ставаме крај на тоа“, изјави министерката за дигитализација Каролин Стејџ Олсен.
Повеќето партии во парламентот изјавија дека ќе го поддржат планот пред официјалното гласање. Snapchat, YouTube, Instagram и TikTok се најпопуларните платформи на социјалните медиуми за деца во Данска, соопшти владата.
Според анализата од февруари на Данскиот орган за конкуренција и потрошувачи, младите луѓе во нордиската земја поминуваат просечно 2 часа и 40 минути дневно на социјалните медиуми. Данска ја следи Австралија, која минатата година ги забрани социјалните медиуми за деца под 16 години.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: На Украина ѝ е потребна меѓународна помош за заштита на енергетската инфраструктура
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина ѝ е потребна меѓународна помош за да ја заштити својата енергетска инфраструктура од руски напади.
Зеленски во видео порака рече дека системите за воздушна одбрана и заштитата на енергетската инфраструктура се „највисоки приоритети со оглед на руските напади“.
„Всушност, нашите добавувачи на енергија, тимови за поправка и силите за цивилна одбрана се зафатени со обновување на областите по нападите секој ден“, рече Зеленски, апелирајќи за помош од меѓународната заедница.
Четврта зима од војната
Додека војната влегува во својата четврта зима, руската војска повторно систематски ги гранатира електраните и трафостаниците за да го прекине снабдувањето со електрична енергија, греење и вода на украинското население.
Укренерго соопшти дека во четврток повторно се планирани фазни прекини на електричната енергија низ целата земја за да се стабилизира мрежата.
фото: принтскрин

